Рубрика: Уводник
Електроничарите и ЕМИТЕР
Автор: Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 9/2003.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Одговор до сите читатели-електроничари кои во изминатава година и пол преку писма, телефонски јавувања и лични контакти ја искажале својата разочараност од новиот ЕМИТЕР.

Драги мои електроничари, Колку што ме радува вашата долгогодишна приврзаност кон ЕМИТЕР, толку и ме зачудуваат вашите постојани негативни реакции, коментари и критики кон новиот ЕМИТЕР кои, еве, и по повеќе од година и пол сè уште не стивнуваат. Зачуденоста доаѓа од вашата упорност одново и одново да поставувате исти прашања, барања и критики за работи кои многу пати претходно биле одговорени во уводниците или во одговорите на писмата од читателите. Но нејсе, еве уште еднаш (овојпат навистина за последен пат) ќе одговорам на вашите тези, критики и прашања, чиј што заеднички именител е барањето: "ВРАТЕТЕ ГО СТАРИОТ ЕМИТЕР!".

Теза бр. 1: "Повеќето читатели на ЕМИТЕР се електроничари, па затоа другите рубрики се непотребни"

Навистина, голем дел од сегашните читатели на ЕМИТЕР се електроничари, но дури и нивниот број да е поголем од 70% од вкупниот број читатели (како што претпоставува еден читател) тоа воопшто не е доволно за списанието "да се врати на стариот колосек", да ги отфрли другите научно-технички области и со тоа да се откаже од читателите кои не се електроничари. Едноставно, проширувањето на концепцијата настана токму поради недоволниот број читатели-електроничари. Од друга страна, зачудувачка е себичноста со која барате во ЕМИТЕР да нема ништо друго освен електроника, и евентуално, нешто од сродните дисциплини (аудио, видео, информатика, телекомуникации...), тотално не прифаќајќи дека постојат читатели кои се интересираат и за другите научно-технички области. Освен тоа, убеден сум дека на повеќето електроничари им се интересни и останатите содржини. Ова го поткрепувам и со фактот што јас лично познавам неколку десетици извонредни електроничари и ниту еден од нив нема толку ограничени потреби и интереси туку секој, освен за електрониката, се интересира барем за уште неколку други научно-технички дисциплини, било заради работата или од чиста љубопитност и разонода. Не би требало да бидете толку исклучиви во своите желби - сигурен сум дека ако не гледате со омраза кон другите рубрики и во нив ќе најдете нешто интересно и корисно за себе, ако не во овој момент, тогаш во иднина. Добар пример за ова е еден од вас, редовните читатели-електроничари, кој минатата зима ни испрати едно долго писмо во кое, меѓу останатите критики ја застапуваше и тезата дека новите рубрики во ЕМИТЕР се непотребни, а само неколку месеци подоцна ни испрати писмо интересирајќи се за макетарството!???

Теза бр. 2: "За новите рубрики постојат и други списанија, па затоа тие се непотребни во ЕМИТЕР"

За повеќето научно-технички области кои ги третира ЕМИТЕР, не постојат други македонски списанија и уште долго нема да постојат, пред сè поради малиот пазар. Меѓутоа за сите области од ЕМИТЕР (вклучувајќи ја и електрониката) постојат мноштво странски списанија, но нивните цени се високи (обично од 300 до 1000 денари по примерок). Токму затоа предноста на ЕМИТЕР е што сите тие научно-технички области во него ќе ги добиете на едно место, на македонски јазик и по цена која е за неколку пати пониска од цената на само едно странско списание.

Теза бр. 3: "ЕМИТЕР е скапо списание"

На оваа теза нашироко одговорив уште во уводникот во бројот 6/97, затоа сега само накратко ќе одговорам. Читателите ваквиот заклучок го извлекуваат најчесто споредувајќи го ЕМИТЕР со политичките и забавните списанија во поглед на обемот, бројот на колорните страници, квалитетот на хартијата и цената. Меѓутоа, бројот на страниците, колорите и квалитетот на хартијата не се единствените фактори кои ја одредуваат цената на едно списание. Тука се и: тиражот (кој за стручно списание не може да биде многу голем, независно од неговата цена), поддршката од спонзорите (која исто така не може да биде многу голема заради специфичноста на ЕМИТЕР), помошта од државата (која во досегашните осум години никогаш не сме ја добиле), стручноста и квалитетот на написите (која во ЕМИТЕР е неспоредливо поголема отколку во кое било политичко или забавно списание), сложеноста на графичко-техничката подготовка (која повторно во ЕМИТЕР е неспоредливо поголема) итн. Доколку се земат предвид сите овие фактори јасно е зошто ЕМИТЕР, како и секое стручно списание во светот има повисока цена од ревијалните списанија. Сепак, морам да напоменам дека и сегашната цена на ЕМИТЕР, всушност, е пониска од онаа што ја диктираат економските фактори, но сепак се одлучивме за неа имајќи ја предвид економската состојба на мнозинството македонски граѓани. Ако таа сè уште ви се чини висока, сетете се дека еден ЕМИТЕР чини колку и еден до два пијалока во кафуле или две до три кутии цигари или три до четири минути разговор на мобилен телефон или пак едно потстрижување на фризер. Ако вака погледнете, сигурен сум ќе се сложите дека ЕМИТЕР вреди многу повеќе отколку што чини.

Теза бр. 4: "Самото име ЕМИТЕР укажува дека тоа треба да биде списание за електроника"

Името ЕМИТЕР го задржавме заради континуитет бидејќи не стануваше збор за ново списание, туку за проширување на концепцијата на постоечкото списание. Исто така, зборот ЕМИТЕР не е само име на една од електродите на транзисторот и со тоа директна асоцијација на електрониката, туку тој означува и каков било елемент или уред што емитува (зрачи) нешто околу себе. Затоа сметав и сметам дека името ЕМИТЕР сосема одговара за вакво списание кое дава (емитира) знаења и информации од повеќе научно-технички области.

Теза бр. 5: "Во новиот ЕМИТЕР има малку страници со содржините на стариот ЕМИТЕР"

Малата застапеност на темите од стариот ЕМИТЕР на која се жалите нема баш реална основа. Да ги погледнеме фактите. Стариот ЕМИТЕР не беше списание само за хоби-електроника (како што е на пример британското списание Everyday Practical Electronics) туку беше списание за електроника, телекомуникации, автоматика, аудио, видео и компјутерска техника. Со теми од сите овие области (а не само од електрониката) беа исполнети страниците на стариот ЕМИТЕР. Потрошив неколку часа да пребројам колку страници од овие научно-технички области сме имале во стариот ЕМИТЕР, а колку сега во новиот, и дали навистина скратувањето е толку драстично како што тврдите. Резултатите од ова истражување се дадени во табелата. Како што може да забележите не станува збор за некое големо намалување, а во одредени случаи дури се работи за зголемување на веќе спомнатите содржини – "новиот" ЕМИТЕР има повеќе страници со теми од "стариот" ЕМИТЕР отколку голем дел од броевите издадени во 1995, 1996 и 1997 година. Верувам, многумина од вас сега се зачудени, но тоа се фактите.

Теза бр. 6: "Во стариот ЕМИТЕР имаше повеќе и поинтересни шеми и проекти за самоградба"

Забелешката дека во ЕМИТЕР нема доволно електронски конструкции за самоградба и дека тие се неинтересни е вечна тема на нашите читатели хоби-електроничари. Таа е редовно присутна уште од првиот број на ЕМИТЕР во 1995, што лесно се забележува во рубриката "Писма". Навистина, во "новиот" ЕМИТЕР има нешто помалку електронски конструкции за самоградба отколку порано, но тоа се должи на неколку фактори: - Иако порано ние објавувавме по 50 до 100 електронски шеми годишно, нашите анкети во 1996 и 1998 година покажаа дека само малкумина читатели се одлучиле за нивна самоградба и тоа на само 2-4 уреди годишно (погледнете ги резултатите од анкетите објавени во броевите 9/96 и 10/98). - Продавниците за електронски материјали, со повремени исклучоци, не беа заинтересирани за рекламирање во ЕМИТЕР, ниту пак за заедничко производство на кит-комплети за прикажаните електронски конструкции. - Подготовката на написите-проекти за самоградба е долготрајна, потешка и поскапа. Како резултат на сето ова сама по себе се наметна потребата повеќе простор во ЕМИТЕР да се отстапи на оние рубрики за кои постои интерес кај други групи читатели и други фирми-спонзори. Сепак, ние не се откажуваме од темите за самоградба на електронски конструкции и во иднина ќе се потрудиме да ги има повеќе. Впрочем, на тоа ме обрзува и мојата љубов кон електрониката и мојата професија електроинжинер-електроничар. Планирам зголемувањето на "електроничарските" и сродните теми главно да биде преку посебни изданија (книги и брошури), но тоа, пак ќе потенцирам, ќе зависи од интересот на читателите (изразен преку купување на тие изданија), но и заинтересираноста за рекламирање од страна на електроничарските фирми. А што се однесува до тоа колку некоја рубрика, напис или проект за самоградба е интересен или не, уште еднаш ќе повторам дека тоа зависи од моменталните знаења, потреби и интереси на секој читател, но и дека заинтересираноста за одредени теми е променлива работа! Затоа бидете сигурни дека она што денес го сметате за неинтересно и непотребно веќе утре може да ви стане и потребно и интересно. Во секој случај, ве поттикнувам конкретно да ги искажете своите предлози за нови содржини во ЕМИТЕР и во писмата до редакцијата и анкетните ливчиња наместо желбата "повеќе електроника" напишете конкретно кои теми и проекти сакате да ги видите во ЕМИТЕР.

Теза бр. 7: "Стариот ЕМИТЕР беше подобар од новиот - вратете го стариот ЕМИТЕР"

Писмата и дискусиите на многумина долгогодишни читатели-електроничари обично завршуваат со овој повик: "Вратете го стариот добар ЕМИТЕР". Оваа ваша нереална желба навистина е чудна бидејќи вие со долгогодишното следење на ЕМИТЕР сте имале повеќе можности да се запознаете со проблемите на кои наидуваше ЕМИТЕР (впрочем нив никогаш не сум ги криел) и конечно со причините кои доведоа до згаснување на "стариот" и појавата на "новиот" ЕМИТЕР. На овие теми имам напишано повеќе уводници и одговори на писма од читателите, па ви препорачувам да ги препрочитате, особено уводникот од бројот 7-8/2000, во кој го објавив престанокот на излегувањето на "стариот" ЕМИТЕР, уводникот од бројот 1/2002 со кој започна да живее "новиот" ЕМИТЕР и одговорот на писмата од читателите по повод новиот концепт на ЕМИТЕР објавен во бројот 2/2002.

Ако тоа не ви е доволно за да разберете, еве ви ја најсоголената и најболна вистина: стариот ЕМИТЕР го згаснаа електроничарите!!!!  Гледам сега едно чудо прашалници во вашата глава. Не ви е логично ова, кога толку многу електроничари сега бараат да се врати "стариот, добар ЕМИТЕР"?

Еве најдиректно зошто стариот ЕМИТЕР престана да излегува:

а) Малкумина електроничари беа негови вистински читатели, односно го купуваа списанието.

б) Многу повеќе електроничари не го купуваа, не го ценеа тој ЕМИТЕР и постојано го критикуваа, а сепак редовно ги фотокопираа написите и проектите од него. Според наши сознанија на секој продаден ЕМИТЕР имаше уште по најмалку 2-3 фотокопирани примероци, а ова и сега се случува, можеби дури и во поголема мера. Трагикомично е што многумина од оние кои денес жалат по "стариот" ЕМИТЕР спаѓаат токму во оваа група на негови "читатели".

в) Само неколку електроничарски фирми, и тоа нередовно, објавуваа реклами во ЕМИТЕР и така го помагаа неговото излегување, а повеќето од нив не сакаа да се рекламираат во ЕМИТЕР или, пак, престануваа по само неколку броја. Нивното најчесто образложение за тоа беше: "Нам не ни е потребна реклама во ЕМИТЕР, бидејќи нас сите електроничари нè знаат" или "Не нè интересираат учениците и хобистите, бидејќи ние работиме со фирми и сервиси", при тоа сосема несвесни дека со рекламирањето во ЕМИТЕР колку што го помагаат неговото излегување толку си помагаат и себе си. Сега ви е јасно зошто го нема стариот ЕМИТЕР? Ако сè уште не ви е јасно, тогаш одговорете си на следното прашање и ќе ви стане јасно: Дали кој било од вас би продолжил со некој бизнис, ако тој бизнис бара од вас да работите во просек по 12-15 часа дневно, 28 дена во месецот и на крај наместо, макар и скромна, заработка да ви донесе загуба која од месец во месец станува сè поголема? Сигурно не, нели? Ете, тоа се главните причини поради кои престана да излегува "стариот" ЕМИТЕР и поради кои тој не може да се врати. Но, токму заради несомнената потреба да постои македонско популарно научно-техничко списание и заради желбата ЕМИТЕР да продолжи да излегува (која не е само моја желба, туку и желба на неколкумина верни соработници и огласувачи и многумина верни вистински читатели) го започнав "новиот" ЕМИТЕР, кој судрувајќи се со скоро истите проблеми се труди да опстане и да напредува.

Наравоучение Идејата за еден ваков ЕМИТЕР - списание за наука и техника, ја носев во себе одамна, уште пред да го започнам "стариот" ЕМИТЕР. И покрај тоа трансформацијата на ЕМИТЕР во сегашниот облик се случи, не толку поради моја желба, туку поради причините за кои зборував претходно. Едноставно, проширувањето на концепцијата беше нужност за списанието да продолжи да излегува. Новите рубрики во ЕМИТЕР донесоа нови читатели и нови спонзори и вие, драги електроничари, тоа треба особено да го цените бидејќи ако ги нема другите рубрики во ЕМИТЕР - ќе го нема ни ЕМИТЕР, како што го немаше во 2001 година. Затоа, крајно време е сите ние љубители на науката и техниката да направиме сè што е во наша можност да го сочуваме ЕМИТЕР и да го направиме уште подобар, поголем и поубав. Вие, мои драги електроничари, во таа насока најмногу ќе помогнете ако престанете со јаловото жалење по стариот ЕМИТЕР и наместо тоа да давате повеќе конструктивни предлози, што почесто да го купувате ЕМИТЕР, а што поретко да го фотокопирате. Искрено ваш, Слободан Таневски главен уредник

P.S. Не фотокопирај денес, за да има што да читаш утре!

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 9/2003. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.