Рубрика: Уводник
Повторно заедно!
Автор: Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 9-10/2016.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Почитувани читатели, Пред вас е новиот, повратнички број на ЕМИТЕР. По нешто повеќе од една и половина година, пак сме заедно. Овој пат се надеваме дека нашата дружба нема да биде попречувана од негативните финансиски биланси.

Да, токму така, единствена причина за оваа пауза во излегувањето на ЕМИТЕР беше работата со финансиска загуба која повеќе не можеше да се толерира. Од каде работа со загуба? Едноставно, тиражот на стручните списанија од областа на науката и техниката е релативно мал, при што имаме мали приходи од продажбата (ова секаде во светот е така). Втората причина е тоа што, за разлика од другите развиени дражави, рекламирањето во ЕМИТЕР е навистина многу скромно, што повторно се одразува со многу мали приходи по тој основ. Од друга страна, трошоците во подготовката на еден број, почнувајќи од режиските трошоци, па сè до готов примерок во киоск се исти, ако не и поголеми од списанијата што обработуваат политички и забавни теми. Развиените држави ова го знаат и со оглед на тоа што се работи за навистина општо корисни едукативни, научно-популарни и стручни изданија, го помагаат нивното издавање на различни начини. Кај нас, во Македонија, оваа помош изостанува. Неброено пати сме се обратиле до Владата, до неколку министерства, речиси до сите од листата “200 најуспешни македонски фирми”, до универзитети и факултети, стопански и струкови здруженија, амбасади и до сите оние субјекти што по некој основ треба или можат да поддржат проект каков што е нашиот ЕМИТЕР. Од сета таа интензивна преписка, телефонски контакти и директни средби, нема никаква позитивна повратна информација. Молкот е основниот “одговор”. Или тапкањето по рамо со пофалби за ЕМИТЕР и ветување дека нешто ќе се направи, а потоа ништо од ветувањата. Во ваква ситуација, што можеме ние да направиме? Прво, привремено да ја изоставиме печатената форма на ЕМИТЕР и тој да излегува само во електронска верзија, како поевтина варијанта. Тоа го направивме и се надеваме дека финансискиот биланс ќе биде барем на позитивна нула. Второ, ако и во иднина работењето генерира финансиски загуби, а поддршката и рекламите изостанат, остануваат две опции: или корекција на цената на електронската верзија на ЕМИТЕР на повисок износ, или дефинитивно згаснување на списанието. Тие се опциите кога би морале да работиме исклучиво на комерцијална основа. А сега, да проговориме за убавите нешта во врска со нашиот ЕМИТЕР.

Прва новина што ја направивме е електронската продавница (види на www.emiter.mk). Причината за тоа е нашите производи и производите на нашите партнери да станат подостапни до нашите купувачи. Втора значајна новина се електронските верзии на нашите изданија (списанието, брошурите и книгите). Тие можат да се купат директно од нашиот сајт, со тоа што плаќањето може да биде со уплатница или со платежна картичка. Фактички, нема веќе трчање по киосците и стравување дека вашиот примерок е веќе продаден.

И покрај сè, нашите идни планови се амбициозни и би требало да ја зацврстат нашата позиција на пазарот. На прво место е, при првите поволни услови да биде вратено печатеното издание. Неговата цена сигурно ќе е повисока од цената на електронското издание и можно е да го нема во слободна продажба, туку да оди само преку претплата. Тоа ќе биде наменето само за оние наши фанови кои претпочитаат печатена верзија. Во план е и издавање на ЕМИТЕР на албански и на српски јазик, при што досегашната јазична бариера нема да биде пречка за нашите читатели од Балканот. Секако, ќе има и освежување на концептот на списанието, но тежиштето нема да биде поместено. Тоа значи дека продолжуваме да негуваме проекти за самоградба, теоретски написи, информации за нови производи и технологии, мистерии во науката итн. Ќе понудиме содржини што ќе го задржат вашето внимание, ќе ве информираат, едуцираат и забавуваат. Тоа го може само вашиот ЕМИТЕР!

Уживајте во овој повратнички ЕМИТЕР со надеж дека нашата дружба никогаш нема да биде попречена.

 

Слободан Таневски

Главен и одговрен уредник

 

Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 9-10/2016. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.