Емитер 1/1995.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Почитувани читатели,
Конечно, "ЕМИТЕР" е пред Вас. Зад него стојат неколкугодишни фантазирања на Вашиот уредник и неколкумесечни подготовки на група љубители на електрониката. Голем труд и ентузијазам е вложен во создавањето на ова прво македонско списание за електроника и затоа не можеме да го сокриеме задоволството што "ЕМИТЕР", материјализацијата на нашиот труд и ентузијазам, започна да живее и емитува. Меѓутоа, истовремено свесни сме и за недостатоците на овој прв број, во технички и содржински поглед, како и за одговорноста и трудот што ни претстои за натамошно опстојување и успех на "ЕМИТЕР". Сите искушенија на тој пат полесно ќе ги надминеме само ако ја имаме и Вашата помош во креирањето на списанието.
А, еве, накратко како ние го замислуваме "ЕМИТЕР". Основа на концепцијата ќе биде намерата за соодветна застапеност на сите области на електрониката. Написите ќе бидат групирани во следните рубрики: теоретска електроника, аудио техника, видео техника, куќна електроника, напојувачка техника, автомобилска електроника, комуникациона техника, компјутерска техника, електронски елементи, индустриска електроника и автоматика, мерна техника, технологии, инфо сервис, писма и мали огласи. Ќе бидат застапени текстови од најразличен вид: кратки информации, поопширни информативни прикази, теоретски текстови, практични совети, тестови, апликации и проекти за самостојна градба.
При изборот на темите и начинот на презентација ќе се раководиме од принципот тие да бидат прифатливи за поширок круг на читатели, од аматери и хобисти, ученици и студенти па се до техничари и инженери кои се професионално поврзани со електрониката. Наша желба е "ЕМИТЕР" со своите содржини, како и со активностите во и околу него, покрај информативната да остварува и одредена образовна и научна функција. Се надеваме дека со тоа списанието ќе даде позитивен придонес во подигнувањето на техничката култура на читателите и во развојот на електрониката во Македонија.
Свесни сме дека вака широко замислената концепција носи опасност од расплинување и површност, поради што доста често (оправдано или не) ќе биде подложена на критика од типот "од се по нешто – на крај ништо", но сепак се определивме за неа од неколку причини. Прва причина е тоа што досега не постоеше списание од ваков вид во Македонија, па затоа ова списание би требало да се обраќа до сите љубители на електрониката без фаворизирање на одделни групи. Втора причина за вакво решение во врска со концепцијата е тоа што сите сметаме дека не е возможно да се посветиме на една област без навлегување во другите области на електрониката. И на крај, не е за занемарување и фактот дека Македонија е премногу мал пазар за да можеме да се определиме за само еден сегмент од електрониката кој неизбежно би донел и потесен круг читатели. Сепак не значи дека оваа наша прва визија за концепцијата на "ЕМИТЕР" е апсолутно исправна и конечна, па затоа може да претрпи и измени. Насоката на тие промени ќе биде одредена од Вашиот интерес.
За да ги оствариме нашите и Вашите очекувања неопходна ни е вашата соработка. Затоа не чекајте – уште денес испратете ни ги (по пошта или телефакс) своите размислувања, пофалби, критики и сугестии. Од поамбициозните читатели очекуваме и понуди за соработка со авторски текстови, а од претпријатијата и дуќаните – понуди за деловна соработка. "ЕМИТЕР" ќе успее само ако и Вие бидете со нас.
Слободан Таневски
Гл. и одг. уредник
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 1/1995. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.