Моќни операциски засилувачи

Емитерци,

сакам да ве прашам нешто. Ми треба операциски засилувач за мали влезни струи (pA, nA), номинален напон на напојување ±12 V DC (или ±24 V DC, иако таа варијанта не ми е баш најоптимален избор) и голема излезна моќност. Овие параметри ми се најважни. Ги разгледував последните Емитери што сум ги купил надевајќи се дека ќе најдам некој таков, ама освен LMC 6482 од бројот 10/08, други OpAmp не најдов. Иако LMC 6482 не би ми завршил работа, сепак, прашав дали го имаат (конкретно во Прилеп) и ми рекоа дека не ни слушнале за таков. Ако нема OpAmp кој има баш онакви карактеристики какви што наведов на почетокот од писмото, тогаш може да завршат работа и различни OpAmp кои поврзани каскадно, на крајот би дале поголема излезна моќност при номинален напон на напојување од 12 V (или 24V). Затоа ако можете, Ве молам да наведете по име и ознака различни OpAmp за наведената намена, како и да ми кажете по која цена и каде можам да ги набавам. Сакам да прашам уште нешто. Нели засилувањето кај OpAmp е потпомогнато од надворешен отпорник и вредноста на засилувањето е количник од вредноста на отпорникот во повратната врска врз влезниот отпор, Rpov.vrska/Rvlezno?Е сега, ме интересира дали има ограничувања за вредноста на R во повратната врска или не? Јас претпоставувам дека би имало ограничувања, вака најгрубо оценето, затоа што засилувањето не може да биде поголемо од теоретски 10 000 пати, па треба да се внимава дека отпор во повратна врска поделен со влезен отпор може да даде најголема вредност од 10 000. Не сум сигурен за ова ограничување, па затоа уште еднаш: дали има ограничувања за вредноста на R во повратната врска?

Благодарам однапред,

Зоран Јанкулоски, Прилеп

 

1. Поради барањето за поголема излезна моќност, одберете некој од специјалните операциски засилувачи за големи моќности (Power Operational Amplifier - POA), како на пример: L165, OPA541, LM675, OMA2541, LH0101. Побарајте ги на интернет каталошките податоци за наведените операциски засилувачи и одлучете се за оној што ги исполнува и останатите барања што ги имате и што може да се купи во некоја од нашите продавници за електронски компоненти. Може да побарате и директно на сајтовите на производителите (Analog Devices, Texas Instruments, National Semiconductor...) во групите Power Operational Amplifiers. Не наведувате зошто баш мора да употребите операциски засилувач за голема излезна моќност. Можеби ќе ви заврши работа и каскадна врска на JFET операциски засилувач (на пр., TL071, TL081) и некој од интегрираните засилувачи на моќност (TDA2002, TDA2005, TDA2020...). Инаку, со каскадна врска на операциски засилувачи за општа намена не може да се постигне зголемување на излезната моќност.

2. Во споевите за инвертирачки и неинвертирачки засилувач, со отпорничкиот делител R2/R1 се прави негативна повратна врска (НПВ), со што засилувањето на целото засилувачко коло е многу помало од засилувањето на употребениот операциски засилувач (значи, не може баш да се рече дека со отпорникот R2 се потпомага засилувањето). Една важна добивка од примената на јака НПВ е тоа што со неа се постигнува параметрите на целиот засилувач (засилување, влезна отпорност, излезна отпорност...) многу слабо да зависат од толеранцијата на параметрите на употребениот ОЗ. Не треба да се заборава дека изразите што ги користиме при пресметките за засилување на инвертирачки и неинвертирачки засилувач (-R2/R1 и 1+R2/R1) важат само под претпоставката дека употребениот ОЗ е идеален. За реални ОЗ, точните изрази се многу посложени, но кога е употребена јака НПВ (R2/R1 е релативно мало) слободно може да се користат претходно наведените. Колку односот R2/R1 е поголем, т.е. колку поблиску сме со односот R2/R1 до диференцијалното напонско засилување на ОЗ (Aud), толку поголема ќе биде разликата меѓу пресметаното и реалното засилување (ако ги користиме едноставните изрази ќе добиваме вредности поголеми од реалните). Вредностите кои обично се користат за R2 и R1 се од 1KΩ до 100KΩ. Со употреба на отпорници помали од 1KΩ непотребно се оптоварува операцискиот засилувач, а со поголеми од 1МΩ многу се зголемува термичкиот шум во засилувачкото коло и веќе мора да се пресметува и влијанието на влезната поларизациска струја во неинвертирачкиот и инвертирачкиот влез на ОЗ, која инаку ја занемаруваме при пресметките. Ограничување постои и поради фактот што ако го зголемуваме засилувањето на засилувачот што го дизајнираме, во исто време ја стеснуваме неговата амплитудно-фреквенциската карактеристика. Инаку, засилувањето кое го наведувате (10000) не може да се смета како некое теоретско ограничување што важи за сите ОЗ. Некои ОЗ имаат Aud >1000000.

Горан Џамбазов