Некаков звучник од 12 инча

Здраво!
Јас сум ваш редовен читател и особено задоволство ми прави самоградбата на електронски уреди. Сакам да изработам звучни кутии со 12-инчен звучник од околу 200 W моќност, па ме интересира дали можете да ми испратите некој проект (нацрт) за нивна самоградба. Поточно, ме интересираат димензиите на кутијата, местото за бас-рефлекс цевката и нејзините димензии, местото за високотонецот, дебелината на материјалот за изработка, дали внатрешноста на кутијата треба да се пополни со нешто. Дали постои голема разлика меѓу обичните звучници и оние кои ги нарекуваат музичарски?
Однапред благодарам на одговорот,
Саше Николовски

Очигледно дека Вие сте наш редовен читател од неодамна, бидејќи одговори на сите ваши прашања веќе се дадени во постарите броеви на ЕМИТЕР. За звучниците имаме напишано многу текстови во ЕМИТЕР, а особено ги препорачувам: "Компресиони звучни кутии" (ЕМИТЕР 5/95) и "Бас-рефлекс звучни кутии" (Е 1/98, 2/98, 4/98 и 6/98). Овие броеви можете да ги нарачате од редакцијата на ЕМИТЕР. Во овие броеви е објаснета постапката за пресметка, конструирање и изработка на компресиона и бас-рефлекс звучна кутија за кој било звучник, па и за 12-инчен со 200 W моќност. (Пресметката за звучната кутија зависи од Thiele-Smal параметрите на звучникот - не е доволно да се каже дека ќе се употреби звучник од 12-инчи!) Исто така, погледнете ги и проектите за звучни кутии објавени во ЕМИТЕР, а особено внимателно прочитајте ги оние неколку продолженија од рубриката "Операциона сала".
Сепак, пред да се зафатите за пресметки и изработка, прво мора да ви биде кристално јасно: каков звучник ви е потребен (за каква намена), со кои перформанси (карактеристики) и до која цена? Токму овие информации недостигаат во вашето писмо, така што не можам подетално да ви помогнам. Податокот дека тоа треба да биде 12-инчен звучник од 200 W е сосема недоволен за какви било дискусии - тоа е еквивалентно на следнава ситуација: До некое списание за автомобили испраќате писмо со барање да ви дадат информации за купување на автомобил од 4 метри, со 100 коњски сили (75 kW). И, што очекувате дека ќе ви одговорат?
Тука недостасуваат многу поважни информации, на пример, за каква намена е тој автомобил? Дали тоа треба да биде брз спортски двосед, моќно теренско возило (џип) со погон на сите 4 тркала, или комфорна лимузина? Сите овие три возила се долги 4 метри и имаат иста моќност на моторот! Исто така, овие три возила можете да ги најдете по цена од 10.000 евра, па се до 1.000.000 евра! Навистина, каков автомобил ви е потребен, и за која цена, а при тоа да биде долг 4 метри и да има моќност од 100 КС (75 kW)?
Мислам дека по овој пример ви стана јасно дека вашето барање за проект (нацрт) за звучна кутија за 12-инчен звучник е невозможно да се исполни, заради недостаток од неопходни информации. Пишете ни за каква намена ви се потребни тие звучни кутии - дали за мирна домашна hi-fi употреба, за гласни журки во домашна атмосфера, или за гласно озвучување на поголеми локали и сали (концерти)? Исто така, многу важна информација е - колку пари мислите да потрошите? Дури откако ќе ни ги испратите овие информации, ќе можам да ви предложам избор на 12-инчен звучник и на високотонец, а вие самите ќе може да ја конструирате звучната кутија (освен свртницата), служејќи се со статиите објавени во ЕМИТЕР, кои ви ги препорачав.
Што се однесува до разликата меѓу "обичните" и "музичарските" звучници, прашањето не ви е јасно. Дали под "музичарски" звучници подразбирате звучници кои се наменети за гласно озвучување на диско-клубови и концерти (таканаречени професионални или PA - Public Address), или мислите на звучници кои музичарите ги користат за електрични гитари? Понатаму, што подразбирате под "обични" звучници? Дали се тоа звучници за hi-fi домашна употреба, или нешто друго?
Владимир Филевски