Почитувана Редакцијо,
Го изработив функцискиот генератор FG-95 од ЕМИТЕР 1/03 и неколку минути по вклучувањето забележав дека отпорникот R22 е загреан. Исто така измерив слаб сигнал на излез од транзисторскиот засилувач додека на влезот е ОК. Дали можете да ми дадете некој совет за овие проблеми?
Петар Шинделар

Помалку или повеќе отпорникот R22 секогаш грее. При најнеповолни работни услови неговата дисипацијата се движи околу 0,49W. И покрај тоа нема потреба да го менувате со отпорник со поголема моќност на дисипација. Со истиот отпорник, мојот генератор без проблем функционира повеќе од пет години.
Бидејќи немам претстава што го руши сигналот на излез на вашиот генератор, направив неколку мерења на мојот. Ги измерив напоните на базите на сите транзистори во однос на нулата од напојувањето. Под претпоставка дека сите елементи се во ред и вие би требало да измерите приближно исти вредности. Мерењето го направив при следните услови: синусоидален сигнал со фреквенција од 50Hz, без товар на излезот, без офсет (P15 во централна положба) и без слабеење (S4 во положба x1). Во табелата се дадени измерените вредности.
Ознаките dc односно ac означуваат дека за време на мерењето мултиметарот бил на DC односно AC подрачје редоследно. Инаку, ако при истите услови се користи слабеење (S4 во положба x0,1), тогаш кога потенциометарот P13 е во положба за максимален излезен сигнал ефективната вредност на напонот на излез на генераторот изнесува околу 800mV.
Георги Ефтимов


Сакам само неколку зборови да кажам за вашето списание ЕМИТЕР! Го читам ЕМИТЕР од првиот број, т.е. од август 1995 година, но мислам дека како што поминуваа годините ова списание го загуби својот квалитет. На пример:
1. Во старите броеви или поточно во броевите до 2000-та година се даваа нацртите на водовите на плочките со печатено коло и тие можевме самите да ги направиме, но од броевите од 2001 па навака тие нацрти веќе не се даваат.
2. Имате еден натпис во кој пишува "Ние го објавуваме она што другите љубоморно го кријат", а половина од шемите што ги давате во списанието се КРАДЕНИ од англиското списание ELEKTOR!!!
Иван Тодоровски, преку е-маил

Навистина сме изненадени од Вашите критики, кои ги сметаме за потполно неосновани! Исто така, изненадени сме што Вие, како наш читател од првиот број, во претходните броеви не сте ги прочитале нашите одговори на сличните критики од (вкупно само) два-тројца незадоволни читатели. Но еве, ќе го повториме нашите одговори:
1. Нацртите на плочките за печатено коло (ППК) веќе не ги објавуваме, од проста причина што ние продаваме професионално изработени ППК и тоа по цена приближно еднаква на празна плочка!!! Сигурно дека ќе се сложите дека нема никаква логика некој да се мачи да изработува плочка, кога таа ППК може веднаш да ја добие веќе изработена, речиси за истата цена како и празна, ненагризена плочка! Понатаму, со необјавувањето на нацртите на ППК се заштедува простор во списанието за нови проекти, што за една година се акумулира во толкав простор, доволен за уште два или три нови проекти! Сигурни сме дека ќе се сложите дека тоа е во интерес на повеќето читатели.
2. Ние сме претплатени на ELEKTOR и на уште десетина други научно-технички списанија, па затоа сме апсолутно сигурни дека половина од шемите (т.е. проектите) кои се објавени во ЕМИТЕР не се исти со оние во ELEKTOR! Можете ли да ги наброите тие електронски конструкции за кои мислите дека се украдени од ELEKTOR? Дали тој број навистина излегува дека е една половина од бројот на електронските конструкции објавени во ЕМИТЕР во текот на една година? Ние сме сигурни дека не е така! Тука морам да објаснам неколку работи кои Вие очигледно не ги земате предвид:
Во светот постојат многу списанија за наука и техника, чија задача е на своите читатели да им ги претстават новите достигнувања во науката и техниката кои други ги направиле! Никој од читателите на тие списанија не очекува и не бара во тие списанија да бидат објавувани само оригинални откритија и конструкции од членовите на редакцијата и соработниците на тоа списание! Бидејки и ЕМИТЕР исто така е популарно списание за наука и техника, нормално е во него да се објавуваат, пред сè, познати работи (претходно објавени на некое друго место), но преработени и прилагодени на приликите во Македонија.
Како што повеќе пати досега сме нагласиле, нашата политика е во ЕМИТЕР да се објавуваат само авторски написи, а не целосни копии и преписи од странски списанија (како што, на пример, прават српските списанија "Инфо електроника" и "Аудио проекти"!). И покрај тоа што не сме во можност постојано да правиме "истрага" дали случајно некој од нашите соработници не ја почитувал оваа наша политика, сепак сме сигурни дека бројот на ваквите злоупотреби е минимален, ако воопшто постојат.
Од друга страна, ако сте забележале дека некој проект од ЕМИТЕР личи на некој објавен во ELEKTOR, тоа воопшто не значи дека тој е целосен препис, т.е. плагијат! Понекогаш некој од нашите соработници навистина ќе ја земе идејата (но само идејата!) од некој проект од некое странско списание (па и од ELEKTOR), но ќе ја преработи на свој начин и во согласност со условите што владеат во Македонија – некаде има промени во шемата, а речиси секогаш има промени во текстот и во дизајнот на ППК, а тоа воошто не е едноставна работа и токму заради тоа претставува оригинално дело, а не кражба. Тие проекти во ELEKTOR често пати се изработени на двослојни ППК и со surface mount компоненти, додека преработените проекти во ЕМИТЕР се направени за стандардни компоненти и еднослојна ППК! Иако нацртот за тие двослојни плочки е даден во ELEKTOR, ниту еден електроничар-аматер не може самостојно да ги изработи (дали Вие можете да изработите двослојна ППК со plate-through дупчиња?). Така, оние читатели на ELEKTOR кои сакаат да го изработат тој проект, принудени се да ги купат тие изработени двослојни ППК од ELEKTOR по отровно висока цена од 3 до 20 фунти, т.е. од 4,5 до 30 евра! Погледнете го ценовникот за ППК во ELEKTOR и уверете се!
Да напоменеме и тоа дека дури и ELEKTOR објавува проекти кои се многу слични на некои проекти претходно објавени во други списанија. Поентата е во тоа што постои само конечен број на варијанти на шеми на, да кажеме, аларм за светло во кола, или за осцилатор. Нормално дека таквите шеми од различни списанија ќе личат едни на други, иако најверојатно никој од никого не копирал.
Најпосле, не е фер да правите споредба на ЕМИТЕР со ELEKTOR, кога се знае дека во ELEKTOR покрај раководството и помошниот персонал, постојано се вработени уште десетина електроинженери, чија единствена задача е да смислуваат нови проекти и за тоа земаат соодветна плата (од неколку илјади евра), а згора на тоа имаат и голем број на повремени соработници од целиот свет! Од друга страна, во ЕМИТЕР единствено вработени се главниот уредник и техничко-административниот персонал, а сите други (авторите!) се само хонорарни соработници кои со голема љубов изработуваат проекти и подготвуваат написи, жртвувајќи значаен дел од своето слободно време за популаризација на електрониката и другите научни дисциплини.
Мислам дека цената од 130 денари, колку што плаќате за ЕМИТЕР, е повеќе од оправдана за она што го добивате - проекти и ППК преработени и прилагодени за овдешните прилики, заедно со други интересни текстови од многу други научни и технички области. Кога ќе го сфатите ова, сигурен сум дека ќе исчезнат Вашите критики за ЕМИТЕР и дека ќе продолжите да го читате со поголемо задоволство. Ако, сепак, сметате дека ЕМИТЕР не ја оправдува својата цена, тогаш ни преостанува само да Ви препорачаме редовно да го купувате ELEKTOR по цена од 630 денари (за колку се продава во Македонија).
Владимир Филевски
П.С.
Максимата "ЕМИТЕР ви го дава она што другите љубоморно го кријат" се однесува на широко распространетата појава одредени "стручњаци за електроника" во Македонија да не сакаат да го споделат своето (ограничено) знаење на останатите. Ние во ЕМИТЕР сметаме дека само оној кој има ограничени знаења, се плаши да го предаде тоа свое знаење на останатите, бидејќи тогаш и останатите ќе го имаат истото знаење како него (па тогаш тој по ништо не би отскокнувал од останатите). Од друга страна, оној кој многу знае, не се плаши да го предава своето знаење на останатите, бидејќи колку и многу да кажува од своите "тајни" тоа знаење никогаш нема да "пресуши". Како што можевте да забележите досега, токму во ЕМИТЕР ги дознавте оние "тајни" кои некои "стручњаци за електроника" во Македонија љубоморно ги чуваа само за себе.
Значи, максимата "Ние го објавуваме она што другите љубоморно го кријат" се однесува на сосема друго, а не на "уникатноста" на нашите проекти, иако некои од нашите проекти се навистина уникатни!.


Здраво ЕМИТЕР!
Во врска со написот ,,Ласерски аларм" од ЕМИТЕР бр. 6/04 сакам да ве прашам каков релеј е потребен во колото, и како се поврзуваат изводите 1, 2 и 3 од J1 со уредот за сигнализација и колкава е цената на релејот.
Поздрав,
Блашко Горгиев

Точната ознака на релејот кој е употребен е: RAS-1215. За цената на релејот ќе мора да се информирате во некоја од продавниците за електронски компоненти (погледнете ги огласите во ЕМИТЕР). Управуваниот уред се поврзува на следниов начин:
1. Ако сакате уредот за сигнализација да се вклучи со осветлување на T1, потребно е истиот да го поврзете во серија со неговото напојување преку изводите 2 и 3 од J1.
2. Ако сакате уредот за сигнализација да се вклучи со затемнување на T1, потребно е истиот да го поврзете во серија со неговото напојување преку изводите 1 и 2 од J1.
Благој Ќупев


Здраво ЕМИТЕР !
Сакам да ве прашам дали знаете каде можам да купам магнети за сам да си направам генератор за струја. Исто сакам да ве прашам дали роторот од мотор од перална можам да го магнетизирам и да го направам постојан магнет и ако може како да го направам тоа? И последно. Кој метал се магнетизира и како и што треба да направам за да го магнетизирам?
Однапред ви благодарам.
Поздрав!!!

Перманентен или постојан магнет може да се направи од таканаречените тврди магнетни материјали. Тоа се матаријали кои откако ќе се постават во магнетно поле, на пример во некоја навивка низ која тече еднонасочна струја, по престанување на течење на струјата "остануваат" да бидат магнети. Не толку "јаки" како кога низ навивката течеше струја, но сепак, магнети. Меките магнетни материјали кога ќе се постават во навивка низ која тече струја и самите стануваат силни магнети, но по престанувањето на струјата низ навивката потполно се размагнетизираат. Од меки магнетни материјали се изработуваат магнетните кола на електричните машини и трансформаторите. Во таа смисла, од роторот на мотор за машина за перење не може да се изработи постојан магнет токму поради таа причина.
Постојани магнети се изработуваат од тврдите магнетни материјали. Челикот со големо количество на јаглерод во својата структура е тврд магнентен материјал. Од таа причина некои шрафцигери кои биле во допир со постојан магнет и самите се намагнетизирале. Од ваков челик биле изработувани магнетите кај постарите звучници. Овие постојани магнети се "слаби" во однос на постојаните магнети добиени од специјалните легури и смеси. Значи правењето на силен постојан магнет во домашни услови не доаѓа во предвид. Правењето силен постојан магнет е проблем дури и за фабриките кои произведуваат генератори. Тие наместо употреба на постојан магнет се решаваат за користење на електромагнет. Имено дел од енергијата што ја генерира самиот генератор се користи за самовозбудување на генераторот и создавање на силен електромагнет.
Што се однесува до правењето на генератор во домашни услови, најдобро е да искористите некој генератор од автомобил кој би бил поврзан на некој неелектричен двигател (на пример, мал бензински мотор). А може и електричен. Во тој случај би добиле квалитетен AC/DC претворувач 230V/12V насочувач со моќност од околу 500W.
Кирил Крстевски


Здраво!
Јас сум ваш редовен читател и особено задоволство ми прави самоградбата на електронски уреди. Сакам да изработам звучни кутии со 12-инчен звучник од околу 200 W моќност, па ме интересира дали можете да ми испратите некој проект (нацрт) за нивна самоградба. Поточно, ме интересираат димензиите на кутијата, местото за бас-рефлекс цевката и нејзините димензии, местото за високотонецот, дебелината на материјалот за изработка, дали внатрешноста на кутијата треба да се пополни со нешто. Дали постои голема разлика меѓу обичните звучници и оние кои ги нарекуваат музичарски?
Однапред благодарам на одговорот,
Саше Николовски

Очигледно дека Вие сте наш редовен читател од неодамна, бидејќи одговори на сите ваши прашања веќе се дадени во постарите броеви на ЕМИТЕР. За звучниците имаме напишано многу текстови во ЕМИТЕР, а особено ги препорачувам: "Компресиони звучни кутии" (ЕМИТЕР 5/95) и "Бас-рефлекс звучни кутии" (Е 1/98, 2/98, 4/98 и 6/98). Овие броеви можете да ги нарачате од редакцијата на ЕМИТЕР. Во овие броеви е објаснета постапката за пресметка, конструирање и изработка на компресиона и бас-рефлекс звучна кутија за кој било звучник, па и за 12-инчен со 200 W моќност. (Пресметката за звучната кутија зависи од Thiele-Smal параметрите на звучникот - не е доволно да се каже дека ќе се употреби звучник од 12-инчи!) Исто така, погледнете ги и проектите за звучни кутии објавени во ЕМИТЕР, а особено внимателно прочитајте ги оние неколку продолженија од рубриката "Операциона сала".
Сепак, пред да се зафатите за пресметки и изработка, прво мора да ви биде кристално јасно: каков звучник ви е потребен (за каква намена), со кои перформанси (карактеристики) и до која цена? Токму овие информации недостигаат во вашето писмо, така што не можам подетално да ви помогнам. Податокот дека тоа треба да биде 12-инчен звучник од 200 W е сосема недоволен за какви било дискусии - тоа е еквивалентно на следнава ситуација: До некое списание за автомобили испраќате писмо со барање да ви дадат информации за купување на автомобил од 4 метри, со 100 коњски сили (75 kW). И, што очекувате дека ќе ви одговорат?
Тука недостасуваат многу поважни информации, на пример, за каква намена е тој автомобил? Дали тоа треба да биде брз спортски двосед, моќно теренско возило (џип) со погон на сите 4 тркала, или комфорна лимузина? Сите овие три возила се долги 4 метри и имаат иста моќност на моторот! Исто така, овие три возила можете да ги најдете по цена од 10.000 евра, па се до 1.000.000 евра! Навистина, каков автомобил ви е потребен, и за која цена, а при тоа да биде долг 4 метри и да има моќност од 100 КС (75 kW)?
Мислам дека по овој пример ви стана јасно дека вашето барање за проект (нацрт) за звучна кутија за 12-инчен звучник е невозможно да се исполни, заради недостаток од неопходни информации. Пишете ни за каква намена ви се потребни тие звучни кутии - дали за мирна домашна hi-fi употреба, за гласни журки во домашна атмосфера, или за гласно озвучување на поголеми локали и сали (концерти)? Исто така, многу важна информација е - колку пари мислите да потрошите? Дури откако ќе ни ги испратите овие информации, ќе можам да ви предложам избор на 12-инчен звучник и на високотонец, а вие самите ќе може да ја конструирате звучната кутија (освен свртницата), служејќи се со статиите објавени во ЕМИТЕР, кои ви ги препорачав.
Што се однесува до разликата меѓу "обичните" и "музичарските" звучници, прашањето не ви е јасно. Дали под "музичарски" звучници подразбирате звучници кои се наменети за гласно озвучување на диско-клубови и концерти (таканаречени професионални или PA - Public Address), или мислите на звучници кои музичарите ги користат за електрични гитари? Понатаму, што подразбирате под "обични" звучници? Дали се тоа звучници за hi-fi домашна употреба, или нешто друго?
Владимир Филевски