Рубрика: Уводник
30 години ЕМИТЕР – наспроти сите бури и премрежја
Автор: Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 208 - 12/2025.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


30 години – звучи грандиозно, големо и неверојатно... А ете – тука сме, стасавме и до оваа “округла” бројка. Многумина не веруваа дека ЕМИТЕР ќе опстане толку долго. Да бидеме искрени, не верувавме ни ние, меѓутоа се надевавме и работевме.  Низ овие три полни декади испишавме преку 16 000 страници исполнети со околу 5000 статии со проекти, практични совети, информации за нови и стари технологии, достигнувања – содржини од сите области на науката и техниката. Во овие 5000 статии има околу 900 електронски конструкции за самоградба, околу 200 статии со самоградби и практични совети од други области, околу 400 тестови на уреди, алати и опрема и околу 1200 стручни теоретски написи. Низ годините истражувавме и демаскиравме заблуди и измами, дискутиравме и дебатиравме за мистерии, митови и хипотези, тестиравме теории и уреди, информиравме и едуциравме, паѓавме, станувавме, растевме и созревавме, опстојувавме. На овој или оној начин, наспроти сите тешкотии (од финансиска и организациска природа) успеавме ЕМИТЕР да не биде едно од многуте македонски списанија со кус век. 

А како сето ова започна? Во летото 1995 година, во уводникот за првиот број, исполнет со ентузијазам и оптимизам, поддржан од неколкумина блиски пријатели, соработници и колеги ја претставив концепцијата и плановите за развој на новото списание во македонскиот информативен простор, прво списание од областа на електрониката и сродните дисциплини. Но, приказната за ЕМИТЕР е започната барем 10-20 години порано, кога како ученик редовно ги читав југословенските списанија „Техничке новине”, „САМ свој мајстор”, „Радиоаматер” и „Галаксија”, а потоа, како студент и британскиот „Електор” и многу други научно-популарни списанија во Американскиот и Францускиот културен центар. Некаде тогаш е зачетокот на идејата за наше, македонско научно-популарно и техничко списание.
Идејата почна да се конкретизира пролетта 1995 година, со ставање на хартија на првичниот концепт и со разговори со многу колеги, инженери и љубители на науката и техниката. Полека се формираше и екипата која со свои написи ќе ја преточи таа идеја во стварност. Но, ништо не одеше мазно. Недостасуваа пари, простор, стручни соработници. Тие проблеми се решаваа во од. Не нè поколеба ни тоа што од нечие невнимание и неодговорност пропадна веќе половина подготвен број и се направи застој од 20 дена. На крајот, со огромни напори на Сашо Бојчин, во улога на прв графички уредник, ЕМИТЕР број 1 беше подготвен и даден на печатење. Ако добро се сеќавам, отпечатените списанија ги зедовме од печатницата на 20 август, а на 21 август првиот број веќе беше во трафиките, но можно е во датумиве да имам грешка од ±1 ден :)
Како и да е, ЕМИТЕР тогаш почна да емитува и еве, со разни подеми, падови и промени, тоа го правиме веќе 30 години, со што сме едно од ретките македонски списанија со толкав стаж. Ваквите јубилеи вообичаено се користат за да се даде кратка хронологија на настаните, наместо да ја раскажувам, си велам зошто да не приготвиме инфографик – попрегледно, пораат и почисто за следење и разбирање. 
Иако од инфографикот ќе ги забележите исчекорите што сме ги правеле, тие не секогаш (читај “најчесто не”) оделе во чекор со финансиските прилики. Но, сепак, тоа е состојбата во област каде се бара од луѓето да сторат напор, да прочитаат, размислат, па конечно и да направат нешто повеќе од она што се бара од нив секојдневно – самите да изработат, поправат  или подобрат некој уред, да научат нешто повеќе за светот од чисто љубопитство, или едноставно од друга страна и критички да ги разгледаат некои теории, тврдења и митови. Нејсе, задоволни сме од тоа што го постигнавме – издадени се 208 броја плус десетина книги и брошури и опстоивме три децении со вас.

Пред вас сега е јубилејниот број на ЕМИТЕР којшто како што забележувате е значително пообемен од кој и да е број на ЕМИТЕР до сега. Се работи за она што англичаните го викааат "bumper issue" или како што ние на смеа го кажуваме “бабачко” издание. Идејата и концептот на ова издание е во него да бидат присутни најголемиот дел од авторите што оставиле значајна трага во списанието, а освен тоа и за првпат да ви понудиме можност  директно да ги запознаете авторите што стојат зад написите во кои уживате. Имено, секој од написите е придружен и со кратка биографија на авторот. 
Но, од идејата и концептот до реализацијата работите се отегнаа цели три месеци. Како што веќе кажавме во најавата за овој број, задачата излезе многу пообемна од она на што се надевавме. Имено, со текот на годините, како што се менувавме ние така се менуваше и портфолиото на нашите соработници. Добар дел од нив стигнаа до високоодговорни и/или раководни позиции во својата професија, дел од нив се иселија од државава, со некои од нив контактите се изгубија па повторно требаше да се воспостават, а некои и покрај напорите сепак не успеавме да ги исконтактираме. За жал, имаме и неколку соработници кои починаа во претходните години. 
Сево ова постави еден особен логистички предизвик како за нас така и за соработниците, кои во најголем дел се одзваа на поканата да учествуваат во овој јубилеен број со нов напис. Подготовката на текстовите одеше со бавно темпо, дел од нашите соработници беа презафатени со работните ангажмани, дел од нив не пишувале одамна па враќањето во “пишувачки мод” за нив беше нов предизвик. Дури и реобјавата на некои од постарите написи беше предизвик за себе, поради некомпатибилноста на стариот хардвер и софтвер со новите хардверски и софтверски пакети, некои од фајловите од архивата беа недостапни, некои не се отвараа, па многу од цртежите беа одново прецртувани, текстовите прекуцувани, а некои беа и дополнети за да се заокружи она што тогаш било изоставено поради место или, пак, за да се осовремени решението поради (не)достапноста на делови. А конечно и ние во редакцијата не сме веќе во кондиција и ефикасни за брза обработка на статиите, што поради обемот на пристигнати написи што поради нашата зафатеност со дополнителни ангажмани. Но, трудот вредеше – пред вас е специјален, јубилеен и ретроспективен број на 228 страници, со еден збор вистинска монографија. Во него ќе прочитате 52 статии од 52 величенствени автори! Недостасуваат неколкумина за листата да биде комплетна, но се надевам дека ќе бидеме комплетни на 40-годишниот јубилеј ;-).  
А нашите 30 години и овој јубилеен број немаше да бидат возможни без вас, драги пријатели, читатели и соработници и вашата поддршка “во добро и во зло”, како и без фирмите и поединците што ја препознаа важноста на неформалното образование во вид на списание што ќе ја едуцира пошироката публика за теми од науката и техниката, но уште поважно ќе ја образува следната генерација на техничари, инженери и луѓе од науката. 
Во таа насока особена благодарност изразуваме до Неоком кои нè поддржува континуирано повеќе од 26 години, како и на сите други коишто нè поддржуваа во подолги периоди низ годините како Овернет, All4Net, Лотулс, Аудиоцентар Болин (Коди), Сони, Макпетрол, Теас, Кабтел, Македонски Телеком, Дигит Компјутери, ГМ&М, Рема Компјутери, Унет, Семос, Unitkom, Хермес плус, K&K (Техномаркет), Сет компјутери, Поинт+, До-Ре-Ми, AKS, E&K, Зец Електроникс, Логинг електроник, Polat&Nikex, AC/DC, Ник Аларм, ForNet, Nikom, ВТС, Промо Сименс, Сието, Практика МС, Електро Ваце, Кам-Ел електроник, Гац Електроник, ТР електроник, Кондор електроника, Zo&Co, Onyx-SAT, Hi-Tech, Видеотон (РИОС), Скопски саем, Искра АТГ, Дуна компјутери, Дарис Инженеринг, Аудио експерт, Енотехна, Data Bank, AVC group, Video Data, Flex, Pix+, Артист системи, Алфа аудио, Линк Телеком, Телесет, Еуротек, ЕиП електроника, Видеосоник, МТВ електроника, 3Д студио, ЕМИ медиа, Еуроимпекс, Панел плус, потоа на медиумските спонзори МРТВ, ТВ Телма, Буба Мара радио, Спортско радио, Радио Равел и други, но и на маркетинг агенциите Идеа плус, Market Vision, Publicis и Примарк Комуникации. Се разбира, сето ова немаше да биде можно без одличната работа и огромниот труд и упорност на маркетинг менаџерот Сашко Таневски.
Благодарност до ФЕИТ и ПМФ за нивната поддршка, како и на десетина професори од средните школи коишто го препознаа ЕМИТЕР како спона помеѓу теоријата и практичната настава во школите, па организираа претплати и го користеа списанието во наставата како помагало. Имено, наспроти сите сопки, што системски што колегијални, тие несебично помогнаа да се обликува свеста на следните генерации за потребата да се научи нешто и надвор од учебниците. 
Секако, голема бладарност до сите соработници кои избраа несебично да го споделат своето обемно знаење и искуство со читателите. Со текот на годините во креирањето на ЕМИТЕР учествуваа преку 350 автори, некои со само 1-2 написа, некои со неколку или десетина, а некои со преку 100, но секако, сите на свој начин заслужни за содржините и изгледот на Емитер. Благодарност и до лекторите за нивната храброст да влезат во костец со нешто што е повеќе од белетристика и политика, за нивното трпение додека заедно со нас дискутираа и бараа соодветни  изрази за именување на нештата што дотогаш немале македонско име :). Благодарност и до помошниците/замениците уредници, кои трпеливо сево ова го филтрираа и внимателно го рецензираа и графичките уредници што мака мачеа да ги обработат без грешки сите текстови, цртежи и слики и сето тоа да “го скоцкаат” на точно одреден број страници. Особена благодарност до Владимир Димитров од репро-студиото Ласерџет кој работеше со нас до раните утрински часови за изработка на графичките филмови. Конечно, благодарност и до секретарките што ја работеа мачната работа на внесување корекции, водење евиденции за претплати, поштенски пратки, логистички комуникации со соработници/читатели/претплатниции/деловни партнери... 
Сите тие се наведени во 30-годишниот импресум на страница 5.  
Секако, најмногу ви благодариме вам драги читатели коишто сиве овие години останавте со нас и неуморно нè поддржувавте, кои и во најкризните моменти со вашиот интерес и пофалби знаевте да нè потсетите зошто ја избравме оваа работа и мисија. 
Без сите вас оваа 30-ка немаше да биде достигната.
Нека ни е честит јубилејот!

Слободан Таневски
Главен уредник

Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 208 - 12/2025. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.