Времето бргу минува, но ако точно се сеќавам, пред околу пет години ми се јави еден близок пријател, инаку пасиониран аудиофил, и ме повика да слушнеме две нови аудио компоненти. Засилувач и предзасилувач сместени во елегантни тенки кутии со беспрекорна изработка и мошне софистициран дизајн. Секој што видел производи од Densen, Primare, Musical Fidelity Aura од почетокот на деведесеттите години на минатиот век со леснотија ќе ја разбере асоцијацијата и уживањето во примамливата естетика на двете компонети со кои се сретнав првпат во домот на својот пријател. Ја поседуваа истата безвремена естетика интерпретирана на современ начин и на највисоко технолошко ниво, во смисла на изработка, детали, влезни и излезни конектори, но и покрај впечатливата појава, не ми беа познати. “Што е ова?” беше неизбежното прашање… “Теохаров, направено во Скопје”...