Рубрика: Уводник
ЕУРЕКА - Нова рубрика во ЕМИТЕР
Автор: Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 10/2007.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Со задоволство ја објавуваме веста дека во ЕМИТЕР покренуваме нова рубрика, наречена ЕУРЕКА, во која ќе се објавуваат научни и стручни трудови, пронајдоци, иновации и нови теории од македонски автори. Рубриката ЕУРЕКА ќе има два дела.

Со задоволство ја објавуваме веста дека во ЕМИТЕР покренуваме нова рубрика, наречена ЕУРЕКА, во која ќе се објавуваат научни и стручни трудови, пронајдоци, иновации и нови теории од македонски автори. Рубриката ЕУРЕКА ќе има два дела.
Првиот дел е наменет за објавување научни и стручни трудови, претходно одобрени од страна на стручни рецензенти и индексирани - исто како во секоја друга релевантна научна периодика во светот. Имено, во научниот свет постојат строго зацртани правила како се објавуваат научните трудови, за да може да се гарантира дека објавениот труд навистина претставува значаен придонес кон науката и кон знаењето на човештвото, воопшто. Научните трудови вообичаено се објавуваат во зборници кои ги издаваат стручните и професионалните здруженија (на пример, Здружение на лекари), но постојат и независни научни списанија од општ тип, како што се Nature или Science. Сите трудови понудени во зборниците или списанијата минуваат низ строг филтер од страна на високостручни рецензенти, кои одлучуваат дали понудениот научен труд ги задоволува стандардите поставени од здружението или списанието.
Во Македонија постојат различни професионални здруженија, кои издаваат свои зборници на научни трудови (или струкови списанија). За жал, повеќето од нив излегуваат многу ретко (1 - 6 броја годишно) и во многу мал тираж, па во нив навистина е многу тешко да се продре, меѓу другото и поради некои непотребни и неоправдани бирократски (или други) пречки или одолговлекувања. Токму затоа, ЕМИТЕР им овозможува на сите научни работници во Македонија уште еден простор за објавување на нивните научни трудови, ослободен од сите непотребни пречки, но со задржување на сите неопходни (високи) стандарди кои важат во оваа област. Дополнителна придобивка е неколкукратно поголемиот тираж на ЕМИТЕР во однос на постоечките зборници, овозможувајќи пристап на научниот труд до многу побројна публика.
Вториот дел од рубриката ЕУРЕКА е наменет за претставување пронајдоци, иновации и нови теории од нашите читатели. Овие трудови нема да бидат подложени на селекција или одобрување од страна на рецензенти, ниту, пак, од страна на Редакцијата на ЕМИТЕР - овој дел од рубриката е потполно слободен за сите оние кои мислат дека имаат креирано нешто оригинално и претставува единствена можност пошироката публика, но и заинтересираните фирми и институции, да дознаат за достигнувањата на македонските иноватори и теоретичари.
Идејата за рубриката ЕУРЕКА ја носевме повеќе години (сетете се на анкетата од 2005г.), но секогаш ограничувачки фактор беше бројот на слободни страници. Зголемувањето на бројот на страници не доаѓаше предвид, бидејќи тоа би резултирало со зголемување на цената на ЕМИТЕР, што сметавме дека е неприфатливо. Излезот го најдовме во обврската авторот да ги плати трошоците за објавување на неговото дело што, впрочем, е вообичаена пракса кај нас и во светот за зборниците и списанијата кои објавуваат научни трудови, пронајдоци, иновации, нови теории... Но, за разлика од другите, каде цената обично е од 50 до 500 евра по страница, ние одлучивме авторите (или нивните спонзори) да платат само онолку колку да се покријат трошоците за печатење на трудот, а тоа, во овој момент, е 1500 денари по страница. Со други зборови, ЕМИТЕР се откажува од профит за оваа рубрика со цел објавувањето на трудовите да биде достапно за поширок круг на автори.
Рубриката ЕУРЕКА, освен како простор за афирмација на делата на македонските научници, пронаоѓачи, иноватори и теоретичари, замислена е и како поттик за размена на мислења. Затоа ги повикуваме сите читатели слободно да ги достават до Редакцијата своите коментари за објавените трудови, пронајдоци и теории.
Се надеваме дека рубриката ЕУРЕКА ќе стане вистински расадник на вредни дела давајќи свој придонес кон развојот на науката, пронаоѓаштвото и иноваторството кај нас. Ако тоа се случи, тогаш нашата мисија ќе биде успешна.

Слободан Таневски
Главен уредник

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 10/2007. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.