Рубрика: Уводник
Од сега па натаму - ЕМИТЕР на Интернет!
Автор: Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 11/2009.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Конечно, веб–сајт на ЕМИТЕР! Велам конечно затоа што првични планови за негова изработка имавме уште во далечната 1998 година, но од мноштво оправдани причини за кои нема да говорам во оваа пригода, реализацијата се случува дури сега. Ова е голем настан за ЕМИТЕР и за емитерџиите. Задоволството од овој успех е големо исто како и очекувањата од сајтот кој, веруваме ќе ги донесе своите нови плодови: брзо, комплетно и ефикасно информирање, проширување на содржините на списанието, како и подобра достапност на ЕМИТЕР до читателите и симпатизерите.

Најнапред, кратко за создавањето. Подготовките ги започнавме уште зимоска, со планирање на изгледот, функционалноста и распоредот на содржините (од корисничка страна) и начинот на нивно внесување и организирање (од администраторска страна). По ова нашиот долгогодишен соработник Костадин Солаков започна со развој на веб-решение во согласност со специфичните потреби на ЕМИТЕР. Во мај беше готова основата на администраторскиот дел, по што се започна со "полнење" на базата со податоци, а во текот на јуни беше направен и основниот изглед на сајтот од корисничка страна. Следуваа неколку месеци на тестирање на функционалноста, дотерување на дизајнот и полнење на базата. Тој процес сè уште трае и ќе трае во поблиска иднина. Сепак, станува збор за огромна работа која, згора на сè, мора да подложи и на контрола. Ова значи дека архивата за претходните броеви бавно ќе се полни, за што се надеваме и сметаме на ваше разбирање. Сајтот за јавноста профункционира на 11 октомври, а со овој број на ЕМИТЕР и официјално го промовираме. Во овој момент, според моја груба проценка имаме реализирано околу 70% од предвидените функции и околу 30% од предвидените содржини, но ова е сосема доволно за сајтот да почне да "живее" и понатаму да се развива. Во оваа фаза не обрнавме должно внимание на графичкиот дизајн бидејќи бевме посветени на функционалноста и на содржините, но секако дека во иднина ќе следуваа доработки и на тоа поле.
А сега неколку зборови и за самата веб-локација. Морам веднаш да нагласам дека сајтот не е замена (дупликат или еквивалент) на печатеното издание на ЕМИТЕР туку е конципиран како негово дополнување, како можност за побрз пристап до содржините на ЕМИТЕР и како простор за креативна размена на мислења, знаења, искуства. Веб-сајтот ќе овозможи дел од содржините на печатеното издание на ЕМИТЕР да бидат дополнети и поткрепени и со други мултимедијални прилози (фотогалерии, филмчиња, програми, резултати од тестирања, ....), кои е невозможно да одат во печатениот медиум. Со тоа би се заокружила презентацијата на конкретната тема, истата би се комплетирала од повеќе аспекти и она што најмногу би нè радувало е да се поттикне дискусија за темата, да се испровоцираат и други размислувања и гледишта, секако соодветно аргументирани и поткрепени. Со сајтот имаме намера да ја зацврстиме нашата "тајна врска", да го прошириме семејството со нови членови и непречено да се дружиме на взаемно задоволство разменувајќи знаења, информации и искуства.
За таа цел интернет-просторот на ЕМИТЕР го замисливме и организиравме на следниот начин. Насловната страница е предвидена за преглед на содржините на најновиот број, при што секој напис е претставен со наслов, апстракт и една сликичка. На ист начин е организиран и прегледот на содржините на претходните броеви, откако прво ќе се избере годината и бројот. Со кликнување на "повеќе" се стигнува до дополнителните информации и содржини за избраниот напис кои, зависно од написот, можат да бидат: дел од текстот, дополнителни фотографии и филмчиња, линкови и датотеки за преземање, табели со технички карактеристики и главните материјали за проектот..., а тука ќе биде и евентуалната исправка. Сите овие содржини, од една страна се информација за посетителот што може да очекува од соодветната статија во ЕМИТЕР, а од друга страна, за оној кој веќе го има тој број на ЕМИТЕР – извор на дополнителни содржини и поддршка за реализација на некој наш проект. Дополнителните содржини за сега ги има само во броевите од 2009 и 2008 година, но со текот на времето ќе бидат внесени и во постарите броеви.
Преку менито "ППК сервис" е овозможен преглед на печатените плочки, програмираните чипови и самолепливите маски за нашите проекти, заедно со линк кон соодветниот напис/проект, цени и информација за достапноста. Менито "Книги и брошури" дава информации и преглед на содржините на книгите и брошурите кои се наши изданија. Во менито "Писма" се дадени целосно објавените писма од читателите заедно со нашите одговори. Ова ќе биде особено корисно за оние што бараат дополнителни информации за некој напис или проект кој одлучиле да го изработат. Форумот на ЕМИТЕР (моментално во изработка), како и секој форум, ќе служи за дискусии на одредени теми и размена на знаења, мислења и информации меѓу читателите, но овде исклучиво од науката и техниката! Менито "Еурека" дава преглед на статиите објавени во истоимената рубрика наменета за научни и стручни трудови, пронајдоци, иновации и нови теории. Менито "Преземања" кога ќе биде завршено, ќе дава збирен преглед на сите содржини кои се наменети за преземање. Тука ќе се појавуваат веќе постоечките датотеки кои се сместени во соодветните броеви и написи, но и многу други, како на пр., промотивен број на ЕМИТЕР во ПДФ, дополнителни содржини за електроничарите-конструктори, демо-програми итн. За да може да се преземат поставените датотеки потребна е претходна регистрација и најава со што се влегува во кругот на "емитерџии".
Под главното мени е пребарувачот кој дава прецизна понуда (резултат) според зададениот критериум. Да напоменам дека во полето за пребарување македонските зборови треба да се внесуваат со кирилична (МК) поддршка, а странските изрази на латиница. Дополнително стеснување на критериумите за пребарување овозможува паѓачкото мени за избор на рубрика. На овој начин навистина лесно може да се најде бараната информација.
Менијата од горниот дел "Импресум", "Претплата", "Услуги", "Маркетинг", "Соработка" и "Контакт" јасно кажуваат за нивната содржина и сега не би ги коментирал.
Овој краток преглед на организацијата на веб-сајтот на ЕМИТЕР нека ви биде поттик да го посетите, да ги испробате неговите функции и да ги разгледате неговите содржини. Разгледувајте внимателно бидејќи од вас очекуваме конструктивни коментари, забелешки и предлози кои ќе помогнат emiter.com.mk да ја постигне вистинската форма и функција.
Верувам, драги емитерџии, дека заедно ќе поминуваме многу пријатни минути и часови во дружба со науката и техниката на интернет-просторот на ЕМИТЕР.
Благодарност до сите соработници кои придонесоа за реализација на сајтот – како со учество во работата така и со своите совети.

Слободан Таневски
Главен уредник

П.С. Заедно со сајтот виделина здогледува уште една наша брошура – "Акустика на простории" од Миле Серафимовски. Иако беше целосно подготвена уште пролетоска, економската криза и повлекувањето на неколку спонзори го "одредија" сегашниот датум за нејзино излегување од печат. Упатувам благодарност до фирмите кои со своите реклами го поддржаа излегувањето на оваа брошура.

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 11/2009. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.