Трафо за регулаторот на 2KW DC-мотор (Емитер 7-8/2013)

Во Емитер бр.10/04 (октомври 2004), имате објавено статија и проект "Регулација на 2kW DC-мотор со независна возбуда". Го изработувам овој уред, па сакам да прашам каде можам да го набавам трансформаторот TR1, дали тоа е импулсно трафо или обично и дали е можно сам да го изработам?
Ви благодарам однапред,
Диме Мрмески

Да, TR1 е импулсно трафо, и мислам дека тоа е наведено во текстот. Јас тогаш го купив од МТВ електроника, нагласувајки ја само струјата на тиристорот. Сега таа продавница е затворена, но верувам дека вакви импулсни трансформатори за побуда на тиристори има во другите продавници (ГАЦ, Логинг...). Немам податоци како самостојно да се изработи ова трафо.
Игор Димитриевски


Избор на засилувач (Емитер 6/2013)

Здраво,
Имам намера да набавам засилувач и се двоумам меѓу Cambridge Audio AM10, Harman/Kardon HK980 и Onkyo A-9030. Би ве замолил за ваше мислење, а исто ме интрересира и кои звучници би одговарале за овие засилувачи.
Ви благодарам,
Петар (sweeper), преку е-пошта

Сите три засилувачи се добри, но сте заборавиле во списокот да додадете еден вистински бисер – NAD C316BBE. Секој од овие 4 засилувачи си има свои предности и недостатоци, но јас во Вашиот случај би го фокусирал вниманието на овие два модела: Harman/Kardon HK980 и NAD C316BBE. Предноста на Harman/Kardon HK980 е најголемата моќност – дури 85W / 8Ω по канал, додека предноста на NAD C316BBE е одличниот звук кој е испофален на тестовите во сите можни списанија. На мерните тестови NAD C316BBE ипорачал моќност од дури 55W / 8Ω по канал, за разлика од неговите скромно декларирани 40W / 8Ω.
Што се однесува до изборот на најповолен звучник, тука многу големо влијание има цената, а Вие не наведовте колкав буџет планирате за звучниците за да можам да Ви препорачам некој точно одреден модел. Во секој случај, препорачувам за звучниците да се одвојат повеќе средства отколку за засилувачот. Но, ако случајно не сте во можност да го направите тоа, тогаш препорачувам да купите поевтин засилувач, на пример, Cambridge Audio AM5 по цена од 189 евра, а поголемиот дел од парите да го насочите кон поскап и подобар звучник. Звучници од 260 евра на засилувач од 190 евра секогаш подобро ќе звучат од звучници од 190 евра на засилувач од 260 евра.
Владимир Филевски


NE5532 наместо TL082 во активен филтер за сабвуфер (Емитер 6/2013)

Здраво,
Имам активен филтер за сабвуфер по шема од ЕМИТЕР, но не ми текнува кој точно беше, со volume контрола и контрола на граничната фреквенција. Користи TL082 и така си работи добро 2 години. Ми се најде по дома NE5532, па го ставив наместо TL082, но звукот е ист, јас не можам да направам разлика. Наводно, NE5532 има помал шум и е наменет токму за аудиоапликации, но јас искрено не забележувам некоја разлика. Дали е подобро да го вратам TL082 или да го оставам да работи со NE5532?
Бранислав, преку е-пошта

Точно сте забележале, нема разлика во оваа конкретна апликација. И двата се одлични операциски засилувачи и имаат широка употреба. До неодамна NE5532 и TL072 (малошумна верзија на TL082) се употребуваа во најквалитетните и најскапи аудиоуреди, вклучувајќи ги и професионалните студиски миксери.
Операцискиот засилувач NE5532 навистина има малку помал еквивалентен напонски влезен шум (5 nV/"Hz) отколку TL082 (18 nV/"Hz), но затоа има 70 пати поголем струен влезен шум (0,7 pA/"Hz наспроти 0,01 pA/"Hz)! Во зависност од конкретната намена, некаде подобро е да се употреби NE5532, а некаде TL082 (или TL072). Разликата во нивото на шумот меѓу овие два операциски засилувачи е забележлива само кога станува збор за големи засилувања, односно ако изворот на звук има многу ниско напонско ниво, како во случај на микрофонски предзасилувач. Но, дури и за сигнали од редот на mV, разликата меѓу NE5532 и TL082 во односот сигнал/шум (S/N) е занемарлива, особено кога ќе се спореди со останатите извори на звук (шум) во целиот hi-fi синџир. На пример, за сигнал од 1 mV (од редот на најтивките можни сигнали кои излегуваат од CD-плеерот), за NE5532 се добива S/N = 106 dB, додека за TL082 се добива S/N = 95 dB. Со оглед на тоа што во неверојатно мирна и тивка дневна соба нивото на шум (бучава) е околу N = 30 dB, за да можете да го чуете шумот од TL082, ќе треба да го натерате сигналот да биде со јачина од S = 30 + 95 = 125 dB! Тоа, ќе се сложите, е невозможно за hi-fi уреди. Освен тоа, ретко кој hi-fi уред има однос сигнал/шум еднаков на 95 dB, или подобар. А да не спомнуваме колку ќе настрадаат вашите уши на звук со јачина од 125 dB и колку е невозможно при толку гласна музика да се слушне шум од 30 dB.
Како што гледате, за вашиот филтер е сосема сеедно кој од овие два операциски засилувачи ќе го користите, шумот не ќе можете да го чуете.
Владимир Филевски


Напојување за гитарскиот предзасилувач (Емитер 5/2013)

Здраво Емитер,
Многу ме заинтересира гитарскиот предзасилувач од јануарскиот број (1/13) и имам намера да го направам. Бидејќи немам гитарски засилувач, јас најчесто предзасилувачот ќе го користам со домашниот hi-fi систем и со малиот разглас на школскиот оркестар. Тоа значи дека предзасилувачот ќе го користам како самостоен уред, па прашањето ми е како да го решам напојувањето. Може ли да се направи со батерии (ако не ги троши бргу) или подобро е да биде со адаптер, ама како од него да добијам двоен напон како што треба во шемата?
Се надевам ќе ми помогнете.
Благодарам однапред,
Трајче Спасовски

Иако проектот "Универзален гитарски предзасилувач" првенствено е наменет за вградување во засилувачи на моќност, па неговото напојување е изведено од напојувањето на истиот, тој лесно може да се изработи како самостоен уред. Притоа ќе биде потребно да обезбедиме соодветно симетрично напојување кое можеме да го изведеме на следните начини:
1) Со помош на две 9-волтни батерии. Притоа треба да ги отстраниме компонентите ZD1, ZD2, C15, C16 и отпорниците од R13 до R16 од слика 1 на стр. 50 – Емитер 1/2013; и на нивно место да поврземе две сериски врзани 9-волтни батерии од типот 6F22 или 6LR61 (алкални). Притоа средниот извод на оваа конфигурација ќе треба да го поврземе на приклучокот GND, додека добиениот плус (+) ќе оди на +U<sub>cc</sub>, а минусот (-) на –U<sub>cc</sub>. Се разбира, ако ги користиме приклучните клеми означени со +U<sub>cc</sub>- на слика 2, ќе треба на ППК да ставиме краткоспојници на местата R13 и R15.
Овој концепт има два основни недостатоци и една предност. Иако потрошувачката на целото коло е релативно мала, дури и да употребиме 9-волтни алкални батерии, тие нема да траат многу повеќе од 20 работни часа! Па ако земеме предвид дека ни се потребни две вакви батерии, трошоците за напојување на уредот ќе бидат непримерно високи! Вториот недостаток е врзан со фактот дека операциските засилувачи од типот на TL071 или OP27 најдобро работат со напојување од ±15V, па со расположливото ±9V напојување ќе имаме одредена деградација на перформансите! Рака на срце, оваа деградација на квалитетот е тешко забележлива за "просечно" извежбано уво. Она што е лесно забележливо е намаленото ниво на шум на целиот склоп кога тој се напојува од батерии! Затоа многу музичари претпочитаат батериско напојување за своите предзасилувачи и "гитарски ефекти". Но и со употреба на напојување кое се приклучува на градската мрежа, може да се постигне овој шум да биде доволно мал за да биде сосема незабележителен и за најдобро извежбаното уво. Затоа јас го предлагам следното решение:
2) Да се изработи симетрично напојување со трансформатор од 230V на 2x15V/1100mA или 2x18V/100mA, грецов исправувач, два кондензатори од по 1000μF/35V и два керамички X7R кондензатори од 100nF паралелно со нив, и целиот овој склоп да биде сместен во засебна метална кутија. Шемата за вакво напојување е презентирана на многу наврати во Емитер (на пример, во бр. 9/11), па не би се задржал на неа!
Во овој случај, +U<sub>cc</sub>, масата (GND) и –U<sub>cc</sub> ги доведуваме на соодветни места на ППК, и сите компоненти на ППК остануваат на своите позиции, а R13 и R15 ќе имаат вредност од 820 ома при трансформатор со 2x15V на секундар, а 1 килоом при 2x18V (R14 и R16 не се монтираат).
Набргу ќе увидите дека цената на ова симетрично напојување, а особено вредноста на металната кутија и на квалитетен трансформатор ја надминува цената на целиот гитарски предзасилувач, па изглегува поевтино да направите два предзасилувачи и нив да ги вградите во двата излезни засилувачи засебно, отколку да направите само еден предзасилувач и негово соодветно напојување! Се разбира, понекогаш ете, како во вашиот случај, нема да ви биде дозволено да "чепкате" по туѓи уреди, па ќе биде потребно соодветно засебно напојување!
Емилијан Иљоски


Бројач на муштерии (Емитер 4/2013)

Здраво Емитер,
Го изработив бројачот од Емитер 12/2011 и тој успешно функционира. Сега сакам да му најдам некоја практична примена, па решив да го поставам во дуќанот кај мајка ми за да ги брои муштериите во текот на еден ден. Претпоставувам дека за тоа ќе ми треба фотосензор и некоја додатна електроника. Барав на интернет некоја шема како да го направам додатното коло. Најдов многу различни шеми, ама не знам која би одговарала за овој бројач. Дали вие можете да дадете некое ваше решение за оваа моја идеја?
Благодарам однапред
Зоран Симјаноски од Прилеп

Бројачот е мошне флексибилен кога е во прашање поврзување на надворешен сензор. Која било варијанта која генерира импулси или претставува обичен прекинувач/тастер може да ја заврши работата. Конкретно за Вашата апликација, постојат многу варијанти за кои само ќе нафрлам некои идеи со кои мислам дека ќе добиете подобра слика околу целава ситуација.
Како прво, при броење луѓе кои влегуваат во просторија (муштерии) мора да се земе предвид дека истиот тој број на луѓе и излегуваат од таа просторија. Според ова, доколку се работи за една единствена врата за влез/излез (како во 90% од случаите), тогаш бројачот би броел двапати еден ист муштерија, еднаш за влез и еднаш за излез.
Наједноставно, ова може да се реши со еден извор на инфрацрвени (IR) импулси преку некоја IR LED диода од едната страна на вратата, а од другата страна како сензор да се употреби некој од интегрираните TSOP17xx инфрацрвени сензори.
Изворот на такт-сигнал би можел да биде класичен астабилен мултивибратор со NE555 на одредена фреквенција, најчесто околу 38kHz. За приемникот може да се изработи едноставно електронско коло кое ќе генерира по еден импулс на излез за секој прекин на IR-зраците на неговиот влез. Како најдобра референца за вакво коло може да послужи проектот "Инфрацрвена бариера" од ЕМИТЕР 5-6/2000. За оваа намена може да послужат и проектите "Детектор на присуство со инфрацрвени зраци" од ЕМИТЕР 9/2007 и "Едноставен инфрацрвен аларм" од ЕМИТЕР 1/2010. Кој било од овие проекти можете да го употребите/прилагодите/упростите за Вашата апликација.
Притоа, само ќе споменам некои фактори кои треба да се земат предвид:
1. Со наједноставната варијанта бројачот ќе ги брои сите влегувања и сите излегувања од просторијата, па со тоа реалниот број на муштерии би бил двапати помал од бројот прикажан на дисплејот од бројачот. За да се избегне ова, треба да се доработи надворешната електроника кај приемникот да генерира по еден импулс на секој втор прекин на IR-зракот, или пак, да се смени програмата за микроконтролерот на бројачот.
2. Поставувањето на инфрацрвената бариера треба да биде на оптимална позиција (висина) за да не се случуваат повеќе прекини на IR-зракот при едно поминување на човек. Ова може да се случува ако бариерата е премногу долу, па од нозете на човек при расчекор добиваме два прекини при само едно поминување на човек, или пак, ако е во висина на рацете, па може да добиеме и до 3 импулси при едно поминување од движењето на рацете на човечкото тело. Според искуството со слични проекти, најоптимална висина е висина на рамениците од човек со просечен раст.
3. Доколку уредот треба да работи и во екстремни температурни услови (температури под 0 °C), треба да се земат предвид сите употребени компоненти. Доколку се работи за дуќан кој е често изложен на температурни промени, може да се случи наутро кога просторијата не е загреана да имаме температури и под нулата, па ако се употребени стандардни компоненти за комерцијална употреба, може да добиеме нефункционален уред сè додека просторот не се загрее на некоја "нормална температура". Доколку ова е случај, треба да се внимава сите употребени компоненти да бидат за температурно подрачје од -40 до +100 степени Целзиусови.
Перица Јакимов


Звучници за озвучување (Емитер 4/2013)

Здраво Емитер,
Јас сум заинтересиран за звучници за миксета за озвучување затворен и отворен простор. Миксетата е Soundcraft Spirit Powerstation 600 и на неа ќе се приклучат соло-гитара, акустична гитара, бас-гитара, тапани и вокали. Би сакал да ми дадете предлог за избор на драјвери за кутиите, како и проект за самоградба на звучни кутии со ваши пресметки за кутиите и свртницата. Нормално, ќе си платиме колку што треба.
Тука кај нас во Струмица нудат некои комплети кутии, но повеќе доверба имам кај во, особено кај почитуваниот господин Владимир Филевски.
Благодарам однапред.
Трајко од Струмица

Вашето барање не е доволно јасно – дали за постоечките електрични соло-гитара и бас-гитара веќе располагате со соодветни комбоа (засилувач + звучна кутија), или не? Ако немате, тогаш не е препорачливо нив директно да ги приклучите во Soundcraft миксерот, бидејќи нема да го добиете оној вистински звук на електрична гитара. Препорачувам да набавите VOX, Line6, Peavey или некое слично квалитетно комбо за гитара. На нашиот пазар има голем избор на вакви засилувачи по многу поволни цени – поевтините модели се движат од 100 до 300 евра. Погледнете во Артист системс (www.artist-macedonia.com) и во До Ре Ми - Јамаха (www.doremi-yamaha.com.mk).
Правилно озвучување на електрична гитара се изведува со микрофон поставен непосредно пред звучникот од комбото, а сигналот од микрофонот се проследува до миксерот и преку него до главните звучници од системот за озвучување. Ако во моментов немате доволно средства за набавка на соодветно комбо за електричната соло и бас-гитара, може за почеток да се врши директно приклучување на електричните гитари во миксерот, но задолжително преку DI-box! Цената на еден DI-box е од 35 евра, па нагоре, но него можете да го направите и во самоградба.
Не наведовте колкави средства планирате за звучните кутии? Самоградба се исплати само ако се употребуваат квалитетни (и скапи) звучници. Или, може и со поевтини звучници, но само во случај ако располагате со алат и столарско знаење сами да ја обработите дрвенаријата за кутиите (да не плаќате мајстор за таа работа).
Квалитетен бас/среднотонски звучник од 12 или 15 инчи чини од 70 до 130 евра (и повеќе), а квалитетен високотонски драјвер со намотка од 44 mm и грло од 1 инч исто така е од 70 до 130 евра, но за него треба и хорна која чини од 15 до 35 евра. Вкупно, за една кутија, драјверите, хорната и свртницата чинат од 200 до преку 300 евра. Ако на таа цена се додаде колку би чинела кутијата, ќе се добие прилично висока цена, но ваква звучна кутија направена во самоградба со квалитетни компоненти и добро проектирана свртница може без проблеми да конкурира на поскапи фабрички звучни кутии.
Ако Ве интересира поевтино, но сепак квалитетно решение, можам да препорачам готови звучни кутии од познатата англиска фирма Wharfedale, моделите Titan 12 (12-инчен бас и 44 mm високотонски драјвер, по цена од 211 евра за една кутија) или Titan 15 (15-инчен бас и 50 mm високотонски драјвер, 276 евра за една кутија). Нив можете да ги купите од Аудио Експерт (www.audioexpert.com.mk).
Ако инсистирате на пониска цена и на самоградба, можам да препорачам 15-инчен бас-среднотонски звучник P.Audio E15-200S и високотонски драјвер со 25 mm намотка во интегрирана хорна P.Audio PHT-404P или PHT-408. Овие компоненти беа искористени во проектот TNT-15K, објавен во ЕМИТЕР 3/2012, но за Вашиот случај би препорачал малку посложена (и поскапа) свртница и, се разбира, класична правоаголна кутија.
Владимир Филевски


Теслин трансформатор за палење на апарат за TIG-заварување (Емитер 3/2013)

Дали може да го употребам Теслиниот транформатор, објавен во Емитер во броевите 3 и 4/2006, за палење на апарат за TIG-заварување којшто нема фабрички вградено високофреквентно палење и дали би можел Теслиниот трансформатор да предизвика оштетување на апаратот за заварување кога би го приклучил паралелно на излезот од апаратот. Се работи за инверторски апарат марка KEMPPI MASTER 5001.
Влатко Чеков

Високофреквентните генератори за палење на лак кај апаратите за заварување се карактеристични за апаратите за заварување со класичен трансформатор, а не кај инверторите. ВФ-генераторот е поврзан на главните водови директно, но кон апаратот "гледа" преку една придушница која треба да биде така димензионирана за да ја издржи струјата на заварување, од една страна, а од друга страна да ја ограничи максималната вредност на напонот од ВФ-генераторот кој би се појавил на исправувачките елементи на апаратот (диоди или тиристори). Висок напонски импулс, макар и со многу мала енергија, може да започне процес на уништување на исправувачкиот елемент (диода или тиристор). Едноставно, високонапонски импулс си пробива патека низ PN-спојот на диодата или сендвичот од PN-споеви кај тиристорот. Оваа мала спроводна патека потоа станува спроводник кој дополнително генерира топлина што се одлева директно во структурата на насочувачкиот елемент и дополнително води кон уништување на елементот. Значи, не е како кај "обичната" електроника кога елементот или работи или не работи. Тука имаме случај на оштетување на елементот, или абење. Значи, иако насочувачкиот елемент изгледа робустно и неуништливо и може да издржи големи струи на заварување, еден мал напонски импулс може да го бутне.
Високофреквентните генератори за палење на лак најчесто се сретнуваат кај AC-машините со класичен трансформатор, кои се и најповолни за заварување алуминиум со волфрамска електрода во атмосфера на аргон. Кај овие машини воопшто нема насочувачки елементи, па употребата на ВФ-генераторот е безбедна. Кај инверторите за олеснување на палењето на лакот, при стартот на заварувањето најчесто се користи таканаречен ударен режим, кога во краток временски интервал апаратот генерира максимална моќност на лакот, и покрај тоа што струјата на заварување е поставена на некоја помала вредност. Значи, големата енергија во краток временски интервал ќе го олесни палењето на лакот, а потоа се воспостваува стабилен режим поставен од заварувачот. Затоа, мој предлог е воопшто да не размислувате за оваа работа, туку да најдете друг начин за да го олесните палењето на лакот. А постојат и други начини за кои сум сигурен дека сте слушнале затоа што не држи секој ваква машина во работилница.
Кирил Крстевски


Звучници HSR (Емитер 3/2013)

Здраво Емитерџии!
Многу сум задоволен од рестартувањето на рубриката "Операциона сала". Инаку, на времето јас го имав тој засилувач од Ei Ниш, само мислам со тие звучници дека се викаше HSR 160, а не HSR 140. Имаше и таков послаб засилувач HSR140 со други звучници.
Би било добро г. Филевски да понуди проект со звучници од неговата продавница, кои ќе бидат прифатливи за повеќе читатели. Цената нека биде до 100 евра за пар звуцници без кутија. Знам, ќе речете дека објавил такви проекти, но тие се поскапи, а во последно време на интернет има многу голем избор на звучници. Поздрав од мене и од моите пријатели кои станаа редовни читатели на Емитер.
Гоце, преку е-пошта

Звучниците за кои направив подобрување со модификација на свртницата имаат ознака HZK, а не HSR (како што нагласив во текстот) и тие се продаваа заедно со рисиверот HSR 140 и подоцна со рисиверот HSR 160. Кога се појави рисиверот HSR 160, во прво време го продаваа заедно со звучникот HZK, кој имаше еден нискотонец од 30 cm и малку повисока кутија од претходните (моделот најдесно на фотографијата во ЕМИТЕР), додека подоцна на негово место дојде моделот HZK со два нискотонци од 20 cm во истата кутија.
Во подготовка е нов проект за звучник со многу евтина и едноставна кутија.
Владимир Филевски


Комплетен проект со ламби (Емитер 3/2013)

Здраво емитерџии!
Благодарам за вашиот сеопфатен одговор на моето претходно писмо. Инаку, за некои работи погрешно сме се разбрале. Страниците не се многу збиени, туку мислам на насловите. Видете ги насловите во далечната 2002... 2004 год., напишани беа со убави букви кои веднаш паѓаа во очи, за разлика од сегашните наслови. Инаку, сум гледал и странски списанија, убави натписи и техника на уредување, но цената во однос на Емитер е изгор.
Се распрашував за набавка на ламби и дојдов до сознание дека има многу можности. Тука е Конрад, а постои можност за набавка и од други фирми или преку интернет и слично. Ламбите 6922, E88CC, ECC88, 6DJ7 (кои се исти) можат да се набават по цена од 500 до 1300 ден., зависно од кој производител се.
Јас и моето друштво очекуваме да направите некој целосен проект: предзасилувач и засилувач со ламби, заедно со соодветни звучници.
Многу поздрави од мене и од друштвото,
Гоце преку е-пошта

Благодариме за појаснувањата. Се трудиме дизајнот на насловите да е воочлив и убав на око. Како и за секој дизајн, вкусовите се разликуваат па еден дизајн на некого повеќе му се допаѓа, а на некого помалку. Во секој случај, благодариме на укажувањето, ќе го земеме предвид при евентуалната промена на фонтот и дизајнот на насловите.
Ламбата E88CC (6922) е подобрена верзија на ECC88 (6DJ7) и секогаш носи повисока цена. Цената за поевтината ламба ECC88 во германскиот каталог на Конрад е 19 евра, а во Македонија би се продавал нешто поскапо. На интернет може да се најдат и по пониска цена, но поштарината значително ќе ја покачи крајната цена. Можеби некои домашни фирми можат да понудат некоја поповолна цена. Во секој случај, не препорачувам купување користени ламби, иако се поевтини.
Инаку, одамна планираме таков комплетен проект и ќе се потрудиме да го реализираме и да го презентираме во ЕМИТЕР.
Владимир Филевски


Звучници JAMO D165 И засилувач BEHRINGER EPQ900 (Емитер 3/2013)

Здраво Емитер,
Веднаш да ве поздравам за враќањето во аудиотехниката, особено со толку чести звучници што ги има во секој втор дом! Би сакал да ве запрашам нешто – имам едни звучници Jamo D165, кои се во одлична состојба и би сакал да ги користам, единствено нивните високотонци се нефункционални. Дали имате идеја што би можело да игра улога на замена и би се можело да се најде кај нас и каде?
Што мислите за засилувачите Behringer со голема моќност, како Behringer EPQ900? Според цената, излегува дека е поевтин од самоградба, или барем слично. Или нешто како Behringer EPQ2000 за погон на домашен сабвуфер? Навистина се зачудив за цената, затоа прашувам дали има некоја финта. :)
Поздрав,
Дејан Маликовски

Звучниците Jamo отсекогаш имале одличен надворешен дизајн, па така и старата серија D ја краси агресивен "технички" изглед, кој оддава многу моќен впечаток. Квалитетот на звукот сепак е на пониските гранки, но со оглед на нивната ниска цена, тоа наполно е очекувано.
Изгорените високотонци најдобро е да се заменат со оригиналните од Jamo. Фирмата Audio Expert (www.audioxpert.com.mk) нуди оригинални Jamo високотонци по многу поволна цена.
Фирмата Behringer е позната по ниските цени и прифатливиот квалитет за таа цена. Професионалците не ги користат многу засилувачите Behringer, бидејќи приоритетни им се квалитетот и издржливоста, па затоа често се одлучуваат за поскапи и поквалитетни фирми и модели. Засилувачите EPQ900 и EPQ2000 можат да се користат за домашна употреба или за повремено озвучување забави. Внимавајте на декларираната моќност, моделот EPQ900 има синусна моќност од 275 Wrms/4Ω и 175 Wrms/8Ω, додека моделот EPQ2000 има синусна моќност од 700 Wrms/4Ω и 500 Wrms/8Ω, но никаде не е означено колкаво е изобличувањето на таа декларирана моќност. Овие засилувачи, како и сите професионални засилувачи, имаат вградени вентилатори за ладење, чиј шум многу лесно се забележува во домашни услови, па дури може и многу да пречи.
Фирмата Audio Expert (www.audioexpert.com.mk) нуди професионалeн засилувач Master Audio MPA1000 со синусна моќност од 400 Wrms/4Ω при изобличување помало од 0,1%. Цената е идентична со цената на Behringer EPQ900, кој има помала моќност.
Владимир Филевски


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.