Рубрика: Уводник
ЕМИТЕР повторно со вас
Автор: Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 1/2002.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Тргнувајќи од очигледното непостоење на македонско списание за наука и техника, се заложивме да направиме списание кое со еден популарен, едноставен и разбирлив, но сепак доволно стручен пристап на сите читатели ќе им го доближи фасцинантниот свет на науката и техниката. По повеќемесечни одложувања, заради неповолните состојби поврзани со безбедносната и економската криза во Македонија, конечно новиот ЕМИТЕР е пред вас, драги читатели. Веруваме дека со ЕМИТЕР македонските читатели ќе успеат да го следат експлозивниот развој на науката и техниката, нешто што претставува нужност ако не сакаме да останеме на заборавените маргини на светот.

Во ЕМИТЕР ќе бидат застапени сите области од науката и техниката, но сепак со акцент на природните и техничките науки и дисциплини и модерните технологии.

1. Електроника, телекомуникации, аудио, видео и компјутерска техника – ЕМИТЕР беше прво и единствено македонско списание специјализирано за овие области, а нашето шестгодишно искуство ќе ви гарантира и понатаму квалитетни содржини и теми. Се гордееме со фактот дека стариот ЕМИТЕР ги достигна и ги престигна во квалитетот повеќето странски списанија специјализирани за електроника. Досегашните читатели на ЕМИТЕР сигурно ќе бидат задоволни, бидејќи планираме да го задржиме истиот обем на страници покриени со теми од електрониката и сродните дисциплини. Како и досега, ќе има интересни и практични проекти од електрониката, теоретски текстови и објаснувања, прикази и тестови на електронски уреди и разни други содржини интересни како за хобистите и аматерите така и за средношколците, за студентите на Електротехничкиот факултет и за професионалците.

2. Астрономија, физика, математика, хемија, биологија – во ЕМИТЕР ќе можете да прочитате за сите најнови откритија во природните науки, кои за учениците ќе бидат драгоцено дополнување на школските содржини. Ќе бидат претставени многу занимливости, со детални и стручни објаснувања пренесени на лесно разбирлив начин и јазик. Дознајте за ѕвездите и црните дупки, за најновите откритија во физиката, хемијата, биологијата..., за животот на познатите научници, за историјатот на познатите пронајдоци и откритија....

3. Астронаутика, аеронаутика, автомобилска техника, моделарство, фототехника – тука ќе ја видете применетата наука во својот полн сјај во ликот на неверојатните технички решенија. Ќе дознаете сè за подвизите на астронаутите, за вселенските сонди испратени до далечните планети, за најновите видови авиони, за техничките достигнувања употребени во автомобилите... Ќе научите како креативно да го исполните своето слободно време – изработувајќи модели на авиони, ракети и бродови и давајќи им професионален квалитет на своите аматерски фотографии.

4. Медицина, психологија, социологија, антропологија, географија, историја, археологија – човекот и неговото непосредно духовно и физичко опкружување се предмет на проучување на повеќе науки. Дознајте сè за себе и за она околу вас – многу работи се познати и истражени, но остануваат уште бесконечно многу други за откривање: како настануваат и како се лекуваат одредени болести, како да се подобри квалитетот на живеењето, што се случувало низ вековите на одредени простори, какви сè природни убавини постојат кај нас и низ светот...

5. Градежништво, архитектура, електротехника, столарство... Читајќи ЕМИТЕР ќе дознаете за најновите достигнувања во овие области, но ќе научите и како самите да го уредите животниот простор, како да го реновирате домот, како да ги поправите електричните апарати, како да направите шкафче или масичка...

Новиот ЕМИТЕР ќе биде месечно списание кое за почеток ќе има 80 страници од кои дваесетина во боја, но набрзо планираме да порасне на 100 па и повеќе страници. ЕМИТЕР и понатаму ќе продолжи со издавање на книги и брошури за секоја интересна тема за која ќе биде пројавен соодветен интерес. Но ЕМИТЕР нема да биде само издавачка куќа, туку и центар за едукација и дружење. Планираме да држиме курсеви и семинари од повеќе научно-технички дисциплини, како за почетници и хобисти, така и за професионалци кои сакаат да напредуваат во својата професија. Исто така планираме да формираме и Клуб на читатели на ЕМИТЕР, каде заинтересираните читатели ќе можат да се дружат и да ги разменуваат своите знаења и искуства.

Се надеваме дека новиот ЕМИТЕР ќе послужи и како дополнување на наставната програма и работата на секциите во училиштата и ќе ги отстрани заблудите дека науките се неразбирливи, досадни и тешки за учење. Со желба на учениците и студентите да им го приближиме светот на науката и техниката, одбруваме големи попусти за групна полугодишна претплата (септември-јануари и февруари-јуни), а ќе има и гратис примероци и други подароци. Колеги, наставници и професори, Ве очекуваме да се јавите и да организираме претплата на ЕМИТЕР во вашето училиште.

Широкиот дијапазон на теми од техниката и нашата читателска публика со профилирани познавања и интереси (професионалци, ученици, студенти, хобисти и самоградители), веруваме ќе го привлечат и вниманието на нашите стопанственици. Со рекламирањето во ЕМИТЕР, своите производи и услуги ќе можат да ги понудат токму во епицентарот на настаните и интересирањата. Како и секогаш, главната подршка ја очекуваме од вас, драги читатели. Слободно јавете ни се и изложете ги своите сугестии, размислувања и забелашки. Примаме и пофалби.

П.С. Уште една година е пред нас. Посакувам на сите Новата Година да ни донесе повеќе среќа, здравје и успех. Редно би било – ако не за друго, барем колку за промена.

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 1/2002. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.