Емитер 7-12/2020.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Изгледа неверојатно, барем за мене, но ете изминаа 25 години од излегувањето на првиот број на ЕМИТЕР во август 1995 година. Но приказната за ЕМИТЕР е започната барем десетина години порано, кога како ученик редовно ги читав југословенските списанија „Техничке новине”, „САМ свој мајстор”, „Радиоаматер” и „Галаксија”, а потоа, како студент и британскиот „Електор” и многу други научно-популарни списанија во Американскиот и Францускиот културен центар. Некаде тогаш е зачетокот на идејата за наше, македонско научно-популарно и техничко списание.
Идејата почна да се конкретизира пролетта 1995 година, со ставање на хартија на првичниот концепт и со разговори со многу колеги, инженери и љубители на науката и техниката. Полека се формираше и екипата која со свои написи ќе ја преточи таа идеја во стварност. Но ништо не одеше мазно. Недостасуваа пари, простор, стручни соработници. Тие проблеми се решаваа во од. Не нè поколеба ни тоа што од нечие невнимание и неодговорност пропадна веќе половина подготвен број и се направи застој од 20 дена. На крајот, со огромни напори на Сашо Бојчин, во улога на прв графички уредник, ЕМИТЕР број 1 беше подготвен и даден на печатење. Ако добро се сеќавам, отпечатените списанија ги зедовме од печатницата на 20 август, а на 21 август првиот број веќе беше во трафиките, но можно е во датумиве да имам грешка од ±1 ден :)
Како и да е, ЕМИТЕР тогаш почна да емитува и еве, со разни подеми, падови и промени, тоа го правиме веќе 25 години, со што сме едно од ретките македонски списанија со толкав стаж. Ваквите јубилеи вообичаено се користат за да се даде кратка хронологија на настаните, па тоа ќе го сторам и јас во оваа пригода. Но наместо да пишувам старо-нов текст, ќе ги посочам клучните настани од развојот на ЕМИТЕР преку неколку од тогашните уводници.
Само накратко: со многу напори и пожртвувана работа успеваме веќе 25 години да го издаваме првото и единствено македонско научно-популарно списание, и покрај тоталната незаинтересираност на државните институции да му помогнат на ЕМИТЕР (иако врши важна образовна функција!), многу слабата заинтересираност на фирмите за нивно рекламирање во ЕМИТЕР и, за жал, недоволно бројната публика искрено заинтересирана за науката, техниката и за самоградителството. Во потопот на вистинските вредности, предизвикан од напливот на сензационалистички, шпекулативни и длабоко ненаучни медиуми, сепак не се откажуваме од нашата мисија да ги приближиме науката и техниката до пошироката публика.
Овој јубилеен број на ЕМИТЕР задоцни поради општопознатата ситуација со Корона вирусот, но сепак успеваме да го објавиме на крајот од годината. Со надеж дека ќе се дружиме уште многу години и броеви, срдечно ве поздравувам.
Слободан Таневски
Главен уредник
П.С. Специјално за оваа пригода, како подарок за сите верни читатели што го пропуштиле првиот број на ЕМИТЕР, подготвивме негова видео презентација (достапна на веб-страницата за овој уводник) и електронско издание кое можете да го прочитате (до крајот на јануари годинава) како додаток на бесплатниот промотивен број на нашиот веб-портал.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-12/2020. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.