Почитувани,
Треба да го пуштам домашниот систем за парно греење, па ми треба помош околу полнењето на инсталацијата со вода. Значи, како целосно оди постапката за прво полнење вода.
Инсталацијата има вода, но се сомневам дека ќе треба да дополнувам.
Еве што има од инструменти. Имам манометар поставен на висина на доводната (долната цевка) на котелот, кој е во подрум. Има термометар поставен во одводната (горната цевка) на котелот. Подрумот е висок 2,6 метри, приземјето е 2,6m и има кат. Тоа значи дека горниот вентил на горните радијатори е некаде на 6m висина. На ладно манометарот покажува 0,6 бари (не е многу прецизен) и мислам дека оваа бројка е ОК. На првото пуштање на манометарот добив околу 2,1 бари, а на термометарот околу 50 степени. Денес кога го пуштив, не можеше да крене притисок на 1,5 бари при многу силен оган. Да напоменам дека на првото пуштање испуштав воздух од сите радијатори. Денес привремено ја изгасив пумпата и така испуштав воздух само на горните радијатори, но не добив добар млаз.
Прашањето ми е како да знам дека количеството вода во системот е добро, односно ме интересира целата постапка за прво пуштање сопствен систем за парно греење.
Со почит,
Крсте Кирилов
Дијагностика на проблемот не е во количеството вода во системот, туку проблемот е тоа што имате воздух во инсталацијата на парното, па затоа, кога парното ќе дигне температура, воздухот се движи како стрела и создава шум кој е предизвикан од многу брзото струење на воздухот. Да не ве чуди тоа што системот сега не кренал толку температура и притисок, затоа што сега времето е ладно и се троши температурата во радијаторите. Инаку, температурата и притисокот во парното се врзани правопропорционално p•V = R•T, каде што p - притисок V - волумен R - константа T - температура. Равенкава значи: Кога ќе почне греењето, како расте темпаратурата, ќе расте и притисокот, но ограничувањето на притисокот е на три бари бидејќи тогаш пропушта сигурносниот вентил. Ова ќе се случи некаде на 85 до 90 степени, кога водата ќе почне да испарува и притисокот нагло ќе порасне на 3 бари, што е и нормално. Да не се чудите што кажувам дека водата испарува на 85-90 степени, тоа е затоа што горните слоеви од котелот имаат различна температура од тие во дното на котелот, па така, ако термометарот покажува 85-90 степени, тогаш горните слоеви се веќе на 100 степени (топлата вода секогаш се качува во горните слоеви – полесна е) и затоа водата всушност почнува да испарува кога термометарот ќе покаже 85 степени.
Решение на проблемот: Првата финта која мајсторите не ви ја кажале при местење на парното е тоа што радијаторите треба да бидат наместени со пад (неливелирани), и тоа задната страна од кај вентилчето за испуштање на воздухот треба да биде повисока. Само ако се така наместени, радијаторите комплетно ќе можете да го испуштите воздухот од радијаторите, во обратен случај постојано ќе се заробува воздух во нив и ќе се добива она струење со шум. Второ, проверете да не имате слепи водови во кои ќе се збива воздух и доколку имате такви, тие мора да завршат со испуст (мини-вентил) за да се испушти воздухот.
Моја препорака е кога го полните системот со вода, да го оставите да се полни сè до три бари т.е. додека не се отвори сигурносниот вентил (внимавајте сигурносниот вентил да биде приклучен на канализација за да не предизвика штета ако пропушти вода слободно), па така делумно ќе се испразни воздухот, а потоа преминете на испуштање воздух од радијаторите и спуштете го притисокот до 1,5 бари. Сигурносниот вентил со сигурност ќе се отвори и ќе пропушти вода бидејќи тој отвора на 3 бара, а притисокот од водоводот е 4 бари. Веројатно имате ставено експанзиска боца, и таа треба да биде некаде 10 – 12 литри, што задоволува за два ката. Висината на катовите која сте ја навеле и количината вода која е во системот, т.е. дали манометарот ќе покаже 0,6 или 1 бар воопшто не е важно – системот треба да функционира добро и во двата случаја. Одредено решение за да не се слуша шумолење на водата е да го зголемите притисокот на 1,5 до 1,8 бари, т.е. да имате поголем притисок кој го збива воздухот во џебовите, па така тој да не може да почне со струење толку лесно (притиснат е во ќоше). Ова зголемување на притисокот можеби ќе го реши проблемот со струење на воздухот во инсталацијата, но постојано ке брчат радијаторите ако не се правилно наместени т.е. ако имаат воздух кај вентилот, цело време ќе се слуша звук (шуштење како кога тече вода од чешма). И за крај, немојте да ги загревате котелот или шпоретот нагло и веднаш вклучете ја пумпата за да се загрева целокупната вода во системот зашто ако нагло почнат да вријат горните слоеви топла вода, може пак да се јави струење на водата.
Сумарно, мој совет: Прво кренете го притисокот на 1,5 бари или повеќе (нема никаква опасност ако системот има сигурносен вентил кој е поврзан на канализација) и полека загревајте го котелот, па ќе видите дали ќе се појави шумолење. Ако сè е во ред, тогаш работете го системот на тој притисок. Ако, пак, повторно се јавува шумолење, тогаш ставете либела на радијаторите и на нивните држачи дајте им пад како што опишав погоре, а потоа испуштајте воздух.
Мики Крстевски
Здраво Емитер,
Ми треба совет од вас. Имам торусен трансформатор 2X28V 70W и со него сакам да направам засилувач. Можете ли да ми дадете некој предлог за тоа кој проект би одговарал за овој трансформатор?
Поздрав,
Васко Тасев
Повеќето класични реализации со дискретни компоненти и RMS-излезна моќност од 40 до 100W без проблем би го издржале нешто зголемениот напон на напојување од 2x28V. Зголемениот напон ќе повлече и зголемена дисипација – односно ќе има потреба од нешто поголеми ладилници. Исто така, 28Vac е границата каде што веќе мораме да употребиме барем 50-волтни филтерски кондензатори во напојувањето. Со ваква комбинација 2X28V и 70W, без поголеми проблеми би се остварила моќноста од 50W на 8 оми но со 4-омско оптоварување треба да се посвети големо внимание на зголемената дисипација и, се разбира, нема да можеме да добиеме моќност многу поголема од 50W. Кај овие решенија, можеби најпаметно би било да се земе класична реализација која може да даде нешто повисок RMS-излез од 80 до 120W и да се намали вкупното засилување да не биде многу поголемо од 20 пати. Во ЕМИТЕР имало повеќе проекти на засилувачи со дисктретни компоненти кои би одговарале за наведените услови. На пример, тоа може да биде проектот од ЕМИТЕР 7-8/2008 (https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=580) со промена на вредноста R10 на 470 оми.
За овој случај, во начело не препорачувам решение со ИК, бидејќи тоа редовно би водело до често прегревање на колото и активирање на вградената заштита (ако ја има – а ја има во сите понови модели). За да се избегне ова, и тука треба да се земе некое ИК кое што може да даде поголема моќност (од оние 50W RMS што би ги дало 70 – ватното трафо) и задолжително да се намали вкупното засилување. Мислам дека конфигурација со TDA7293, нагодена да има напонско засилување од околу 20 пати, ќе биде добро решение! Како основа можете да го искористите проектот од ЕМИТЕР 1/2012 (https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=3911), но без филтерскиот степен и со промена на вредноста на R2 на 1 килоом. Може да го употребите и проектот од ЕМИТЕР 7-8/2002 (https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=2595) со замена на ИК TDA7295 со TDA7293 и промена на вредноста на R2 на 1 килоом.
Емилијан Иљоски
Ви благодарам за одговорот на моето претходно писмо. Како што кажав, немам некое искуство со овој тип напојувања и не ми текна да ги проверам и да ги сменам сите кондензатори, затоа што и не се многу, но човек се учи додека е жив.
Сега имам едно друго прашање. Пред речиси една година од Техномаркет купив PHILIPS VHF/UHF/HDTV digital TV IP55 antenna, со вграден засилувач од 40dB, модел SDV8622/12 со распон од 5 до 1000MHz, и еве, пред 5 дена ми се расипа, а кога ја купував ми кажаа дека гаранцијата важи една недела, иако на интернет-страницата на PHILIPS наведуваат гаранција од 5 години. Бидејќи засилувачот целиот е во SMD-техника и има некакво ИК кое едвај со лупа се гледа, невозможно е да се поправа, па затоа сакам самиот да изработам нов антенски засилувач. Согласно со тоа, ме интересира дали шемава што ви ја испраќам може да се искористи за нов антенски засилувач? Во оваа шема со два транзистора сакам да додадам и трет степен (ист како вториот), а наместо BF197, планирам да вградам BFR-транзистори. Целта ми е да добијам засилување од 40dB, наместо 15dB (како што е декларирано за овој засилувач) и да работи во опсег од 5 до 1000MHz (мислам дека BFR-транзисторите можат да работат во тој опсег, а BF197 не). Значи, дали е можно оваа шема да профункционираа и како би се извело напојувањето по истиот кабел заедно со сигналот – бидејќи го имам Power Inserter сакам да го искористам него, само со друг адаптер со повисок напон, затоа што на шемата е зададен напон од 10 до 14V. Ако сметате дека оваа шема не е добра и ако имате вие некакво решение за ваков антенски засилувач, тогаш ве молам посочете ми некое решение.
Ви благодарам однапред,
Дејан (deki21) преку и-мејл
Во Вф-техниката, покрај електричната шема треба да ја имаме и механичката реализација на уредот. Дури и тоа не е доволен предуслов за успешна реализација! Разликата од успехот и неуспехот може лесно да се сведе на поставувањето на само една компонента за некој милиметар лево или десно. Затоа ВФ-проектите, во глобала, не се многу прикладни за самоградба. Сепак, Емитер има објавено неколку вакви проекти од кои, за Вашата намена, највеќе одговара проектот од Емитер бр. 9/98: https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=3180.
Од горенаведените причини, не е можна едноставна замена на "старомодниот" BF197 со некој од понова генерација бидејќи, без исклучок, сите ВФ-транзистори од нешто понова генерација се сместени во поинакво пакување од BF197. Тоа важи и за прочуената, 35 години стара генерација на BFR - BFR90, BFR91 и BFR96 кои, патем речено, не се едноставно заменливи еден со друг! Значи, треба да најдете некое целосноо решение со одреден модел транзистори и практично да го реализирате. Шемата со BF197, која ја имате, нема многу да помогне! Уште повеќе, ми се чини дека не е исправна бидејќи со назначените компоненти (особено RC-членот 47K // 120p) може само да се изработи НФ-засилувач со горна гранична фреквенција од само 30KHz!
Морам да напоменам, исто така, дека засилување од некои 40 dB не е воопшто едноставно да се добие, особено на повисоките фреквенции од UHF-подрачјето, дури и со употреба на најнова технологија. Сепак, мора да се разликуваат реалните 15 од 20 dB, кои без никаков срам се претвораат во волшебни 40-тина кај уредите од ниска класа и сомнителна провениенција, од уредите со вистинско засилување од 40 dB за кои треба да се одвојат некои 60 до 100 евра наместо денари!
Емилијан Иљоски
Почитувани,
Имам еден специфичен проблем со напојувањето за миксерот Soundcraft Spirit E6. Кога го извадив да видам што се случува, видов дека печатената плочка на две места беше поцрнета, што значи дека тука почнале проблемите. Бидејќи немам многу искуство со тие напојувања, отидов на веб-страницата на Soundcraft за да видам дали има шема или сервисно упатство. Такво нешто не најдов, но налетав на една објава од форум, каде што некој исто такво напојување го поправал и увидел дека плочката е лошо дизајнирана, односно дека е лошо дизајнирано напојувањето. Неговите објаснувања можете да ги прочитате на следниот линк http://www.neufeld.newton.ks.us/electronics/?p=498Dejan. Бидејќи и тој немал шема, самиот ја нацртал со помош на плочката – таа шема ви ја испраќам, а неа ја има и на наведениот сајт. Инаку, во шемата необележаната диода D3 е од типот SF1600TFK.
Ги прочитав и ги следев неговите упатства, но испадна дека во мојот случај уште една диода е прегорена, а не само едната како кај него. Ги променив двете диоди и, напојувањето проработе, ама почна да чади диодата D6. Затоа ги сменив и FET-транзисторот и интегрираното коло, но пак истото се случуваше. Ми остана уште транзисторот ZTX, кого не можам да го најдам во продавниците.
Што ми препорачувате вие и дали може да се направи надворешно напојување со класичен трансформатор?
Дејан (deki21) преку e-mail
Тоа што не успевате да го поправите уредот, во прв ред се должи на фактот што вие постојано се обидувате да ги отстраните последиците, а не причинителите на прегорувањето! Наиме, полуспроводниците – транзисторите, диодите или интегрираните кола речиси во никој случај не се причинители на прегорувањето. Просто, кога ќе доведеме некој полуспроводник во одреден работен режим, тој ќе продолжи да работи сè додека не се сменат почетно зададените параметри. Дури и прегорувањето на транзистор поради преоптоварување е само последица, вистинската причина за тоа е неговото преоптоварување!
Значи, залудно се обидувате да ги замените прегорените полуспроводници, тие не се причината за прегорувањето. Сè додека не ја најдете вистинската причина, вие по фамозната метода на безуспешни обиди, ќе прегорувате сè повеќе и повеќе полуспроводници во колото, сè додека не дојдете до констатацијата: "Ова веќе не се поправа!"
Каде да ја барате причината?
Некој пресметал дека кај импулсните претворувачи, околу 70% од дефектите се причинети од промена на параметрите на кондензаторите и, грубо, останатите 30% од дефектите се должат на неисправна работа на колото кое е напојувано со дотичниот претворувач. Само 1 дефект од 2500 се должи на состојби врзани со промена на параметрите на испорачаната ел. енегија. Исто така, пресметано е дека само во 76 ppm (parts per million – 76 случаи од милион = 0,0076%), дефектот е предизвикан од слабиот квалитет на уредот.
Затоа, решението на вашиот проблем прво побарајте го таму каде што има најголема веројатност да се случи: Во прв ред тоа е промена (деградација) на параметрите на еден или повеќе кондензатори во самиот импулсен претворувач и кондензаторите за филтрирање на напонот во колата напојувани од претворувачот. Нема да биде доволно да измерите капацитивност на кондензаторите туку ќе треба да им измерите и ЕСР (еквивалентна сериска отпорност) – тема која е обработувана на повеќе наврати во Емитер (броевите 2/2000, 6/2004, 10/2012 и 11/2012).
Без разлика дали со овие мерења ќе се уверите дека причината е или не е во самиот претворувач, заменете ги неисправните елементи и испробајте го истиот "на суво" – со исклучување на колата напојувани од претворувачот и со приклучување соодветен отпорник наместо нив. Прво, отпорникот нема биде со таква вредност што да предизвика мала потрошувачка, а потоа постепено да се намалува за да се добие потребната номинална потрошувачка. Само понекогаш, поради лошиот квалитет на заменетите компоненти или поради несоодветно нагодување таму каде што го има, уредот не ќе може да ја даде максималната струја, а да не се прегрева или дури да предизвикува прегорување на нововградените елементи.
Само кога ќе се уверите во исправната работа на претворувачот, тогаш ќе можете да одите понатаму. Не брзајте со вклучување на "вистинските" потрошувачи, односно колата напојувани од претворувачот, и нив ќе треба да ги проверите!
Општо земено, сервисирањето уреди не е нешто што може да се направи преку форуми или интерет воопшто. Верувајте, да можев воопшто да поправам електронски уреди на далечина, преку некое средство за комуникација како посредник, најверојатно ќе бев најбогатиот човек на земјата! Сервисирањето електронски уреди е еден од најсложените занаети воопшто и бара не само широко практично познавање на работите туку пред сè голема теоретска подготвеност. Тоа е една од причините зошто најновите електронски уреди сè помалку се предвидени за сервисирање, а сè повеќе се наменети за "еднократна употреба".
На крај, се разбира дека можете да изработите некое класично решение со мрежен трансформатор, но имајте предвид дека тоа ќе биде поскапо, потешко и со поголем габарит. Затоа, проверете дали е поевтино да купите ново оригинално напојување за тој миксер.
Емилијан Иљоски
Здраво Емитер,
Веќе подолго време сакам да ви пишам и да ве пофалам за написите и за успешните проекти кои од прва ми проработуваа. Списанието ви е многу интересно.
Сега сакам да ве замолам за помош во врска со еден проект. Имено, ми се појавува проблем со програмирањето на PIC16F84-10MHz за колор бар-генераторот од бројот 7-8/06 – јули/август 2006 година. Проблемот е во тоа што не знам што е тоа WDT off и каде и како се исклучува при програмирањето на PIC16F84-10MHz. Ве молам да ми одговорите со што повеќе информации и со појаснување со пример, бидејќи иако сум ја прочитал вашата брошура "Микроконтролери 1", сепак програмирањето не ми успеа!
Примете срдечни поздрави и желби за понатамошна интересна и успешна работа.
Кенан Сакипи
Принципот на нагодување на WDT off/on зависи од програматорот што го користите. Тој бит стои во полето CHIP CONFIGURATION BIT's и треба да најдете како се сетира. Наведете кој програматор го користите, па ќе ви кажам како точно да го направите тоа. Во MPLAB се оди на опцијата Configure/Configuration bits. Во менито има поле WDTE што треба да биде на WDT Disabled.
Благој Ќупев
Здраво Редакцијо
Имам едно прашање за вас за една актуелна тема во светот. Ме интересира дали може да се најдат неомагнети во Македонија – 1000 пати го превртев Google, ама такво нешто во Македонија не најдов. На ebay има милион, ама проблемот ми е плаќањето. Ми требаат за една ветерна централа, не многу голема, неколку 100-тици вати. Не би било лошо и вие да пишувате и да објавите проекти за таков тип енергија (ветерни турбини, сончеви колектори, фотонапонски панели).
Со почит
Драган Илиевски
Претпоставувам дека неодимиумските магнети Ви се потребни за да направите генератор за ветерна централа. Веднаш да Ве обесхрабрам – тоа не се исплати за самоградба, ниту ќе добиете добри резултати. Најдобро е да купите готов електричен генератор, а самите да го направите останатото – столб, перки, регулатор итн.
За искористување на сончевата и на ветерната енергија, во ЕМИТЕР беа објавени повеќе написи –погледнете во броевите 7-8/03, 9/03, 10/03, 7-8/04, 1/09 и 2/09:
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=2245
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=2209
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=2184
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=1856
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=149
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=212
Имаме објавено и проект за самоградба на сончеви колектори во броевите 6 и 7-8 од 2007 г.
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=839
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=808
Проект за самоградба на ветрогенератор досега немаме објавено, но ќе се потрудиме тоа да го направиме во некој иден број.
За поширок избор на статии за обновливи извори на енергија на нашиот веб-сајт пребарајте ја рубриката "Енергетика": https://emiter.com.mk/prebaruvanje.php?fraza=&rubrika=10
Владимир Филевски
Идејата за проекти од областа на обновливите енергии е многу добра и во Емитер на повеќе наврати сме размислувале за серија написи (и проекти) на оваа тема. Основна пречка е фактот што ваквите проекти претставуваат симбиоза на повеќе инженерски области како: електротехника, електроника, машинство, автоматизација и управување, аеродинамика, термодинамика и што уште не!. Тука не е присутен само факторот дека оваа област бара темелно познавање на повеќе инженерски области од страна на авторите на проектите, впрочем Емитер располага со таков кадар, туку проблемот е и кај читателите. Имено, според моите досегашни искуства, за жал, многу е мал бројот на ентузијасти во Македонија кои можат вистински да одговорат на техничките предизвици што ги поставуваат сите овие технички области ставени во еден кош! Сепак, независно од овие реални пречки, Емитер планира да објави серија написи на оваа тема, и тоа во блиска иднина.
Што се однесува до Вашата замисла да изработите генератор во самоградба и за тоа ви требаат неодиумиумските магнети, мислам дека го насочувате вашиот труд (и знаење) во погрешна насока.
1. Точно е тоа дека со употреба на неодимиумски магнети може да се намалат габаритот и тежината на генераторот споредбено со употребата на други феромагнетни материјали, но тие имаат две многу "незгодни" особини – лесно фаќаат ’рѓа и можат да се демагнетизираат под дејство на топлина. Овие две примарни особини ги прави сосема неупотребливи во апликации каде што уредот е подложен на високо ниво на влага и на големи осцилации на температурата – а овие временски услови, мора да признаете, ќе бидат често присутни кај Вашиот генератор!
2. Запрашајте се зошто Ви треба полесен генератор? Се работи за мали генератори со моќност од неколку стотина вати и апсолутно е ирелевантно за конструкцијата што ќе го "држи", дали ќе држи 1,5 или 3 килограми! И така и вака, конструкцијата нема да можете да ја направите со помали профили бидејќи таа би требало да биде отпорна на јаки налети на ветер и би требало да издржи барем стотина пати поголеми оптоварувања. Уште повеќе, не е релевантно дали основниот лагер, кој ќе ви овозможи поместување на конструкцијата со генераторот по хоризонтала, ќе биде, на пример, од типот 626 (за генератор од 1,5 kg) или нешто поголем (за оној од 3 kg) – разликата би била евро или две!
3. Запрашајте се колку ќе Ве чини така направениот генератор, дали тој ќе може да има барем приближно ист квалитет, и, што е најважно, приближно ист степен на полезно дејство како индустриски направените (>90%).
Затоа, Ви предлагам едно сосема прагматично – а во прв ред и многу евтино решение. Набавете алтернатор од автомобил! Тие обично се со моќност од 300 до 600 W и имате многу работи кои веќе се "направени" – со генераторот одат исправувачките диоди и регулацијата, значи, готово решение за полнење акумулатори! Згора на сè, за експериментални цели можете да најдете некој алтернатор "на старо" и да заштедите значителни средства!
Тогаш Вам Ви останува да ги насочите своите сили кон изработка на турбината (перките), оптимизирање и/или автоматирање на "ударниот" агол на перките, зависно од правецот и силата на ветерот, како и изработка на носечката конструкција на целиот систем.
Во секој случај, по реализацијата на Вашиот проект, добро би било него да го презентирате во Емитер за да можат многу други ентузијасти да добијат пример за понатамошно усовршување.
Емилијан Иљоски
Здраво,
Ме интересира дали од изворот за напојување 0-30V/3A (објавен во Емитер бр. 3/2005) ќе можам да добијам струја од 8-10A со додавање на 2-3 излезни транзистори. Дали освен ова ќе бидат потребни и други измени во шемата за да се достигне оваа струја?
Мене ми треба стабилизиран напон од 9V и константна струја од 10A. Дали споменатиот проект може да ги задоволи овие потреби или за оваа намена можам да користам попроста шема, на пример со LM723 или LM317?
Ви благодарам однапред,
Јовица Даниловски
За стабилизатор со фиксен напон и фиксна струја најдобро е да се искористи класичната изведба на напонски стабилизатор со LM723, во комбинација со најмалку 3 сериски транзистори со голема моќност монтирани на соодветен (масивен) ладилник. Како основа може да Ви послужи проектот "Стабилизиран исправувач за 3-30V" објавен во Емитер бр. 1/2008
Дејан Трпески
Поздрав дечки,
Решив веќе да не купувам ЕМИТЕР затоа што немате нацрт на плочките, па не можам да ги изработувам сам плочките и мора да ги порачувам од вас. Од списание за електроника станавте Политикин Забавник. Повторувате некои конструкции (читател сум од 1996), станавте арогантни и сезнајни кон читателите (примерот со HHO генераторот), од списание "направи сам" станавте "повикај број да се караме или да порачаме". Искрено ова ви го кажувам, сфатете како сакате, ЕМИТЕР беше поим за практично списание поради кое ја засакав електрониката и таа ми стана хоби (по струка сум транспортен инженер). Можете да ме нападнете, но сепак овде е ваш читател кој ви беше верен 16 години.
Правете како мислите, но немојте да сте алчни.
Поздрав, Starfool, преку и-мејл
Почитуван г. Старфул,
Многи сме среќни што ЕМИТЕР е причината за да ја засакате електрониката толку многу, што Ви станала хоби. Што повеќе може да посака едно списание за електроника? Mission acomplished! Од друга страна, жал ни е што понатаму нема да го купувате ЕМИТЕР, но причините кои ги наведовте за таа Ваша одлука едноставно не изгледаат логични. Зачудени сме како е можно наш редовен читател повторно да ги поставува истите стари неодржливи "тези" кои досега неколку пати сме ги објаснувале. За да не губиме време во пишување на исти и слични одговори Ве упатуваме одговорите на вашите тези да ги побарате во уводниците и во рубриката "Писма", во следните броеви на ЕМИТЕР:
1/2007 - https://emiter.com.mk/pisma/1674
12/2008 - https://emiter.com.mk/pisma/1671
1/2009 - https://emiter.com.mk/pisma/1656
9/2003 - https://emiter.com.mk/napis/9151.
На крај, ако и покрај овие наши објаснувања сепак останувате на Вашата одлука да не го купувате понатаму ЕМИТЕР, заради задржувањето на Вашиот интерес за електрониката, можеме да Ви препорачаме наместо ЕМИТЕР (по "алчна" цена од 130 денари) и наместо нашите плочки (по "алчна" цена од, најчесто, 30 до 100 денари) да го купувате светски познатото списание за електроника Elektor по неалчна цена од 720 денари и од нив да ги нарачувате нивните плочки по неалчна цена од минимум 350 денари, па сè до 1400 денари (цените се без поштарината од странство).
Владимир Филевски
Здраво,
Веднаш со пофалби за написите во летниот двоброј за самоградба на звучници и засилувач за сабвуфер. Се надевам дека со новата фирма P.Audio ќе следуваат и други вакви теми во иднина. Правецот кој сте го зафатиле многу ме бендиса, звучниците се многу солидни, а со професионални компоненти можат да се постигнат добри перформанси за многу ниска цена. Едвај чекам да го видам остатокот од засилувачот за сабвуфер.
Досега го имав сабвуферот "Аквариум" од ЕМИТЕР 9/02 (без стакла) и филтер-засилувачот за сабвуфер 100 W (ЕМИТЕР 9/02), кои одлично си ја вршеа работата. Малку е разлеан басот, па сакав да ве прашам дали би било во ред да се дампира кутијата (и така нема стакла) за малку да се зацврсне басот. Ако се дампира, на кој начин да го изведам тоа? Како и да е, целокупниот систем ќе се пресели од соба со околу 50 кубика во салон со преку 300 кубика. Па, соодветно тој сабвуфер е мал, барем според мене.
Во написот од бројот 7-8/11 имате напомнато дека звучниците треба да се поддржани од уште поголем сабвуфер! Тука веќе го здобивте целото мое внимание. Ако следува таков проект, ќе го очекувам. А ако не, што би препорачале од P.Audio за самоградба на сабвуфер? Јас ги гледав звучниците на сајтот и тие одат најниско до 30 Hz, што според мене е апсолутно неприфатливо. А не знам и како е мерено тоа. Затоа и прашувам што би препорачале за додаток на звучниците од 7-8/11, со граница под 20 Hz, над 95 dB потисок во опсегот 20-120 Hz и секако, најстегнат бас. Дали тоа повлекува компресиона кутија зашто и така самите драјвери можат да испорачаат над 96 dB/1W и претпоставувам дека е изводливо од нив да се добие добар сабвуфер, со пристојна долна фреквенција која ќе е употреблива и во реалноста, а не само на професионални разгласни места.
Благодарам и продолжете со одличната работа.
Дејан Маликовски
Ви благодариме на пофалбите, планираме и други интересни проекти за звучници.
Ако во сабвуферот "Аквариум" сте го монтирале бас-звучникот US.Blaster USB2830 (како во проектот), тогаш басот не би требало да биде премногу разлеан (дали сте ги вкрутиле страниците од кутијата?). Дампирањето дефинитивно ќе помогне: ставете на сите внатрешни страници (освен на онаа каде што е звучникот) по еден слој обичен рамен сунѓер дебел 2 cm или слој "Лио" дебел околу 4 cm. Во оригиналниот проект "Аквариум" не е употребено дампирање само затоа за да се добие спектакуларен визуелен ефект – кутииште од 94 литри речиси е невидливо!
Цврстината, дефиницијата и резолуцијата на ниските тонови е во директна спротивност со желбата за што пониски фреквенции, па како и кај секој сабвуфер, така и кај сабвуферот "Аквариум" е направен одреден компромис со изборот на принцип на бас-рефлекс звучна кутија. Ако сакате квалитетни ниски тонови од истиот бас-звучник, тогаш тој треба да се стави во компресиона кутија со волумен од 50 до 60 литри, внатре речиси целосно исполнета со "Лио". Но, тогаш таа звучна кутија нема да може да репродуцира толку ниски фреквенции како "Аквариум", ниту толку гласно под 50 Hz, иако бас-звучникот ќе биде ист.
Салон со волумен 300 m3 е преголем за само еден сабвуфер, каков и да е. Неопходни се барем два сабвуфера, со засилувачи со многу поголема моќност од 100 W, на пример барем по 400 W. Исто така пожелно е ефикасноста на сабвуферот да биде повисока од онаа која ја имаат автомобилските 4-омски бас-звучници. Почнува да личи на нешто што може да го сработи само професионален бас-звучник, нели?
Професионалните сабвуфери најчесто користат бас-звучници со дијаметар од 18 инчи (46 cm), па дури и 21 инч (53 cm). Но, тие сабвуфери ретко кога можат да дадат 30 Hz бидејќи примарна задача им е високиот звучен потисок (SPL), а не длабочината. Но, со примена на електронска еквализација сè е можно. Морам да напомнам дека дури и многу скапите hi-fi сабвуфери најчесто не можат да постигнат долна гранична фреквенција од 20 Hz (на -3 dB), иако имаат помош од софистицирана електроника вградена во нив. Разумна вредност е 30 Hz, но во некои филмови има звучни ефекти кои одат и пониско. За аудиофилите/филмофилите кои не се задоволуваат со разумното, постојат испробани решенија, но за жал – скапи. На пример, пред неколку години за еден аудиофил изработив специјален сабвуфер кој има совршен импулсен одѕив (брзина и цврстина) и долна гранична фреквенција од 10 Hz (на -3 dB)! Не, не е печатна грешка, навистина се 10 Hz! Што е уште поинтересно, волуменот на кутијата е само 60 литри! Но, тоа решение е скапо – користи првокласен професионален бас-звучник од 18 инчи (46 cm), специјален еквилајзер што своерачно го конструирав и изработив, а се погонува со професионален стереозасилувач Crown поставен во мостен спој што испорачува чисти синусни 1200 W на бас-звучникот. Овој сабвуфер му го предадов на среќниот аудиофил со предупредување дека не одговарам за евентуалните штети во станот! Салонот во кој е поставен овој сабвуфер има околу 100 m3 волумен, што е многу помалку од Вашите 300 m3. Во Вашиот случај неопходни би биле барем два вакви сабвуфера, а препорачувам бас-звучниците да бидат од 21 инч (53 cm). Каква случајност :-)), во магацинот имам одлични сабвуферски бас-звучници од 21 инч, со намотка од 5 инчи (127 mm!) и синусна моќност од 1200 W. Ако сте заинтересирани да Ви направам комплетно решение со вакви сабвуфери, јавете ми се во АУДИО ЕКСПЕРТ (contact@audioexpert.com.mk).
Ако добро Ве разбрав, планирате како главни стерео звучници ("сателитски") да ги користите 10-инчните од проектот во ЕМИТЕР 7-8/2011. Со оглед на огромниот салон, мислам дека многу подобро решение би биле поголеми сателитски звучници, на пример со 15-инчен бас со повисока ефикасност (96 dB/1W/1m) и поголема високотонска хорна. Токму таков проект планирав за некој нареден број на ЕМИТЕР, па ако сте заинтересирани, можеме да ја забрзаме целата работа – Вие ќе ги добиете тие звучници пред да биде објавен проектот во ЕМИТЕР. Цената на овие звучници е само малку повисока во однос на оние од проектот со 10-инчни звучници.
Владимир Филевски
Здраво Емитер.
Имам голем проблем со професионалните MOSFET-и BTS442E2 и VN02AN. Не можам да ги најдам никаде. Ве молам за некој совет во врска со нивна набавка или замена.
Списанието во областа на електрониката ви е закон. Во идно време ако може нешто повеќе да напишете и за агрегати и инвертори.
Однапред благодарам,
Ване Ичков – Богданци.
BTS442E2 и VN02AN спаѓаат во постари генерации MOSFET транзистори за професионална употреба и немаат соодветна замена. Истите не само што нема да можете да ги набавите во Скопје (освен кај приватни лица), туку истите нема да можете да ги набавите во најеминентните продавници за електронски компоненти (NEDIS и DIGI-KEY ги немаат на лагер).
Но, овластениот сервис на уредот е должен да ги поседува истите во сервисниот рок на уредот (сервисен рок на комерцијални уреди = 1 година гаранција + 7 години сервис, а за професионални уреди = 3 години гаранција + 7 - 10 години сервис). Значи, ако уредот е постар од 8 до 13 години тешко и таму да ги најдете компонентите. Производителите претпочитаат да ги фрлат во отпад резервните делови за нивните уреди кои се со изминат сервисниот рок наместо да ги отстапат на корисниците. Причината за тоа сосема е јасна!
Ако нема овластен сервис за уредот во Македонија, ви препорачувам да се обратите директно до производителот, заобиколувајќи ги овластените сервиси во соседните држави кои, патем речено, не се ништо подобри од очајните во Македонија (со секоја чест на одделни исклучоци од ова правило).
Емилијан Иљоски
Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...
Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.
Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.