Почитувана редакцијо,
Јас сум ваш редовен читател и го следам вашето списание од неговите почетоци. Би сакал да се надоврзам на писмото од читателот Владимир Георгиев објавено во декемврискиот број на Емитер и да поднесам неколку забелешки од истата област, а тоа се:
Прво, јас сосема се сложувам со неговото мислење дека треба да има повеќе написи од областа на електрониката.
Второ, на повеќето од проектите материјалот кој е потребен да се изработи колото е даден на несоодветна страница каде што не е монтажната и електричната шема, па така секој што сака да го изработи тој проект ќе треба на секое залемување на некоја компонента да ја врти страницата.
Трета забелешка е тоа што се сложувам со горенаведениот читател дека во броевите што следуваат треба да се објавува и нацрт со дизајн на водовите за секоја ППК. Иако и вие сте во право дека секоја ППК е професионално изработена и по ниски цени, јас сепак не би мислел така. Ќе ја земам за пример ППК објавена во Емитер 12/08, а тоа е 8 канален лајт-шоу управуван со компјутер. Цената на витропласт плочка со тие димензии е 120 денари, плус за сито штампа со развивање 50 денари, значи мене целата ППК ќе ме чини околу 170 денари, а во случај да ја земам од вашиот ППК сервис таа ќе чини 320 денари.
Се надевам дека некои од горенаведените заблешки ќе ги прифатите и ќе има некаква промена во броевите што следат.
Со почит,
Иван Тодоровски
1. Забелешката на читателот Владимир Георгиев беше дека електрониката во ЕМИТЕР ја имало с# помалку, но видовме дека фактите покажаа токму спротивно – во споредба со старите изданија (пред 2001г), во сегашните броеви на ЕМИТЕР има ист или поголем број на страници со електроника и сродните дисциплини.
Вашата желба за уште повеќе електроника во ЕМИТЕР е убава ама, за жал, тешко остварлива. Има неколку причини за ова. Еден начин да се оствари вашата (и наша) желба е да се намали обемот на другите содржини, но тоа секако нема да наиде на одобрување кај читателите кои се интересираат за другите области од науката и техниката. Вториот начин е да се зголеми вкупниот број на страници на ЕМИТЕР, но тоа повлекува зголемување на цената, а ова сигурно нема да биде прифатливо за голем дел од читателите. На овие дилеми треба да се додадат и можните реперкусии во маркетиншкиот домен бидејќи поголем дел од фирмите/продавниците за електроника не се заинтересирани или не се способни да одвојат пари за рекламирање во ЕМИТЕР. Но, проблемите поврзани со желбата "повеќе електроника" не завршуваат тука.
Повеќе страници со електроника не е возможно да се реализираат со истите неколку соработници, прво затоа што тие не можат да стигнат да подготват повеќе написи, а второ затоа што не се специјалисти за сите области на електрониката. Значи потребни се и повеќе соработници – напредни електроничари и тоа од различни области на електрониката. За жал, и покрај нашиот постојан повик за нови соработници такви речиси и да нема. Еве, и вие пред речиси 2 години го побаравате нашето упатство со најава дека ќе подготвите неколку написи, но од тоа до сега не бидна ништо?!
И да не должам повеќе за ова. Согласно претходно кажаното, по се изгледа дека во догледно време вашата (и наша) желба за повеќе електроника ќе остане само желба.
2. Во голем број од нашите проекти списокот за потребниот материјал е на страницата каде што е и монтажната шема, но не е возможно секогаш да биде така. Некогаш причината за тоа е од графичка/дизајнерска природа, но почесто е заради тежнението соодветните слики од проектот да се најдат на оние страници каде што е и текстот за нив (а и ова некогаш е невозможно да се изведе). Но ова не е случај само во ЕМИТЕР туку и во светските списанија за електроника. А проблемот кој го наведувате лесно можете да го решите со тоа што списокот на потребен материјал ќе го ископирате на посебен лист и ќе го држите покрај монтажната шема додека го изработувате склопот.
3. Примерот кој го наведувате го кажува токму спротивното од она што сакате да го кажете бидејќи математиката ви е погрешна. Ако плочката за компјутерското лајт-шоу (ППК349) ја купите од нашиот ППК сервис таа ќе ве чини 160 денари (со купонот за попуст), а ако сами ја изработите ќе ве чини 170 денари, а јас мислам дури и поскапо бидејќи спомнатите 50 денари за сито печат и развивање се нереално ниски. Во секој случај, 160 е помало од 170, а каде е тука изработката на графичкиот филм и потрошеното време?
Но, како и да ја правите математиката не би требало да ни забележувате за продажбата на нашите плочки. Прво, затоа што цените на нашите плочки се навистина ниски и второ, затоа што тоа е еден од приходите кои помагаат ЕМИТЕР да излегува, а тоа е и во ваш интерес, нели?
Со почит,
Слободан Таневски
П.С. Би ве замолил за контакт со вашиот сито-печатар. Ако цените на неговите услуги се такви како што наведувате тогаш и ЕМИТЕР би можел да соработува со него.