Пред 35 години, во тогашниот турбулентен hi-fi свет се појави една нова, мала британска фирма со име audiolab, со мала почетна буква во називот, но со голем и значаен прв производ – интегрираниот засилувач audiolab 8000a. Тоа беше вистински аудиофилски засилувач, со соодветно висока цена, која потполно беше оправдана од испорачаниот висок квалитет на звукот. Засилувачот 8000a долгa низa години беше во врвот на hi-fi топ-листите, но потоа полека еволуциски се развиваше во сегашната верзија 8300а, која и понатаму заслужено ја носи својата висока цена.
Согледувајќи ја потребата на аудиофилите со поплиток џеб, audiolab создаде поевтина, но истовремено и трендовски модерно опремена верзија на славниот засилувач, во ликот на новиот интегриран засилувач 6000а. За разлика од поскапиот, спартански едноставен аналоген стерео засилувач 8300а, во новиот засилувач 6000а е вграден D/A конвертор со којшто можете директно да ги репродуцирате дигиталните аудиосодржини од вашиот компјутер. D/A конверторот е формиран околу 32-битниот чип ES9018 Sabre 32, производ на ESS Technology, кој со својата HyperStream архитектура и Time Domain Jitter Eliminator обезбедува чиста и прецизна музичка експресија на дигиталниот аудио материјал. Како дополнување, вграден е AptX Bluetooth приемник. Во предзасилувачкиот дел вграден е фоно предзасилувач за moving magnet грамофонска глава, изведен со селектирани JFET дискретни транзистори. Излезниот засилувачки степен со дискретни биполарни комплементарни транзистори дава моќност од 50 W на 8 оми, но со можност да испорача до 9 ампери на ниски импеданси и големи фазни поместувања. Големиот 200 W трансформатор потпомогнат од масивната исправувачка секција од 60 000 μF (!) ја заокружува целата слика за овој извонреден засилувач.
Со оглед на вградениот супер квалитетен D/A конвертор, за репродукција на CD дискови, на audiolab 6000a му е потребен само CD транспортот audiolab 6000 CDT. CD transport всушност е CD репродуктор (player) без D/A конвертор. Во CD транспортот, audiolab 6000 CDT е употребено софистицирано решение со look-ahead бафер за корекција на грешки при исчитувањето на CD дисковите, и посебен кристален осцилатор за минимален jitter.
Новата серија 6000 беше претставена пред нецели 5 месеци, на саемот High End Show 2018 во Минхен, а веќе е од 1 ноември оваа година ќе стане достапна за набавка и кај нас, во салонот на Зец Електроникс (ТЦ Капиштец, Скопје)