Проблеми со VGA конекторот и плочката ППК1140 (Емитер 10/2013)

Здраво,
Го изработувам конверторот на VGA видеосигнал во композитен видеосигнал од Емитер 11/2011 и имам проблем со плочката (ППК1140) и конекторот. Имено, кога VGA конекторот ќе го поставам на плочката од страната на елементите, редоследот на пиновите изгледаа наопаку. За да биде како што треба потребно е конекторот да го поставам од страната на бакарните водови. VGA конекторот го имам извадено од стара графичка картичка. Дали плочката е погрешно направена или јас имам погрешен конектор кој што не одговара?
Поздрав,
Драган Стојчевски

Бидејќи авторот на написот и проектот, Петар Аврамовски, моментално е презафатен со работата на својата докторска дисертација јас го проверив распоредот на пиновите за VGA конекторот, цртежот на ППК во Емитер и разгледав неколку фотографии од прототипот, па според тоа можам да заклучам дека авторот користел конектор со прави изводи (од VGA кабел) кои потоа со жички ги споил надолу на плочката (под 90 степени). Така неговиот конектор всушност е обратен од оние кои фабрички имаат изводи надолу (под 90 степени во однос на влезот на конекторот).
Ако и вашиот конектор е со прави изводи направете го истото и вие, а ако имате конектор со изводи надолу тогаш или ќе треба обратно да го залемите или, пак, да го монтирате на кутијата од уредот па со жички да ги споите соодветните изводи со соодветните лемни места на плочката. Мислам дека ова е полесно отколку да сечете и крпите водови на плочката.
Инаку прототипот на VGA конверторот функционира одлично, во што самите можете да се уверите од фотографиите и филмчето на нашиот веб сајт
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=3863
Слободан Таневски


Американски агрегат во Македонија (Емитер 9/2013)

Ви пишувам за едно техничко прашање, за кое некое време не можам да најдам одговор. Се надевам вие ќе можете да ми помогнете.
Имам набавено агрегат од САД кој е со моќност од 3600W, меѓутоа за напон од 110-120V според американскиот стандард. Дали постои можност на некој начин да се трансформира напонот во 220V и, доколку постои, што е потребно и кој би можел тоа да го направи?
Ви благодарам,
Александар - Ејсмен

Мрежното напојување во САД е 110-120 V со фреквенција 60 Hz, додека кај нас е 230 V/ 50 Hz. Освен промена на напонот, мора да се направи и промена на фреквенцијата што ја дава генераторот, инаку сите мотори ќе вртат побрзо.
Повеќето генератори имаат можност за внатрешно преврзување, па со паралено внатрешно поврзување се добива излез од 110 V (115 V), а со сериско поврзување се добива 220 V (230 V). Под заштитната плочка на кутивчето за излезниот конектор би требало да има дијаграм за преврзување, а истото би требало да е објаснето во прирачникот за употреба на агрегатот. Излезниот осигурувач мора да се замени со друг со номинална струја на прекинување половина од затекнатата (ако бил 30 A, да се замени со 16 A).
Следното што треба да се направи е да се намали брзината на генераторот, за да се добие фрeквенција oд 50 Hz. Постапката за добивање константна фреквенција со одредена вредност би требало да биде објаснета во прирачникот за употреба на агрегатот.
На крај, генераторот мора да се поврзе со мрежното напојување во објектот преку управувачка табла која во случај на престанок на мрежното напојување комплетно ќе го исклучи надворешното мрежно напојување и потоа потрошувачите ќе ги приклучи на генераторот.
Строго препорачувам горенаведените зафати да ги направи стручно лице.
Владимир Филевски


Мерења за звучникот од ЕМИТЕР 6/2007 (Емитер 9/2013)

Здраво Емитер!
Добив краток летен одмор од фирмата, па дел го искористив за одмор, а дел за читање некои проекти од Емитер. Да бидам попрецизен, го читав серијалот "Како до квалитетни звучни кутии" од почитуваниот Емилијан Иљоски. Во бројот 6/07 даден е конкретен проект за изработка на звучник со детални објаснувања, но нема дадено никакви мерења на овој звучник и слушни тестови. Сакам да видам измерена фреквентна карактеристика од овој звучник и од неа да видам колку е осетливоста и граничните фреквенции. Исто така сакам да видам дијаграм со хармониците на овој звучник. Сето ова ми е потребно бидејќи сакам да го изработам овој звучник за мојот засилувач од 25W/8 оми што го имам направено самиот – тоа е засилувачот F5, кој на интернет многу го фалат.
Инаку, за мерењата може да помогне господинот Филевски со професионлниот уред CLIO, а резултатите можете да ги објавите во наредниот број на Емитер во рубриката "Операциона сала". Верувам дека освен за мене, ова ќе биде интересно и за многу други читатели на Емитер.
Во очекување на позитивен одговор, ви благодарам и ве поздравувам
Гоце (Petrus Armagedon).

Вашата забелешка е сосема на место иако серијалот "Како до квалитетни звучни кутии?", кој одеше во 7 продолженија во 2007 година, беше првенствено наменет за една сосема друга работа, а тоа во прв ред е да се обработат постапките и техниките потребни за изработка на квалитетна звучна кутија. Во прв ред тоа се:
– мерење и пресметка на Thiele-Small параметрите на звучниците;
– проектирање на кутијата и нејзина оптимизација према овие параметри;
– избор на материјали и техничка изработка на кутијата;
– пресметки и изработка на соодветна свртница.
Како што и самите гледате, тоа се теми кои ретко се наоѓаат во написи за самоградители и ретко кој сака да ги отстапи, бидејќи ја претставуваат самата срж на занаетот! Значи, јас не ви давам вода кога сте жедни, туку ве упатувам на начини како да ја најдете истата. Совладајте ги овие техники, а понатамошните мерења врзани со звучниците ќе си дојдат сами по себе, имајќи ги предвид бројните написи во Емитер на оваа тема на колегата Филевски, како и мојот серијал "Мерења во аудиотехниката" кој одеше во 2010 година.
Поради комплексноста на проблематиката, серијалот "Како до квалитетни звучни кутии?", иако одеше во 7 продолженија, не успеа во потполнолност да ја обработи предвидената проблематика, што и сум го нагласил во заклучокот на серијалот. Затоа во некој иден серијал можеби би било умесно да ги земеме предвид вашите забелешки. Но денес, после поминати полни 6 години од серијалот, сосема неумесно би било да вршиме дополнителни мерења на звучната кутија изработена специјално за тој серијал, првенствено како нагледно средство и практичен пример на изложените постапки за изработка на звучни кутии, а дотолку повеќе што таа звучна кутија беше спонзорирана од наш читател и стана негова сопственост после серијалот. А и да ја имаме на располагање, за што би ни биле потребни нејзините карактеристики ако немаме на располагање токму такви драјвери (звучници), што најверојатно и би било случај поради големата временска разлика и нередовноста на македонскиот пазар со елекронски компоненти.
Токму затоа, серијалот "Како до квалитетни звучни кутии?" ве упатува на мерења и постапки за добивање на квалитетни звучни кутии со драјверите кои ги имате. Потоа, се разбира, добро би било вака изработената звучна кутија да ја донесете во "операционата сала" на Емитер каде нашиот експерт, г. Владимир Филевски, ќе ги изврши соодветните мерења и ќе ви ги посочи евентуалните можни подобрувања!
Емилијан Иљоски


Избор на засилувач (Емитер 9/2013)

Здраво,
Имам намера да набавам засилувач и се двоумам меѓу Cambridge Audio AM10, Harman/Kardon HK980 и Onkyo A-9030. Би ве замолил за ваше мислење, а исто ме интрересира и кои звучници би одговарале за овие засилувачи.
Ви благодарам,
Петар (sweeper)

Сите три засилувачи се добри, но сте заборавиле во списокот да додадете еден вистински бисер – NAD C316BBE. Секој од овие 4 засилувачи си има свои предности и недостатоци, но јас во Вашиот случај би го фокусирал вниманието на овие два модела: Harman/Kardon HK980 и NAD C316BBE. Предноста на Harman/Kardon HK980 е најголемата моќност – дури 85 W / 8 оми по канал, додека предноста на NAD C316BBE е одличниот звук кој е испофален на тестовите во сите можни списанија. На мерните тестови NAD C316BBE ипорачал моќност од дури 55 W / 8 оми по канал, за разлика од неговите скромно декларирани 40 W / 8 оми.
Што се однесува до изборот на најповолен звучник, тука многу големо влијание има цената, а Вие не наведовте колкав буџет планирате за звучниците за да можам да Ви препорачам некој точно одреден модел. Во секој случај, препорачувам за звучниците да се одвојат повеќе средства отколку за засилувачот. Но, ако случајно не сте во можност да го направите тоа, тогаш препорачувам да купите поевтин засилувач, на пример, Cambridge Audio AM5 по цена од 189 евра, а поголемиот дел од парите да го насочите кон поскап и подобар звучник. Звучници од 260 евра на засилувач од 190 евра секогаш подобро ќе звучат од звучници од 190 евра на засилувач од 260 евра.
Владимир Филевски


Интегрирани кола за еквилајзер (Емитер 9/2013)

Може ли да ми препорачате кое од овие 2 интегрирани кола е подобар избор за еквилајзер, TOSHIBA TA7630 или LM1036n?
Благодарам однапред
Бранислав Стратров

Двете интегрирани кола се многу слични по своите карактеристики. Единствена важна разлика е тоа што LM1036 има автоматска лауднес компензација (која може да се исклучи), додека TA7630 воопшто нема можност за лауднес компензација. Ќе се потрудиме во некој од наредните броеви да подготвиме и да објавиме проект со некое од овие ИК.
Колку за информација, проект за еквилајзер со ИК BA3812L имаме објавено во бројот 9/1999 https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=2953 .
BA3812L е петканален моно графички еквилајзер. Со два такви каскадно врзани се добива моно 10-канален, а со три врзани 15-канален. Или, може со три чипа да се направи 7-канален стерео еквилајзер. Изобличувањето на BA3812A е пониско од TA7630 или LM1036.
Владимир Филевски


NE5532 наместо TL082 во активен филтер за сабвуфер (Емитер 9/2013)

Здраво,
Имам активен филтер за сабвуфер по шема од ЕМИТЕР, но не ми текнува кој точно беше, со volume контрола и контрола на граничната фреквенција. Користи TL082 и така си работи добро 2 години. Ми се најде по дома NE5532, па го ставив наместо TL082, но звукот е ист, јас не можам да направам разлика. Наводно, NE5532 има помал шум и е наменет токму за аудиоапликации, но јас искрено не забележувам некоја разлика. Дали е подобро да го вратам TL082 или да го оставам да работи со NE5532?
Бранислав, преку е-пошта

Точно сте забележале, нема разлика во оваа конкретна апликација. И двата се одлични операциски засилувачи и имаат широка употреба. До неодамна NE5532 и TL072 (малошумна верзија на TL082) се употребуваа во најквалитетните и најскапи аудиоуреди, вклучувајќи ги и професионалните студиски миксери.
Операцискиот засилувач NE5532 навистина има малку помал еквивалентен напонски влезен шум (5 nV/√Hz) отколку TL082 (18 nV/√Hz), но затоа има 70 пати поголем струен влезен шум (0,7 pA/√Hz наспроти 0,01 pA/√Hz)! Во зависност од конкретната намена, некаде подобро е да се употреби NE5532, а некаде TL082 (или TL072). Разликата во нивото на шумот меѓу овие два операциски засилувачи е забележлива само кога станува збор за големи засилувања, односно ако изворот на звук има многу ниско напонско ниво, како во случај на микрофонски предзасилувач. Но, дури и за сигнали од редот на mV, разликата меѓу NE5532 и TL082 во односот сигнал/шум (S/N) е занемарлива, особено кога ќе се спореди со останатите извори на звук (шум) во целиот hi-fi синџир. На пример, за сигнал од 1 mV (од редот на најтивките можни сигнали кои излегуваат од CD-плеерот), за NE5532 се добива S/N = 106 dB, додека за TL082 се добива S/N = 95 dB. Со оглед на тоа што во неверојатно мирна и тивка дневна соба нивото на шум (бучава) е околу N = 30 dB, за да можете да го чуете шумот од TL082, ќе треба да го натерате сигналот да биде со јачина од S = 30 + 95 = 125 dB! Тоа, ќе се сложите, е невозможно за hi-fi уреди. Освен тоа, ретко кој hi-fi уред има однос сигнал/шум еднаков на 95 dB, или подобар. А да не спомнуваме колку ќе настрадаат вашите уши на звук со јачина од 125 dB и колку е невозможно при толку гласна музика да се слушне шум од 30 dB.
Како што гледате, за вашиот филтер е сосема сеедно кој од овие два операциски засилувачи ќе го користите, шумот не ќе можете да го чуете.
Владимир Филевски


Високоомски звучници (Емитер 9/2013)

Здраво,
Благодарение на вашите статии, почнав да се интересирам за лампшки засилувачи и предзасилувачи. Сакам да направам мал лампашки засилувач, но гледам дека за тоа главен проблем е излезното трафо. На интернет најдов некои шеми за лампашки засилувачи кои не содржат излезно трафо, но за нив е потребен звучник од 400 или 800 оми. Колку што можев да видам, такви звучници нема во нашите продавници, па првото прашање ми е од каде да набавам таков звучник?
Второ што ме интерсира е дали звучниците од 400 и 800 оми се поквалитетни или не од овие за 4 и 8 оми, односно, општо земено, какво е влијанието на големината на импедансата во квалитетот на звучникот и зошто денес не се произведуваат звучници од 16 оми или повеќе, туку само од 4, 6 и 8 оми?
Ви благодарам однапред,
Драган Стојаноски

Многу е тешко да се најде звучник (звучна кутија) со импеданса од 400 до 800 ома, не само кај нас, туку воопшто, на светско ниво. Причината е сосема проста: такви звучници наменети за висококвалитетна репродукција воопшто и не се произведуваат – ако за момент ги заборавиме електростатските звучници кои имаат висока импеданса и се приклучуваат на транзисторските засилувачи на моќност со помош на трансформатор, или во исклучителни пригоди/моменти, во директна спрега со лампашки засилувачи за тоа наменети. Но, таа опција воопшто нема да ја разгледувам тука поради еден поразителен факт: добар електростатски звучник е поскап од добар автомобил!
Инаку, во овој наш "прост" (и евтин) свет, во репродукцијата на звук со висока верност преовладуваат динамичките звучници (исто така познати како електродинамички звучници) со импеданса од 2 до 16 ома. Иако долгогодишниот тренд е таа да се стандардизира на 6 ома, сепак на пазарот преовладуваат 4 омските звучници, а веднаш зад нив се оние со 8-омска импеданса.
Електродинамичките звучници преовладуваат на пазарот без речиси никаква алтернатива во последните 50 години, особено кога се работи за покривање на нискотонското/среднотонското подрачје, поради нивните основни својства: едноставна конструкција што води кон ниска цена, висок квалитет на репродукција и едноставно погонување на истите. Тоа е уште повеќе акцентирано во последните 30 години со примена на постојани магнети кои овозможуваат голема густина на магнетниот флукс.
Во периодот од 20-тите до 50-тите години од минатиот век, кога технолошки не беше возможно да се произведат постојани магнети со толкави густини на магнетниот флукс, место нив се употребуваа електромагнети и тие беа погонувани со помош на еден калем кој истовремено се користеше за филтрирање на напонот за напојување на уредот, додека аудиосигналот се доведуваше на одделна статорска навивка со импеданса од вообичаени 320 до 1000 ома. Оттука најверојатно произлегува бараната импеданса од 400 до 800 ома. На подвижната страна на ваков звучник (хартиениот конус) беше монтиран мал и лесен, но моќен постојан магнет или во одредени варијанти, краткоспоен калем. Имаше и такви варијанти со една иста намотка која се користеше за создавање на јакиот статорски електромагнет и за доведување на аудиосигналот, таквите звучници беа со нешто помала импеданса – од 200 до 600 ома.
Ваквите звучници каде што аудиосигналот се доведува на статорот (неподвижниот дел), за разлика од динамичките каде што сигналот се доведува во подвижниот калем, покажуваат низа недостатоци кои се рефлектираат врз квалитетот на звукот, а тие во прв ред се:
– Пробив на 50Hz и повисоките хармоници од градската мрежа, што доведува до високо ниво на брум. Затоа овие звучници редовно се изработуваат со долна резонантна фреквенција повисока од 100Hz.
– Модулација на аудиосигналот со фреквенцијата на градската мрежа (50Hz).
– Многу мала механичка комплијанса – односно голема крутост и инертност на системот.
– Поголеми хармонски и интермодулациски изобличувања во однос на динамичките звучници.
– Ограничен фреквентен опсег поради употребениот феромагнетен материјал.
Сите овие фактори ги прават овие звучници непогодни за аудиорепродукција со висока верност! Сепак, одреден број аудио ентузијасти претпочитаат да го слушаат нивниот звук, кој има некаква мистична мекост и пластичност, а како и не ќе има, кога примероци стари по 50 до 80 години можат на интернет да достигнат астрономски цени, за кои дури и јас сум спремен да ви пеам на уво во Долби стерео техика – ако милувате!
Емилијан Иљоски

Високоомски звучници од рангот на неколку стотина оми одамна не се произведуваат и ги нема по продавниците. Повремено на e-bay може да се најде по некој примерок што лежел по подруми половина век.
Општо земено, импедансата на звучникот нема влијание врз неговиот квалитет. Но, тие стари високоомски звучници беа наменети за употреба во телевизори, така што од нив не може да се очекува hi-fi квалитет.
Најдобро решение за засилувач со електронски цевки, но без излезно трафо, е употреба на паралелно врзани триоди или пентоди со мала внатрешна отпорност. Добар избор за оваа намена е пентодата EL509, вкупно 8 пентоди по канал, односно за еден стереозасилувач, потребни се 16 пентоди. Цената на ваков засилувач е висока, потрошувачката на струја ќе биде голема, но на излезот се добиваат 100 Wrms по канал на 8 оми, директно без употреба на излезен трансформатор. Ваквите засилувачи најдобро работат со звучници од 16 или 8 оми.
Денес, стандардизирани импеданси на звучници се 4, 8 и 16 оми. Звучници со импеданса 16 ома поретко се наоѓаат, но сепак ги има. Некои фабрики нудат ист модел на звучник во две варијанти на импеданса, најчесто 4 и 8 оми. Сепак, од секоја фабрика може да се нарача конкретниот модел на звучник да го изработат и во 16-омска верзија (во зависност од моделот, минималната количина за нарачка се движи од 100 парчиња, па нагоре).
Веќе подолго време постои тренд на користење звучници со помала импеданса. Сè почесто се нудат звучници со импеданса еднаква на 2 оми, па дури и 1 ом, особено за употреба во автомобилите. Ниските импеданси се практични затоа што се постигнува голема моќност со мал напон на напојување на засилувачот.
Владимир Филевски


Проверка на исправност на LM338T (Емитер 7-8/2013)

Многу ви благодарам за опширното објаснување на проблематиката со фалсификувани електронски компоненти. Бидејќи не ве разбрав најдобро, ве молам малку подетално да ми објасните точно како да утврдам кој е кој од пиновите на LM338T и да ми кажете што ќе се случи ако погрешно (обратно) ги врзам влезот и излезот.
Ви благодарам однапред,
Столе Јовановски

Како што претходно нагласив, не постојат различни LM338T со различни распореди на изводите. Значи кај сите LM338T тие се: гледајќи од страна на натписите, од лево кон десно: adj, Uout, Uin.
За да се утврди исправноста на некое LM338T, треба исправно да се поларизира. Тоа се постигнува со поврзување во неговата основна шема, а таа е: влезен напон на Uin, отпорник од 240 ома помеѓу Uout и adj и отпорник од, на пример, 1 килоом помеѓу adj и маса. Тогаш напонот помеѓу Uout и adj треба да биде 1,2V, а напонот помеѓу Uout и маса би бил: 1,2V + 1,2V•(1000/240) = 6,2V.
Во основа, ако ги замените изводите Uin и Uout, нема да можете да го прегорите ова ИК бидејќи ќе проработат во него вградената прекуструјна и/или температурна заштита, но јас не би се обложувал на тоа. Јас би ви го кажал и тоа дека ако ги краткоспоите Uout и adj, постојат добри шанси да го уништите ова ИК.
Фалсификаторите најчесто земаат некој LM317T, му ги бришат ознаките и се препечатува потребната ознака: LM338T. Тоа е така бидејќи LM317T има сосема иста функција и распоред на изводите како LM338T, но е повеќекратно поевтин бидејќи е за струи до 1,5A наспроти 5-те ампери на LM338T!
Но, како што веќе нагласив, во поново време се фалсификува сè и сешто и не е "императив" фалсификуваната компонента да има некоја функционалност. (Значи, исчезна и фалсификаторската етика!). Во пакувањето TO-220 во кое е сместено LM338T, можат да се сместат многу други електронски компоненти: биполарни транзистори, МОСФЕТ, ИК, диоди, па дури и пасивни компоненти како: отпорници, индуктивитети или кондензатори. Затоа, сосема е непотребно да се мачиме да утврдиме каква појдовна компонента употребил фалсификаторот за да ја оствари својата цел. Едно е само битно – таа не ја извршува декларираната функција и од тој аспект е сосема неупотреблива!
Емилијан Иљоски


Избор на жица за термоелектричниот нож за стиропор (Емитер 7-8/2013)

Планирам да го направам склопот за термоелектричниот нож за стиропор од Емитер број 7-8/2010. Прашањето ми е колкава дебелина и должина на кантал треба да се постави и доколку поставам подолга жица (пр. 1 метар кантал со дебелина од 0,8 mm) какви измени треба да се направат со отпорниците на излез.
Благодарам однапред,
Дејан преку e-mail

Изборот на материјалот за грејна жица за грејачот на термоелектричниот нож Ви е одличен. Канталот (легура на железо, хром 20-30%, алуминиум 4-7,5%) е материјал на избор кога треба да се добијат квалитети како голема подносливост на високи температури (900 °C), отпорност кон процесот на оксидација, висока стабилност на сопствениот отпор кон високи температури и одлична термоспроводливост поради формирање заштитен слој од алуминиум оксид на неговата површина. Одличните механички карактеристики на истиот материјал, кои дозволуваат поголеми механички напрегнувања без прекинување на неговата структура и при повисоки температури, дозволуваат негово добро затегнување на профилот на рамката на термоелектричниот нож, без кинење на жицата.
Овој материјал одлично работи и ги поднесува механичките и термичките напрегнувања до 1300 °C, додека точката на топење му е до 1500 °C. Неговата специфична отпорност (ρ) изнесува 1,39 Ω•mm2/m на температура од 20 °C. Ако во формулата R = (ρ• l) / s ги замените саканите параметри за должината ( = 1m) и дебелината на канталовата жица (d = 0,8mm; r = d/2) која сакате да ја поставите, ќе ја добиете следната вредност: R = 2,77 Ω (имајќи предвид дека S = r^2•π или 0,4^2 • 3,14 = 0,5 mm2).
Значи, дефинитивниот одговор на Вашето прашање произлегува од претходните пресметки и констатираме дека не се потребни измени во вредноста на излезните отпорници. Имајќи предвид дека напонот на напојување изнесува 24V и дека "ударната струја" при вклучувањето на грејачот никогаш нема да ја надмине вредноста од U/R = 24V/2,77Ω = 8,66A, нема некоја поголема оправданост ниту за постоењето на заштитниот отпорник R12. Или оставете го непроменет или комплетно изоставете го. Серискиот транзистор T5 успешно ќе поднесе краткотрајна струја од 45A или трајна струја од 25A.
Петар Аврамовски


Бас-рефлекс кутија без пресметки (Емитер 7-8/2013)

Моментално имам 60-литарска бас-рефлекс кутија со 10-инчен бас-звучник и звукот си е ОК. Но, кутијата ми е многу голема и планирам да ја подарам, па сакав да се посоветувам со вас за новата кутија. Планирам да правам бас-рефлекс кутија за тој звучник од околу 36 литри. Звучникот ќе биде од страна, а бас-рефлекс отворот од долната страна. Прашањето ми е: дали да отворам еден отвор од 9 – 10 cm за една бас-рефлекс цевка или подобро е да отворам две дупки од двете страни со околу 6,5 cm (имам две такви цевки од Јамо звучници)? Знам дека тоа треба да се пресмета според параметрите на звучникот, но искрено звучникот не вреди за толкав труд.
Бранислав Стратров,
преку е-пошта

Волуменот од 36 литри е премал за да се извади некој длабок бас, но сепак може и од толкава кутија да се добие коректна резонантна фреквенција со една бас-рефлекс цевка со дијаметар 6,5 cm и должина околу 10 cm. Може да се користат две цевки со таков дијаметар, но тогаш тие треба да бидат многу долги, околу 25 cm.
Ако сакате цевката да ја поставите на дното од кутијата (од долната страна), задолжително монтирајте ја кутијата на ногички високи барем 7 cm.
Владимир Филевски


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.