Нови дискови, да или не? (Емитер 4-6/2017)

Почитуван ЕМИТЕР,
Поседувам автомобил “Пежо Партнер”. На рутинскиот сервисен преглед мојот автомеханичар ми рече дека диск плочките се истрошени и оти треба да се заменат со нови, и диск-плочките и дисковите. За задните кочници рече дека се добри. Сакам да знам што ме советувате Вие по ова прашање, т.е. дали да ги заменам и дисковите со нови (или можат старите дискови да останат) и зошто задните сопирачки се добри а предните се истрошени? Многу ви благодарам за одговорот.
Ве поздравува вашиот верен читател,
Душко Игњатовски

Прво ќе одговорам на второто Ваше прашање: предните сопирачки побрзо се трошат (и обично се поробусни) од задните затоа што тежиштето на вашиот автомобил е изразито поместено нанапред и логично е предните тркала да преземат поголем процент (главницата) од вкупната сила на сопирање кога возилото е празно или малку оптоварено, што е најчест случај. Тоа конструктивно се реализира со помош на специјални регулатори на притисок на глицеринот, кои кога не е товарена (оптоварена) колата го насочуваат притисокот кон предните сопирачки, а на задните тркала тој е или ништожен (при мали и благи прикочувања) или многу мал (согласно со односот на оптоварување на предните и задните тркала од вкупната маса на возилото). Од тука следува дека векот на траење на задните сопирачки е речиси колку и векот на траење на автомобилот т.е. тие само се контролираат, а ретко се обновуваат или се поправаат. А сега одговорот и на првото Ваше прашање: Исправност на дискот се оценува според изгледот на неговата работна површина и според неговата дебелина. Изгледот на работната површина (тоа е онаа површина што ја притискаат диск-плочките) не смее да е нагорена (од интензивни, долготрајни и нестручни сопирања на обично претоварен автомобил) и таа површина мора да биде мазна, без големи и нагли испакнатини и вдлабнатини. Минималната дебелина на дискот е пропишана од неговиот производител и тој податок можете да го најдете во сервисното упатство или е втиснат на некое пасивно место на самиот диск. Тоа значи дека по обработката на дискот на струг, неговата дебелина не смее да е помала од оваа вредност. Тоа, пак, редовно значи дека ако дебелината на дискот по обработката е блиску до неговата минимална дебелина, тој задплжително се заменува со нов. Оваа дебелина може да ја процени стругарот кој треба да го израмни дискот. Сепак, јас Ви препорачувам да го уважите барањето на Вашиот мајстор и да постапите според неговата оцена, т.е. да ги замените со нови и дисковите и диск-плочките со квалитетни, т.е. оригинални, без оглед на нивната цена. Сопирачките секогаш се поправаат во пар (двете предни и двете задни – без исклучок)!

Томе Скендеровски


MLTQWP звучник со VISATON BG-20 (Емитер 4-6/2017)

Здраво уредништво на Емитер!
Кај еден пријател-хобист слушав музика на звучници коишто беа со интересна конструкција и убав звук. Тој ми рече дека се во некаква MLTQWP изведба. Се заинтересирав и најдов еден проект за оваа MLTQWP изведба со звучник BG-20 од Visaton. Звучникот е full range со 50W на 8 ома и го има во “Логинг електроник” во Скопје, па сметам дека ќе биде интересен за градба. Ви испраќам и цртеж за MLTQWP кутијата со овој звучник, а повеќе информации има на следниов форум http://forum.vegalab.ru/showthread.php?t=63008&page=2 .
Со рускиот јазик сум слаб, па затоа некои работи ми останаа нејасни. Се надевам дека вашиот соработник Филевски ќе направи, во догледно време, ваков проект со кој претпоставувам многу читатели на Емитер ќе бидат задоволни.
За крај, само продолжете со Емитер со убави теми, а ние, читателите-хобисти ќе ве следиме и понатаму.
Голем поздрав од
Пере (Петруш Армагедон)

Широкопојасниот звучник Visaton BG 20 има Thiele-Small параметри идеални за бас-рефлекс кутија со волумен околу 50 – 60 литри (ако може да се верува на декларираните Thiele-Small параметри). Секоја друга кутија (TL, MLQWP, TQWP) претставува апсолутно непотребна компликација во овој случај.
Треба да се има предвид дека амплитудно-фреквенциската карактеристика на Visaton BG 20 не е рамна, па неопходно е да се примени сложена пасивна еквализација (калеми, кондензатори и отпорници) или активен еквилајзер (1/3 октава или параметарски).
Владимир Филевски


Сакам да направам гитарски засилувач (Емитер 9-10/2016)

Здраво,
ми треба гитарски засилувач, односно ми треба само плочката со прикачени компоненти.
Имам 2 звучника Kenwood KFC-1377со импенданса 4 оми, Peak Power 120 вати и RMS Power 2-30 вати, овие звучници сакам да ги врзам сериски за да имаат импенданса 8 оми и да ги поврзам со плочката, односно засилувачот. Дали би можеле да направите таква плочка со прикачени компоненти и да има контроли за нагодување на јачината на звукот, басот и дисторзијата. Колку би ме чинело тоа доколку можете да го направите?
Имајте пријатен ден,
Виктор

Во секој број на ЕМИТЕР, а исто така и на нашата интернет-страница, во делот наменет за нарачка на плочки со печатени кола (ППК), стои следниов текст:
“Напоменуваме дека ЕМИТЕР не продава електронски елементи, кит-комплети, склопени модули или готови уреди. За тоа обратете се до фирмите и поединците кои тргуваат со електронски материјали - погледнете ги рекламите и малите огласи во списанието. Комплети делови (кит-комплети) можете да набавите од нашиот бизнис партнер ГАЦ електроника.”
https://emiter.com.mk/ppk.php
Во ЕМИТЕР се објавени следниве проекти наменети за електрични гитари:
ЕМИТЕР 2/1995: “Универзален гитарски предзасилувач”
ЕМИТЕР 3-4/1996: “Гитарски засилувач EGA 16W”
ЕМИТЕР 6/1998: "Дисторзија за гитара”
ЕМИТЕР 1-4/2007: “100W гитарски засилувач”
ЕМИТЕР 1/2013: “Универзален гитарски предзасилувач”
Повеќе проекти и информации на
https://emiter.com.mk/prebaruvanje.php?fraza= %D0%B3%D0%B8%D1%82 %D0%B0%D1%80&rubrika=8
Разгледајте ги тие проекти, одберете го најпогодниот и побарајте во малите огласи во ЕМИТЕР некој кој изработува проекти од ЕМИТЕР.
Владимир Филевски


Збирен преглед на соржините на ЕМИТЕР за полесно пребарување (Емитер 9-10/2016)

Почитувани,
Сакам да ве прашам дали постои можност да ми испратите список на содржини од постарите броеви на ЕМИТЕР во PDF или во каков било друг формат со кој полесно ќе можам да пребарувам за проектите и статиите од постарите броеви на ЕМИТЕР. Списанието го купувам уште од 1998 година.
Поздрав,
Анте Митар

Преглед на содржините на сите броеви од тековната година (Годишен индекс) е објавен во пос-ледниот број за секоја година. Го има и во печатеното списание, а како PDF документ и на нашиот веб-сајт. Значи, отидете на нашиот сајт www.emiter.com.mk и преку менито Претходни броеви отворете ги страниците на секој последен број од секоја година на излегувањето на ЕМИТЕР. Во секој последен број најдете ја рубриката Годишен индекс и отворете ја, па преземете го PDF документот со годишниот индекс за таа година. За минатата 2014 година, еве директен линк
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=4847
Така ќе ги симнете сите збирни прегледи на содржините за сите години, па ако сакате можете да ги споите во еден PDF документ низ кој ќе пребарувате по одредени зборови.
Освен ваквиот начин на пребарување низ содржините на ЕМИТЕР, јас, како подобро решение, ви го препорачувам модулот за пребарување на нашиот веб-сајт. Тука можете да пребарувате по клучни зборови и по рубрики, а пребарувањето не се прави само во насловите на статиите (како во годишниот индекс) туку и низ сите содржини кои постојат на веб-сајтот за секоја наша статија (наслов, апстракт, клучни зборови, дел од текстот, потребен материјал и др.).
Верувам дека и на едниот и на другиот начин лесно ќе ги лоцирате содржините што ги барате.
Слободан Таневски


Инвертор за пумпа за централно греење (Емитер 9-10/2016)

Поздрав до вашата редакција и до целокупниот тим што работи во вашето списание и веб-сајт. Ние сме Ваши читатели, како на списанието така и на вашиот веб-портал. Сакаме да прашаме: како да се изработи претворач на струја од акумулатор 24V да претвори струја во 220V и да храни потрошувач од 100W. Се работи за пумпа за греење. Доколку снема струја, да се активира акумулаторот и да продолжи пумпата да работи додека не се испразни акумулаторот или пак да дојде струја, со што би избегнале хаварија во системот за греење (ова важи за котли на дрва).
Голем поздрав и однапред ви благодариме за посветеното време на вашите читатели.
Александар – Делтатерм дизајн

За таа намена можам да ви го препорачам проектот “Едноставен моќен инвертор од 12Vdc на 230Vac” од бројот 7-8/2005, со промена на трансформаторот.
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=1424
https://emiter.com.mk/pisma.php?godina=2010&broj=116
Спомнатите броеви можете да ги набавите според условите дадени во рубриката “Претходни броеви” во списанието и на нашиот веб-сајт: https://emiter.com.mk/prethodni.php
За овој проект имаме и готови печатени плочки – за цените и условите за набавка, погледнете на https://emiter.com.mk/ppk.php?godina=2005&broj=96
Слободан Таневски


Неисправен потенциометар во засилувач YAMAHA A970 (Емитер 9-10/2016)

Здраво,
Имам еден проблем и неколку конкретни прашања за истата тема. Имам стар засилувач Yamaha dsp A 970, кој почна да прави проблеми: се губи едниот канал и крчи високотонецот, најверојатно е отиден потенциометарот за регулација на јачината. Каде може да се набават вакви големи потенциометри 100 килооми x7 со редуктор? Може ли потенциометаров да ги расипе звучниците што ги користам, со оглед на тоа што на едниот канал се гаси звукот, па одеднаш се вклучува, да не се оштети високотонецот? Звучниците се нови и се многу помоќни од засилувачот кое е 60 вати, а звучниците се Monitor audio RX 2 со моќност 100 вати и RX 8 со моќност од 175 вати. Врзани се редно RX 2 со RX 8 се добива 10 оми отпор по канал. Дали би помогнало ако се прочисти потенциометарот од прашина со контакт-спреј?
Поздрав,
Марјан Крстевски

Погрешно е сериското поврзување на два различни звучника!!! RX8 да се користи за преден пар звучници, а RX2 за заден пар звучници во surround системот.
Потенциометри се продаваат во продавниците за електроника “Логинг електроник”, “ГАЦ елек-троник”, “БТ електроник” и “Алфа електроника”. Но ако потенциометарот во тој засилувач е по нешто специфичен (по габарит или распоред на изводи), можно е да немаат таков. Во тој случај, има 4 решенија:
• продавницата (ако има можност) да го нарача за вас;
• да го набавите во овластениот сервис на Јамаха;
• да го нарачате самите преку интернет;
• да користите друг модел со истата вредност со соодветни приспособувања.
Чистење на потенциометарот со контакт-спреј може да помогне, но само како привремено решение.
Владимир Филевски


Засилувач за звучници Panasonic SB-AK210 (Емитер 9-10/2016)

Здраво ЕМИТЕР,
Сакам да направам засилувач за звучниците Panasonic SB-AK210 (слика во прилог). Дали би можеле да ми препорачате некоја соодветна шема?
Ви благодарам однапред,
Александар Стојановски

Звучниците Panasonic SB-AK210 не можат директно да се поврзат на класичен стерео заси-лувач, бидејќи во нив не е вградена пасивна свртница. Во секоја звучна кутија SB-AK210 е вграден еден бас-звучник од 16 cm и едно широкопојасно звучниче од 6 cm. Моќноста на секоја звучничка единица е декларирана на 110 W, но тоа се однесува на некоја имагинарна музичка моќност, а во реалноста можат да издржат најмногу 50 W. Звучниците Panasonic SB-AK210 се дел од мини-системчето Panasonic SC-AK210, во кое има електронска свртница и два стерео засилувача со декларирана моќност од 55 W на 6 оми, при 10% изобличување (реално – 40 W при мало изобличување). Затоа, ако сакате да ги користите звучниците на истиот начин, ќе треба да направите една стерео активна свртница и два стерео засилувача со моќност до најмногу 50 W по канал на 4 оми (мерено при мало изобличување). Засилувачите можат да се направат со популарните интегрирани кола LM 3886 или TDA 7294.
Второто решение е да се направи пасивна свртница за звучниците SB-AK210 и да се користи само еден стерео засилувач (без активна свртница, се разбира). Ако сакате бесплатно да ви проектирам оптимизирана пасивна свртница за тие звучници, јавете се на contact@audioexpert.com.mk.
Владимир Филевски


Откривање на неисправна свеќичка (Емитер 1-2/2015)

Почитуван ЕМИТЕР,
Поседувам автомобил “Сузуки Марути” кој во последно време немирно ми работи, потешко стартува и има намалена силина на моторот. Се сомневам дека некоја од свеќичките престанала со работа па, со оглед на тоа што е тежок пристапот до нив, би ве замолил да ми кажете како да ја детектирам расипаната свеќичка и само неа да ја заменам.
Ви благодарам на одговорот и срдечно ве поздравувам пожелувајки уште долго да се читаме.
Гоце Јаневски

Ќе посочам две методи со кои можете да детектирате неисправна свеќичка. Првиот метод се базира на детектирање топлина со прстите од раката, тргнувајќи од фактот дека кога се работи за неисправен цилиндар, тој не произведува топлина, а вториот метод е наречен баланс на снага и детекцијата се врши со слушање и следење на вибрациите од моторот.
Прв метод: потребно е моторот да е ладен (долго време бил во мирување) и потребно е со прстите од раката да имаме пристап (да можеме да ги допреме) цевките од издувниот колектор (грана) кога тие излегуваат од главата на моторот (деклата). Најчесто на горниот дел од издув-ниот колектор има лим на кој е приклучено цревото за топол воздух од системот за вцицување воздух од моторот, но најчесто пристапен е долниот дел од издувниот колектор во делот на цевките од поодделните цилиндри (оние кои штотуку излегуваат од главата на моторот). Доколку цевките од издувниот колектор се недостапни за нашите прсти, тогаш овој метод е неупотреблив за вашето возило. Процедурата е следна: го стартуваме моторот и оставаме да работи 5 до 10 секунди на малку позасилен гас. Го исклучуваме моторот и веднаш приста-пуваме со прстите до издувните цевки од поодделните цилиндри (ги допираме детектирајќи топлина – тие треба да се малку загреани). Доколку некоја цевка е ладна, тогаш тој цилиндар не е во функција и најверојатно неговата свеќичка е расипана. Од гаснењето на моторот до допирањето на издувните цевки треба да помине што е можно помалку време (брзо да се направи ова) за да не дојде до изедначување на температурите на сите цевки, а со тоа методот да стане неупотреблив. Забелешка: бидете внимателни при допирањето на цевките и внимавајте да не се изгорите!
Втор метод: Вториот метод е наречен баланс на снага и е често употребуван метод во автоме-ханичарскиот занает (види во ЕМИТЕР 1/13). Идејата е со слушање и гледање да се детектира промена во работата на моторот кога од работа би се исклучила некоја свеќичка. Процедурата е следна: моторот се стартува и работи на лер гас. Се трга високонапонскиот кабел од првата свеќичка. Ако моторот го намали бројот на вртежи и почне да се тресе со тенденција да престане со работа, тогаш ќе заклучиме дека таа свеќичка (тој цилиндар) е во ред и се враќа назад високонапонскиот кабел (се приклучува на свеќичката). Постапката се повторува и со сите преостанати свеќички (цилиндри). Ако при исклучувањето на свеќичката (високонапонскиот кабел е оддалечен од приклучното место од свеќичката 5 до 10 сантиметри) не се забележи промена во работата на моторот, тогаш ќе заклучиме дека таа свеќичка (цилин-дар) не е исправна. Забелешка: можно е кога високонапонскиот кабел го држите во раката да ве “пецне” струја, што не е опасно, но е непријатно. Затоа, високонапонските кабли тргајте ги со изолирана клешта (комбинирка или плосната) или со кожени ракавици.
Сепак, јас ви препорачувам да настапите професионално и да ја проверите и разводната капа на можна пукнатина (најчесто меѓу две клеми), да ги проверите приклучоците на високо-напонските кабли (дали се сигурно приклучени во разводната капа и на свеќичките), да ги проверите високонапонските кабли од аспект на нивната спроводност и изолација, да ги про-верите свеќичките од аспект на зазорот на електродите, како и да ги замените со нови доколку нивниот ресурс поминал (најчесто свеќичката што подолго време била вон функција е влажна, па тоа е сигурен знак за нејзиното неработење). Новите свеќички мора да се оригинални или заменски. Ако треба да бирате меѓу поскапи и соодветни (заменски), а поевтини, изберете ги поевтините. Во ознаката на свеќичката шифрирано се дадени податоци за нејзината топлотна вредност, должина на навојот, начинот на затинање (конусно или челно затинање) и некои други податоци. Затоа безусловно мора да се почитуваат препораките за типот на свеќичките од производителот на моторот (автомобилот). Потоа, добро е да се измери и компресијата на моторот (види во ЕМИТЕР 2/13). При ова, сигурно ќе го детектирате (дијагностицирате) дефектот и него на долг рок ќе го отстраните без да ви се поткрадне можност за брзо повторување или да доживеете некои други непријатни изненадувања во овој сегмент од вашиот мотор.
Томе Скендеровски


Прилог кон полемиката “Смарагдна плоча” (ЕМИТЕР 11/12 - 2014) (Емитер 1-2/2015)

Усвоениот формат на полемиките во рубриката “На граница на науката” не ми дозволува контрареплика во истиот број на ЕМИТЕР, што е фер и сосема во ред. Досегашното акумули-рано искуство од речиси 3 години полемики на разни теми покажа дека немало потреба од контрареплики. Но, во овој случај сепак одлучив да реагирам, со цел да не оставам да висат некои отворени прашања.
Мојот почитуван опонент, г. Спасевски во репликата на мојот текст напиша: “Кога (Филевски) тврди дека на 4 јули 2012 биле објавени првите докази за постоењето на “Хигсовиот бозон”, намерно или не, не наведува дека тогаш е откриен доказ за постоење на честичка слична на Хигсовиот бозон, а тоа е запишано на официјалната страница на Церн:
http://home.web.cern.ch/about/updates/2013/05/birth-higgs-boson “.
Тука г. Спасевски ја прекинува реченицата на најинтересното место и не ги наведува следните две реченици од истиот текст од официјалната страница на ЦЕРН. Еве го целиот текст:
“Во јули 2012, екипите од ATLAS и CMS објавија дека откриле нова честичка со маса околу 125 GeV. Во оваа рана фаза беше употребуван изразот “бозон налик на Хигсов” за да се означи бозон чии карактеристики допрва требаше целосно да се испитаат. Благодарение на врвните перформанси на LHC, во втората половина од 2012 година беа испорачани 4 пати повеќе пода-тоци на 8 TeV, отколку што беа употребени во анализата која доведе до “откритието” (од јули 2012). Вака опремени, експериментите можеа да презентираат нови резултати во март 2013 со доволно податоци новиот бозон да може се нарече Хигсов бозон”.
Значи, CERN на истата страница кажува дека го потврдиле откритието токму на Хигсовиот бо-зон, а не некој друг бозон што е само налик на Хигсовиот.
Мојот опонент ја посочи сензационалистичката интернет-страница http://alchemylab.com/hyper_history.htm како “доказ” дека сум во заблуда околу датирањето на “Смарагдната плоча”, но токму на истиот тој линк пишува: “Најраниот превод што преживеал е... напишан околу 650 година!” Слично, на посочената втора, овојпат научно ориентирана, интернет-страница www.sacred-texts.com/alc/emerald.htm пишува: “(Јулиус) Руска најде друга верзија додадена на Kitab Sirr al-Khaliqa... оваа книга може да била напишана уште во 650 година!” Да потсетам, во врска со датирањето јас напишав: “Текстот “Смарагдна плоча” првпат се појавува во еден дел од арапската книга од 8. век Kitab sirr al-khaliqa... се претпос-тавува дека “Смарагдната плоча” настанала меѓу 6. и 8. век”. Годината 650 што е спомната во обата линка е токму на средината меѓу 6 и 8 век.
Во одличната книга “Tabula Smaragdina”, научникот Julius Ruska претпоставува дека алхемис-киот текст “Смарагдна плоча” е напишан околу 650 година, а не претходно!
Мојот опонент ми препорача да ги прочитам сите 14 верзии на преводи (на англиски) на текстот “Смарагдна плоча” на линкот www.sacred-texts.com/alc/emerald.htm, за да ја најдам верзијата од анонимниот автор што тој ја превел на македонски. Јас и пред неговата препорака ги имав прочитано сите 14 англиски верзии од тој линк. Токму затоа и се чудев која е таа верзија, бидеј-ќи понудениот македонски превод од мојот опонент воопшто не личи на ниту една од тие 14 верзии, а особено сум сигурен дека англиските еквиваленти на нашите зборови “честичка” и “експлозија” не постојат во ниту една од тие верзии – во што секој може да се увери. Бидејќи не постојат зборовите “честичка” и “експлозија”, тогаш како кула од карти се распаѓа конструкци-јата за наводната врска на текстот “Смарагдна плоча” со Хигсовиот бозон и со настанокот Биг Бенг.
На крајот, да одговориме на суштинското прашање: каков придонес му дала алхемијата на чо-вештвото во последниве 350 години? Одговорот е – едно големо НИШТО! Кога тоа ќе го спо-редиме со сето она што хемијата му го дарила на човештвото во истите тие 350 години, претходниот одговор уште повеќе добива на тежина.
Се надевам дека јас и мојот почитуван опонент г. Љупчо Спасевски и понатаму ќе продолжиме да успеваме во нашата заедничка мисија да пронаоѓаме интересни теми и да полемизираме за нив, на задоволство на читателите на ЕМИТЕР.
Владимир Филевски


AC/AC step-down конвертор од 230V на 120V со излезна фреквенција од 60Hz (Емитер 1-2/2015)

Ова писмо е прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор е награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР. 

Здраво,

Се обидувам да најдам конвертор на напон за уред со мала моќност што бара напојување по американски стандард: Input: 230V/50Hz, Output: 120V/60Hz, Power: 50-100 W. Она што се нуди во нашите специјализирани продавници за електроника е само конвертор на напон, но не и на фреквенцијата. Бидејќи уредот има магнетен мотор, битна му е влезната фреквенција и на 50Hz секако дека ужасно бучи. Би ве замолил доколку сте во можност да ми дадете совет бидејќи веќе подолго време безус-пешно се обидувам да најдам ваков конвертор.

Поздрав,

Дејан Панов - скопјанец

Има два типа конвертори за 230V/115V. Едниот е поевтин, чисто електронски, базиран на тријак кој го преполовува напонот од 230V на 115V но, брановиот облик на овој напон не е синусоиден, како што е мрежниот, туку овој бранов облик наликува на заби од ајкула. Без да влегуваме во теории, ќе кажам само дека овој бранов облик е крајно неповолен за напојување индукционен мотор. Индукциски мотор треба да се напојува со напон со синусоиден бранов облик. Значи, овој конвертор не е добар за ваков потрошувач, но за секој друг е добар. Втората варијанта е трансформатор или автотрансформатор 230V/115V/150VA. Овој има ефек-тивна вредност на напон 115V и синусоиден бранов облик, но фреквенција 50Hz наместо 60Hz. Според мене, ова не би требало да претставува голем проблем за моторот. Тоа можеби изгледа како голема разлика, но не е во поглед на магнетското коло и конструкцијата на моторот која е да не речам иста за у:50Hz како и за 60Hz. Тоа се исти материјали (динамолимови, алуминиумски кафез и лак жица). Пониската фреквенција малку ќе го забави моторот, така што ако тој на 60Hz има 3600 rpm сега (на 50Hz) ќе има 3000rpm, или пак ако имал 1800 rpm, сега ќе има 1500 rpm, и незначително ќе се изгуби на механичка моќност. Бучење не би требало да има со трансформатор и покрај пониската фреквенција. Конвертор 230V/50Hz на 115V/60Hz со чист синусен напон на излезот не сум сретнал да изработува или пак да продава некој, ниту пак има сметка да се прави. Кирил Крстевски Претворувач на напон од 230V/50Hz на 120V/60Hz, па и со мали моќности, не е воопшто едноставен уред и затоа тој е тешко изводлив во самоградба. Основните негови компоненти се: 230V/50Hz > исправувач > Step-down конвертор (вообичаено 48V/44kHz) > ВФ трансформатор > ВФ исправувач > DC конвертор на 120V/60Hz. Ништо тука нема едноставно, и затоа, ваквите уреди се мошне скапи и се употребуваат само во случај да не може да се замени моторот со соодветен на 230V/50Hz. Ваков индустриски изработен претворувач може да се најде само за индустриска, професионална или за воена употреба и за некој таков со моќност од само 100W треба да се издвојат неколку стотини евра. Значи, таков уред нема да најдете во малопродажната мрежа. Немам информација дали некои од оние што увезуваат индустриска електрика и електроника во Македонија имаат увезено ваков уред со мала моќност, но во Солун или во Софија, без проблеми соодветен индустриски модул за вградување може да се најде во продавици што продаваат резервни делови за индустриска електроника.

Емилијан Иљоски


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.