Почитувана редакцијо,
Јас сум ваш редовен читател и го следам вашето списание од неговите почетоци. Би сакал да се надоврзам на писмото од читателот Владимир Георгиев објавено во декемврискиот број на Емитер и да поднесам неколку забелешки од истата област, а тоа се:
Прво, јас сосема се сложувам со неговото мислење дека треба да има повеќе написи од областа на електрониката.
Второ, на повеќето од проектите материјалот кој е потребен да се изработи колото е даден на несоодветна страница каде што не е монтажната и електричната шема, па така секој што сака да го изработи тој проект ќе треба на секое залемување на некоја компонента да ја врти страницата.
Трета забелешка е тоа што се сложувам со горенаведениот читател дека во броевите што следуваат треба да се објавува и нацрт со дизајн на водовите за секоја ППК. Иако и вие сте во право дека секоја ППК е професионално изработена и по ниски цени, јас сепак не би мислел така. Ќе ја земам за пример ППК објавена во Емитер 12/08, а тоа е 8 канален лајт-шоу управуван со компјутер. Цената на витропласт плочка со тие димензии е 120 денари, плус за сито штампа со развивање 50 денари, значи мене целата ППК ќе ме чини околу 170 денари, а во случај да ја земам од вашиот ППК сервис таа ќе чини 320 денари.
Се надевам дека некои од горенаведените заблешки ќе ги прифатите и ќе има некаква промена во броевите што следат.
Со почит,
Иван Тодоровски

1. Забелешката на читателот Владимир Георгиев беше дека електрониката во ЕМИТЕР ја имало с# помалку, но видовме дека фактите покажаа токму спротивно – во споредба со старите изданија (пред 2001г), во сегашните броеви на ЕМИТЕР има ист или поголем број на страници со електроника и сродните дисциплини.
Вашата желба за уште повеќе електроника во ЕМИТЕР е убава ама, за жал, тешко остварлива. Има неколку причини за ова. Еден начин да се оствари вашата (и наша) желба е да се намали обемот на другите содржини, но тоа секако нема да наиде на одобрување кај читателите кои се интересираат за другите области од науката и техниката. Вториот начин е да се зголеми вкупниот број на страници на ЕМИТЕР, но тоа повлекува зголемување на цената, а ова сигурно нема да биде прифатливо за голем дел од читателите. На овие дилеми треба да се додадат и можните реперкусии во маркетиншкиот домен бидејќи поголем дел од фирмите/продавниците за електроника не се заинтересирани или не се способни да одвојат пари за рекламирање во ЕМИТЕР. Но, проблемите поврзани со желбата "повеќе електроника" не завршуваат тука.
Повеќе страници со електроника не е возможно да се реализираат со истите неколку соработници, прво затоа што тие не можат да стигнат да подготват повеќе написи, а второ затоа што не се специјалисти за сите области на електрониката. Значи потребни се и повеќе соработници – напредни електроничари и тоа од различни области на електрониката. За жал, и покрај нашиот постојан повик за нови соработници такви речиси и да нема. Еве, и вие пред речиси 2 години го побаравате нашето упатство со најава дека ќе подготвите неколку написи, но од тоа до сега не бидна ништо?!
И да не должам повеќе за ова. Согласно претходно кажаното, по се изгледа дека во догледно време вашата (и наша) желба за повеќе електроника ќе остане само желба.
2. Во голем број од нашите проекти списокот за потребниот материјал е на страницата каде што е и монтажната шема, но не е возможно секогаш да биде така. Некогаш причината за тоа е од графичка/дизајнерска природа, но почесто е заради тежнението соодветните слики од проектот да се најдат на оние страници каде што е и текстот за нив (а и ова некогаш е невозможно да се изведе). Но ова не е случај само во ЕМИТЕР туку и во светските списанија за електроника. А проблемот кој го наведувате лесно можете да го решите со тоа што списокот на потребен материјал ќе го ископирате на посебен лист и ќе го држите покрај монтажната шема додека го изработувате склопот.
3. Примерот кој го наведувате го кажува токму спротивното од она што сакате да го кажете бидејќи математиката ви е погрешна. Ако плочката за компјутерското лајт-шоу (ППК349) ја купите од нашиот ППК сервис таа ќе ве чини 160 денари (со купонот за попуст), а ако сами ја изработите ќе ве чини 170 денари, а јас мислам дури и поскапо бидејќи спомнатите 50 денари за сито печат и развивање се нереално ниски. Во секој случај, 160 е помало од 170, а каде е тука изработката на графичкиот филм и потрошеното време?
Но, како и да ја правите математиката не би требало да ни забележувате за продажбата на нашите плочки. Прво, затоа што цените на нашите плочки се навистина ниски и второ, затоа што тоа е еден од приходите кои помагаат ЕМИТЕР да излегува, а тоа е и во ваш интерес, нели?
Со почит,
Слободан Таневски

П.С. Би ве замолил за контакт со вашиот сито-печатар. Ако цените на неговите услуги се такви како што наведувате тогаш и ЕМИТЕР би можел да соработува со него.


Емитерци,

сакам да ве прашам нешто. Ми треба операциски засилувач за мали влезни струи (pA, nA), номинален напон на напојување ±12 V DC (или ±24 V DC, иако таа варијанта не ми е баш најоптимален избор) и голема излезна моќност. Овие параметри ми се најважни. Ги разгледував последните Емитери што сум ги купил надевајќи се дека ќе најдам некој таков, ама освен LMC 6482 од бројот 10/08, други OpAmp не најдов. Иако LMC 6482 не би ми завршил работа, сепак, прашав дали го имаат (конкретно во Прилеп) и ми рекоа дека не ни слушнале за таков. Ако нема OpAmp кој има баш онакви карактеристики какви што наведов на почетокот од писмото, тогаш може да завршат работа и различни OpAmp кои поврзани каскадно, на крајот би дале поголема излезна моќност при номинален напон на напојување од 12 V (или 24V). Затоа ако можете, Ве молам да наведете по име и ознака различни OpAmp за наведената намена, како и да ми кажете по која цена и каде можам да ги набавам. Сакам да прашам уште нешто. Нели засилувањето кај OpAmp е потпомогнато од надворешен отпорник и вредноста на засилувањето е количник од вредноста на отпорникот во повратната врска врз влезниот отпор, Rpov.vrska/Rvlezno?Е сега, ме интересира дали има ограничувања за вредноста на R во повратната врска или не? Јас претпоставувам дека би имало ограничувања, вака најгрубо оценето, затоа што засилувањето не може да биде поголемо од теоретски 10 000 пати, па треба да се внимава дека отпор во повратна врска поделен со влезен отпор може да даде најголема вредност од 10 000. Не сум сигурен за ова ограничување, па затоа уште еднаш: дали има ограничувања за вредноста на R во повратната врска?

Благодарам однапред,

Зоран Јанкулоски, Прилеп

 

1. Поради барањето за поголема излезна моќност, одберете некој од специјалните операциски засилувачи за големи моќности (Power Operational Amplifier - POA), како на пример: L165, OPA541, LM675, OMA2541, LH0101. Побарајте ги на интернет каталошките податоци за наведените операциски засилувачи и одлучете се за оној што ги исполнува и останатите барања што ги имате и што може да се купи во некоја од нашите продавници за електронски компоненти. Може да побарате и директно на сајтовите на производителите (Analog Devices, Texas Instruments, National Semiconductor...) во групите Power Operational Amplifiers. Не наведувате зошто баш мора да употребите операциски засилувач за голема излезна моќност. Можеби ќе ви заврши работа и каскадна врска на JFET операциски засилувач (на пр., TL071, TL081) и некој од интегрираните засилувачи на моќност (TDA2002, TDA2005, TDA2020...). Инаку, со каскадна врска на операциски засилувачи за општа намена не може да се постигне зголемување на излезната моќност.

2. Во споевите за инвертирачки и неинвертирачки засилувач, со отпорничкиот делител R2/R1 се прави негативна повратна врска (НПВ), со што засилувањето на целото засилувачко коло е многу помало од засилувањето на употребениот операциски засилувач (значи, не може баш да се рече дека со отпорникот R2 се потпомага засилувањето). Една важна добивка од примената на јака НПВ е тоа што со неа се постигнува параметрите на целиот засилувач (засилување, влезна отпорност, излезна отпорност...) многу слабо да зависат од толеранцијата на параметрите на употребениот ОЗ. Не треба да се заборава дека изразите што ги користиме при пресметките за засилување на инвертирачки и неинвертирачки засилувач (-R2/R1 и 1+R2/R1) важат само под претпоставката дека употребениот ОЗ е идеален. За реални ОЗ, точните изрази се многу посложени, но кога е употребена јака НПВ (R2/R1 е релативно мало) слободно може да се користат претходно наведените. Колку односот R2/R1 е поголем, т.е. колку поблиску сме со односот R2/R1 до диференцијалното напонско засилување на ОЗ (Aud), толку поголема ќе биде разликата меѓу пресметаното и реалното засилување (ако ги користиме едноставните изрази ќе добиваме вредности поголеми од реалните). Вредностите кои обично се користат за R2 и R1 се од 1KΩ до 100KΩ. Со употреба на отпорници помали од 1KΩ непотребно се оптоварува операцискиот засилувач, а со поголеми од 1МΩ многу се зголемува термичкиот шум во засилувачкото коло и веќе мора да се пресметува и влијанието на влезната поларизациска струја во неинвертирачкиот и инвертирачкиот влез на ОЗ, која инаку ја занемаруваме при пресметките. Ограничување постои и поради фактот што ако го зголемуваме засилувањето на засилувачот што го дизајнираме, во исто време ја стеснуваме неговата амплитудно-фреквенциската карактеристика. Инаку, засилувањето кое го наведувате (10000) не може да се смета како некое теоретско ограничување што важи за сите ОЗ. Некои ОЗ имаат Aud >1000000.

Горан Џамбазов


Почитувана Редакцијо,
Имам компјутер Intel (R) Celeron (TM) CPU, 1100 MHz, 1.1 GHz (Пентиум 3). Компјутеров добро ми служи и засега немам потреба од подобра конфигурација. Купив 22-инчен широк LCD монитор. Според упатството од мониторот, резолуцијата треба да изнесува 1680 х 1050. Таа резолуција ја нема, а најблиска до неа е 1600 х 1024. Според ова, не е задоволен Aspekt Ratio од 16:10 (на кој се инсистира во упатството од мониторот) и буквите во Вордот и на паѓачките менија се некако нечитки и како да се подизбришани. Во упатството од мониторот за овој проблем е посочено дека е потребно да се замени графичката картичка со таква која поддржува резолуцијата 1680 х 1050. Во продавниците за компјутерска опрема и во сервисите за компјутери ми велат дека немаат таква графичка картичка и дека тешко ќе ја најдам. Ја најдов графичката картичка SAPPHIRE ATI HD 3650 AGP која чини 4810,00 денари, но ова е веќе половина од цената на нов (поевтин) компјутер. Моето прашање е: дали има графичка картичка која е поевтина, а да ја поддржува резолуцијата 1680 х 1050 и која ќе може да се вгради во мојот компјутер?
Ви благодарам за одговорот.
Т.С. преку е-пошта

Цената на посочената графичка картичка е оправдана, со оглед на тоа дека е од поновата генерација, но перформансите кои ги нуди оваа графичка картичка воопшто нема да дојдат до израз кај Вашата конфигурација. За среќа, има и поевтини графички картички за Вашата конфигурација на компјутерот. Ви ја препорачувам графичката картичка GeForce FX 5500 која се приклучува на AGP слот каков што е на Вашиот компјутер (Пентиум 3). Цената е околу 1700,00 денари (со ДДВ).
Проверете на:www.niko.com.mk, www.vortex.com.mk, www.set.com.mk и www.riversoft.com.mk.
Зоран Ивановски

Добро е што воопшто сте нашле нова AGP Графичка картичка.
Без многу да разглобувам, лично мислам дека поисплатлива варијанта е да се додадат пари и да се купи нов компјутер или, пак, да се остане со старата конфигурација, се разбира, ако задоволува.
Вака е само фрлање пари во бунар без дно. Инаку, во Anhoch ја има (барем во понудата на www.anhoch.com) AGP графичката картичка Galaxy AGP GeForce FX5500 256MB 128Bit w/TV/DVI за 1960,00 денари.
Бранко Атанасовски


Почитувани,
Го изработив програматорот за микроконтролери од брошурата "Микроконтролери за почетници 1".
Програмата за овој програматор и драјверите ги добив од вашата редакција. Пред да започнам со програмирањето го избришав PIC-от. Кога ќе сакам да го впишам кодот за мелодичен давач, кој исто така го добив од вас, програмата ми ја покажува следната порака: "Failed to program code!" (во атач има слика од пораката за грешка).
Ве молам за совет и помош како да го поправам овој проблем.
Со почит,
Горан Веловски

Следете ја следната постапка:
- Дали сте пробале во микроконтролерот да вчитате некоја друга програма, освен таа за мелодичното ѕвоно? Доколку не сте, обидете се! Така ќе знаете дали проблемот е во програмата што ја вчитувате или не. Кодот на програмата што ја вчитувате е испитан и е во ред, но за секој случај можеби при праќањето по електронска пошта настанала некоја грешка, што е МАЛКУ ВЕРОЈАТНО.
- Можно е да имате проблем и во кабелот што ги врзува програматорот и компјутерот. Проверете го него со омметар, дали исправно се направени поврзувањата.
- Можно е да имате проблем и на самата плочка со печатено коло. Проверете ја и неа.
- Доколку и понатаму со вчитување на други програма го имате истиот проблем, тогаш на вашиот компјутер драјверите и/или програмата не се соодветно инсталирани. Осигурајте се дека инсталациите сте ги правеле и ќе ги правите под АДМИНИСТРАТОРСКИ привилегии.
За ваша информација, веќе имавме два случаи каде поради несоодветни претходни ракувања со компјутерот (несоодветни инсталации и деинсталации на разни програми), програмата ФПП да не функционира.
Поздрав,
Добре Блажевски


Здраво пријателчиња од ЕМИТЕР!
Бидејќи чувствувам дека ги нема оние делови од ЕМИТЕР на кои се навраќав по десет пати и ги препрочитував с# до најситен детал (така да се рече до последна буква), би сакал да предложам нешто: Аудиотехниката навистина многу слабо, да неречам воопшто не е застапена... Жалосно! Порано имаше дури и самоградба на звучници, од што многу можеше да се научи. Сето тоа може да си го прочитам од интернет, ама не е исто. Зошто нема ниту еден таков проект повеке? Немате мислења ниту за слушалки, ниту за звучници, ниту за засилувачи... Сепак сте единствено списание што го правеше и може да го направи тоа!
Инаку мојот предлог се состои од следното: евтин наменски hi-fi засилувач за слушалки со тонска контрола. Воедно квалитетот на звукот да е од најголемо значење, а цената пристојна. Презадоволен сум од засилувачите кои сум ги изработил од ЕМИТЕР, па затоа ве замолувам да понудите и квалитетен засилувач за компјутер. Постоечките засилувачи на пазарот се слаби и неквалитетни.
Поздрав,
Дејан Маликовски,
преку е-пошта

Како и секогаш, ЕМИТЕР ги исполнува желбите на читателите уште пред да бидат поставени! Веќе во подготовка е проект за засилувач за слушалки од висока класа. Ќе има и тестови и прикази на аудио уреди, за сечиј вкус. На интернет можат да се најдат многу информации за с# и сешто, но најчесто тие се со многу сомнителен квалитет – не верувајте на с# што ќе прочитате на интернет!
Владимир Филевски

Убаво писмо со прецизно наведени предлози, а и критики. Во наредните броеви ќе бидете пријатно изненадени со проект за стерео засилувач за слушалки од многу висока (врвна) класа. Овој засилувач има одлични карактеристики, а цената за негова реализација ќе биде зачудувачки многу мала во однос на неговите можности.
Исто така во ЕМИТЕР ќе биде понуден проект на комплетно и целосно разработен и испитан одличен стерео hi-fi засилувач за компјутер, кој го нареков едноставно "Paganini". Зошто така го нареков, ќе прочитате во текстот од проектот!
Славко Стојковски