Сакам само неколку зборови да кажам за вашето списание ЕМИТЕР! Го читам ЕМИТЕР од првиот број, т.е. од август 1995 година, но мислам дека како што поминуваа годините ова списание го загуби својот квалитет. На пример:
1. Во старите броеви или поточно во броевите до 2000-та година се даваа нацртите на водовите на плочките со печатено коло и тие можевме самите да ги направиме, но од броевите од 2001 па навака тие нацрти веќе не се даваат.
2. Имате еден натпис во кој пишува "Ние го објавуваме она што другите љубоморно го кријат", а половина од шемите што ги давате во списанието се КРАДЕНИ од англиското списание ELEKTOR!!!
Иван Тодоровски, преку е-маил
Навистина сме изненадени од Вашите критики, кои ги сметаме за потполно неосновани! Исто така, изненадени сме што Вие, како наш читател од првиот број, во претходните броеви не сте ги прочитале нашите одговори на сличните критики од (вкупно само) два-тројца незадоволни читатели. Но еве, ќе го повториме нашите одговори:
1. Нацртите на плочките за печатено коло (ППК) веќе не ги објавуваме, од проста причина што ние продаваме професионално изработени ППК и тоа по цена приближно еднаква на празна плочка!!! Сигурно дека ќе се сложите дека нема никаква логика некој да се мачи да изработува плочка, кога таа ППК може веднаш да ја добие веќе изработена, речиси за истата цена како и празна, ненагризена плочка! Понатаму, со необјавувањето на нацртите на ППК се заштедува простор во списанието за нови проекти, што за една година се акумулира во толкав простор, доволен за уште два или три нови проекти! Сигурни сме дека ќе се сложите дека тоа е во интерес на повеќето читатели.
2. Ние сме претплатени на ELEKTOR и на уште десетина други научно-технички списанија, па затоа сме апсолутно сигурни дека половина од шемите (т.е. проектите) кои се објавени во ЕМИТЕР не се исти со оние во ELEKTOR! Можете ли да ги наброите тие електронски конструкции за кои мислите дека се украдени од ELEKTOR? Дали тој број навистина излегува дека е една половина од бројот на електронските конструкции објавени во ЕМИТЕР во текот на една година? Ние сме сигурни дека не е така! Тука морам да објаснам неколку работи кои Вие очигледно не ги земате предвид:
Во светот постојат многу списанија за наука и техника, чија задача е на своите читатели да им ги претстават новите достигнувања во науката и техниката кои други ги направиле! Никој од читателите на тие списанија не очекува и не бара во тие списанија да бидат објавувани само оригинални откритија и конструкции од членовите на редакцијата и соработниците на тоа списание! Бидејки и ЕМИТЕР исто така е популарно списание за наука и техника, нормално е во него да се објавуваат, пред сè, познати работи (претходно објавени на некое друго место), но преработени и прилагодени на приликите во Македонија.
Како што повеќе пати досега сме нагласиле, нашата политика е во ЕМИТЕР да се објавуваат само авторски написи, а не целосни копии и преписи од странски списанија (како што, на пример, прават српските списанија "Инфо електроника" и "Аудио проекти"!). И покрај тоа што не сме во можност постојано да правиме "истрага" дали случајно некој од нашите соработници не ја почитувал оваа наша политика, сепак сме сигурни дека бројот на ваквите злоупотреби е минимален, ако воопшто постојат.
Од друга страна, ако сте забележале дека некој проект од ЕМИТЕР личи на некој објавен во ELEKTOR, тоа воопшто не значи дека тој е целосен препис, т.е. плагијат! Понекогаш некој од нашите соработници навистина ќе ја земе идејата (но само идејата!) од некој проект од некое странско списание (па и од ELEKTOR), но ќе ја преработи на свој начин и во согласност со условите што владеат во Македонија – некаде има промени во шемата, а речиси секогаш има промени во текстот и во дизајнот на ППК, а тоа воошто не е едноставна работа и токму заради тоа претставува оригинално дело, а не кражба. Тие проекти во ELEKTOR често пати се изработени на двослојни ППК и со surface mount компоненти, додека преработените проекти во ЕМИТЕР се направени за стандардни компоненти и еднослојна ППК! Иако нацртот за тие двослојни плочки е даден во ELEKTOR, ниту еден електроничар-аматер не може самостојно да ги изработи (дали Вие можете да изработите двослојна ППК со plate-through дупчиња?). Така, оние читатели на ELEKTOR кои сакаат да го изработат тој проект, принудени се да ги купат тие изработени двослојни ППК од ELEKTOR по отровно висока цена од 3 до 20 фунти, т.е. од 4,5 до 30 евра! Погледнете го ценовникот за ППК во ELEKTOR и уверете се!
Да напоменеме и тоа дека дури и ELEKTOR објавува проекти кои се многу слични на некои проекти претходно објавени во други списанија. Поентата е во тоа што постои само конечен број на варијанти на шеми на, да кажеме, аларм за светло во кола, или за осцилатор. Нормално дека таквите шеми од различни списанија ќе личат едни на други, иако најверојатно никој од никого не копирал.
Најпосле, не е фер да правите споредба на ЕМИТЕР со ELEKTOR, кога се знае дека во ELEKTOR покрај раководството и помошниот персонал, постојано се вработени уште десетина електроинженери, чија единствена задача е да смислуваат нови проекти и за тоа земаат соодветна плата (од неколку илјади евра), а згора на тоа имаат и голем број на повремени соработници од целиот свет! Од друга страна, во ЕМИТЕР единствено вработени се главниот уредник и техничко-административниот персонал, а сите други (авторите!) се само хонорарни соработници кои со голема љубов изработуваат проекти и подготвуваат написи, жртвувајќи значаен дел од своето слободно време за популаризација на електрониката и другите научни дисциплини.
Мислам дека цената од 130 денари, колку што плаќате за ЕМИТЕР, е повеќе од оправдана за она што го добивате - проекти и ППК преработени и прилагодени за овдешните прилики, заедно со други интересни текстови од многу други научни и технички области. Кога ќе го сфатите ова, сигурен сум дека ќе исчезнат Вашите критики за ЕМИТЕР и дека ќе продолжите да го читате со поголемо задоволство. Ако, сепак, сметате дека ЕМИТЕР не ја оправдува својата цена, тогаш ни преостанува само да Ви препорачаме редовно да го купувате ELEKTOR по цена од 630 денари (за колку се продава во Македонија).
Владимир Филевски
П.С.
Максимата "ЕМИТЕР ви го дава она што другите љубоморно го кријат" се однесува на широко распространетата појава одредени "стручњаци за електроника" во Македонија да не сакаат да го споделат своето (ограничено) знаење на останатите. Ние во ЕМИТЕР сметаме дека само оној кој има ограничени знаења, се плаши да го предаде тоа свое знаење на останатите, бидејќи тогаш и останатите ќе го имаат истото знаење како него (па тогаш тој по ништо не би отскокнувал од останатите). Од друга страна, оној кој многу знае, не се плаши да го предава своето знаење на останатите, бидејќи колку и многу да кажува од своите "тајни" тоа знаење никогаш нема да "пресуши". Како што можевте да забележите досега, токму во ЕМИТЕР ги дознавте оние "тајни" кои некои "стручњаци за електроника" во Македонија љубоморно ги чуваа само за себе.
Значи, максимата "Ние го објавуваме она што другите љубоморно го кријат" се однесува на сосема друго, а не на "уникатноста" на нашите проекти, иако некои од нашите проекти се навистина уникатни!.