Уводник

Почитувани читатели,

Конечно, "ЕМИТЕР" е пред Вас. Зад него стојат неколкугодишни фантазирања на Вашиот уредник и неколкумесечни подготовки на група љубители на електрониката. Голем труд и ентузијазам е вложен во создавањето на ова прво македонско списание за електроника и затоа не можеме да го сокриеме задоволството што "ЕМИТЕР", материјализацијата на нашиот труд и ентузијазам, започна да живее и емитува. Меѓутоа, истовремено свесни сме и за недостатоците на овој прв број, во технички и содржински поглед, како и за одговорноста и трудот што ни претстои за натамошно опстојување и успех на "ЕМИТЕР". Сите искушенија на тој пат полесно ќе ги надминеме само ако ја имаме и Вашата помош во креирањето на списанието.


Електроника

Доколку ви треба засилувач кој е крајно едноставен, а во исто време проверен и квалитетен тогаш можното решение побарајте го во текстот кој следи. Излезната моќност од 50 вати, широкиот фреквентен опсег, високиот однос сигнал-шум, високиот дампинг фактор, малите изобличувања, а посебно едноставната конструкција и ниската цена можат да бидат доволна причина да се решите за негова градба.


Аудио и видеотехника

Денес, цените на CD-плеерите полека, но сигурно паѓаат, така што се далеку од цените на оние пионерски модели од почетокот на CD историјата. Денешните нискобуџетни плеери нудат сосема солиден квалитет и доволно ниска цена за да го свртат вниманието на милионите потенцијални купувачи кои се уште немаат CD-плеер. Од овие причини решивме да претставиме три нискобуџетни CD-плеери со цена под 450 DM, кои можат да се најдат во продажба кај нас.


Електроника

Во овој и следниот број на ЕМИТЕР ќе бидат опишани две изведби на еден едноставен тон генератор кој ќе ве чини најмалку два пати поевтино од некој фабрички тон генератор со слични карактеристики. При оваа калкулација не е земен предвид вложениот труд бидејќи тој се компензира со новостекнатото знаење и искуство.


Аудио и видеотехника

Денеска во изборот на наследникот на катодната цевка се вклучени голем број на фирми од Европа, Јапонија и Америка. Повеќето од нив се здружени во конзорцијум за производство и развој предводени од пентагоновата агенција за развој (Advanced Projects Research Agency). Во прашање не е само развојот на конвенционални ТВ-приемници туку и дисплеји за компјутерите, камкордерите, виртуелната реалност и за други апликации за кои можеме само да сонуваме.


Аудио и видеотехника

FANE претставува една од водечките светски фирми за производство на професионални аудио компоненти. Почетоците на оваа мошне позната фирма датираат некаде во 50-тите години, во Англија. Доаѓањето на Rock'n'Roll-от уште во раните '60 создаде голема побарувачка на звучници со дотогаш нечуена моќност и физичка цврстина, се бараа јаки и "бесмртни" звучници.


Телекомуникации

Поради масовноста на телефонските приклучоци во една јавна телефонска говорница и тешкотиите од наплатата на сметките што пооделно ги прави секој од корисниците на јавната телефонска говорница се појавија специјализирани уреди кои вршат директна визуелизација на телефонската говорница со точна наплата посебно за секој корисник на говорницата. Досега во нашата држава се користеа вакви системи од странско потекло кои беа доста скапи и тешки за одржување.


Аудио и видеотехника

Таскамовиот DA-30 MK II рикордер излезе на пазарот минатата година и претставува подобрена, посовршена верзија на добро познатиот DA-30 кој го проби патот до многубројни потрошувачи кои сакаат да имаат професионална DAT машина за разумни пари.


Електроника

Овој алармен уред е направен за заштита на Вашиот автомобил од насилно отварање и евентуална кражба. Системот на работа се базира на детекција на мали промени на напонот на вградениот акумулатор во Вашиот автомобил. При отварање на врата во кабината се пали кабинско светло што предизвикува течење на мала струја и промена на напонот.


Електроника

Уште од самото нејзино поставување, од страна на Х.С. Блек во 1920 година feed-forward (FF) корекцијата на грешка најде своја практична примена во радиофреквентните уреди и микробрановите засилувачи. Поради неможноста на примена на FF на цело аудиофреквентно подрачје, досега таа не се применуваше во излезните аудиозасилувачи. Во поново време овие пречки се надминати со што се овозможи нова примена на Блековата FF врска.


Телекомуникации

Во овој напис е даден краток преглед на развојот на радиокомуникациите од крајот на XIX век до денес.


Електроника

Едно од многубројните интегрирани кола кои се користат како НФ-засилувачи во Тв и преносните радио приемници е колото TDA2030. Сместено е во пентават куќиште, TDA2030 може да даде 14W излезна моќност на потрошувач од 4Ω при напон на напојување од ±14V.


Информатика

Ако имате постар персонален компјутер, чија магистрала е од типот ISA, тогаш со малку пари и малку труд ќе можете да добиете одличен звук од вашиот компјутер. За да го направите тоа, покрај хардверот ќе ви биде потребен и соодветен софтвер. Еден таков едноставен програм е музичкиот програм Visual player. Ако сè уште не сте го набавиле, а и не познавате некој кој го има, ќе можете да го набавите преку BBS мрежата. Ако и тоа не можете, побарајте го од нас.


Електроника

Во домаќинствата се повеќе се употребуваат регулатори на светлина од светилките. Нивната конструкција е едноставна, сигурна и евтина. Освен тоа оваа регулација се одвива без загуби на енергија. Едно од повеќето можни решенија на регулатор на светлина е прикажано во текстот што следува.


Омнибус

Идеален телефон – секаде со вас; MiniDisc – ДЕК MDS – 501; DBX; Aliesis оди понатаму; Тест сигнал по желба; Што помало, тоа подобро; Осумканален дигиталец и од Sony; Roadstar засилувачи за автомобили; FM радиостаница IC-2700H; Roadstar 7095 дигитален целуларен телефон; Roadstar auto Hi-Fi colection RC-926RDN; CD интерактив.