Емитер 7-12/2020.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Времето бргу минува, но ако точно се сеќавам, пред околу пет години ми се јави еден близок пријател, инаку пасиониран аудиофил, и ме повика да слушнеме две нови аудио компоненти. Засилувач и предзасилувач сместени во елегантни тенки кутии со беспрекорна изработка и мошне софистициран дизајн. Секој што видел производи од Densen, Primare, Musical Fidelity Aura од почетокот на деведесеттите години на минатиот век со леснотија ќе ја разбере асоцијацијата и уживањето во примамливата естетика на двете компонети со кои се сретнав првпат во домот на својот пријател. Ја поседуваа истата безвремена естетика интерпретирана на современ начин и на највисоко технолошко ниво, во смисла на изработка, детали, влезни и излезни конектори, но и покрај впечатливата појава, не ми беа познати. “Што е ова?” беше неизбежното прашање… “Теохаров, направено во Скопје”, гласеше одговорот.
И она што изгледаше како пилот-проект на човекот кого го познаваме долго време и со кого сме се сретнале многупати, во многу пригоди, делејќи го истиот град, истите улици, прерасна во препознатлив бренд за којшто сä почесто се зборува меѓу луѓето кои го ценат добриот звук, и тоа не само локално.
Иако изминативе години внимателно ја следевме неговата работа и развој, случувањата и промените во Емитер не спречија порано да ја направиме оваа презентација. Но конечно, со отворањето на аудио салонот Аудио култура, сите коцки се склопија и дојде “вистинското време“ на читателите на Емитер да им го претставиме брендот Теохаров и неговиот идеен творец.
Со Веселин Теохаров разговаравме во извонредно опуштена атмосфера во новоотворениот аудио салон, мошне интригантно наречен “Аудио Култура”, последниот производ реализиран од работилницата на Теохаров.
Овој простор кој е замислен да биде многу повеќе од продавница за аудио компоненти и кој ќе биде предмет на засебен осврт на страниците на Емитер, претставуваше идеално место за разговор со младиот конструктор. Опкружен со своите креации кои сами зборуваат за ориентацијата на Теохаров кон врвен инженеринг и квалитет, и токму со квалитетот во негова апсолутна смисла и го отпочнуваме разговорот.
Интересно е што принципот на високоверната репродукција, кој беше заснован на подобрување на својствата на уредите дизајнирани за оваа намена, вклучувајќи ги и носачите на звук, кој кон крајот на минатото столетие беше разнишан од самата индустрија. Таа, пак неможејќи подобро поради технолошките ограничувања, ја нудеше музиката во формати со (мошне) низок квалитет со цел да ја направи подостапна, а со тоа и попривлечна за консументите. Тоа создаде нови генерации за кои форматите со висок степен на компресија беа сосема нормални, а високоверната репродукција на аудио во домашни услови – “работа” од минатото. Денес стримингот на аудио со таканаречен квалитет за висока верност е стандард, музиката на винил воскресна; се појавуваат нови техники на снимање и репродукција на музика и аудио, генерално далеку над она што можело да се замисли, но по сè изгледа дека на најголем дел од луѓето едноставно повеќе не им е грижа. Мобилниот телефон е уредот преку кој се конзумира музика, а за мнозинството, безжичните boom-box-ви со Bluetooth конекција се врвно достигнување во квалитетната репродукција на звук.
Зошто “Теохаров” и зошто сега?
Веселин се согласува со насмевка, но верува дека постои и секогаш ќе постои група на консументи за кои репродукцијата на музика со висока верност ќе биде еден од предусловите за квалитетно живеење. Токму за нив се наменети дизајнерскиот пристап и производите на Теохаров, за кој квалитетот е основниот мотив, двигател и цел од кој нема намера да отстапи.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-12/2020. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.