Рубрика: Уводник
15 години ЕМИТЕР
Автор: Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 7-8/2010.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Со овој број на ЕМИТЕР се навршуваат 15 години од нашето дружење. Првиот број на ЕМИТЕР излезе во август, сега веќе далечната 1995 година. Јубилеј за почит. Јубилеј кој многумина желно го посакуваат, а на малкумина им се остварува. Ретко кое списание во Македонија може да се пофали со 15 години редовно излегување!

Од првиот па сè до овој број веселата статистика ќе ги забележи следниве значајни податоци: 148 броеви со вкупно преку 11 000 испечатени страници, исполнети со преку 3 000 статии. Во овие 3 000 статии има околу 700 електронски конструкции за самоградба, околу 50 проекти за самоградба од други области (машинство, градежништво, столарство...) и околу 800 стручни теоретски написи. Ова се бројки кои фасцинираат, охрабруваат и задолжуваат. Курсот е поставен, концептот е потврден и од вас, драги читатели, и со секој нов број одново и одново се докажува дека ЕМИТЕР е единствениот светилник на овие простори кој на стручен, но популарен, интересен и за сите достапен начин, сигурно и ширум ги отвора "рајските порти" на науката и техниката.
Од 10-годишниот јубилеј па сè до овој 15-годишен јубилеј, внесовме многу новини кои му донесоа голема свежина на ЕМИТЕР и пополнија големи празнини во македонскиот информативен простор од научно-техничката провиниенција. ќе ги набројам само најзначајните. Прво сакам да ги издвојам серијалите: "Школа за електроника" - наменет за почетнците и електроничарите со помало искуство; "Како до квалитетни звучни кутии" - курс за проектирање и изработка на звучни кутии; "ФотоЕМИТЕР 2008" - едукативен фотоконкурс кој по 9 месечни изданија резултираше со изложба на најдобрите фотографии и наградените автори; "Школа за фотографија" - незаменливо четиво за успешен влез во прекрасниот свет на фотографијата; "Поправка и одржување на автомобилите" - курс во 19 продолженија за самостојно одржувањето на нашите лимени љубимци; "Мистеријата наречена НЛО" и "Мистериите на науката" - 24 продолженија на беспоштедната борба на мислења и аргументи "за и против" и најновиот серијал за топлинска изолација на градежните објекти. Од многуте проекти за самоградба во оваа пригода би ги издвоил: "3W УКБ предавател", "Тиристорски насочувач", "200W засилувач од врвна класа", "Бар генератор", "100W гитарски засилувач", "Коло за мек старт", "Апкан", "Дигитален LC-метар", "Соларни колектори", "Сателитски позиционер", "ТЕНС елиминатор на болка", "Домашно производство на биодизел", "400W МОСФЕТ засилувач", "Електронско ехо", "Стерео предавател"... Нешто уникатно е додатокот ЕУРЕКА кој излегува по потреба и надвор од основниот обем на списанието, а кој нуди единствена можност за едноставно и верифицирано објавување на стручен и научен труд, како и пронајдок, иновација или сопствена теорија за нештата кои нè опкружуваат. На крајот од ова потсетување со особено задоволство би ги истакнал книгата "ТВ-техника и нејзино сервисирање" и брошурите "Кабелска телевизија", "Микроконтролери 1" и "Акустика на простории", а во овој контекст ќе најавам дека во завршна фаза на подготовка се, и наскоро ќе бидат објавени, уште две брошури ("Микроконтролери 2" и "Бучавата и изолацијата од неа") и една книга со работен наслов "Електронски конструкции".
Големо приближување до вас читателите направивме и со активирање на нашата интернет-локација emiter.com.mk. Иако веб-страницата во овoј момент не е до крај "наполнета", сепак, голем дел од содржините се внесени и поголем дел од функциите се активни. Ова е изнудено и оправдано со оглед дека се работи за многу голема количина на материјал што треба да биде внесен и истовремено ограничените човечки ресурси кои ја полнат базата на веб-страницата. Но, се надеваме дека во најскоро време веб-страницата ќе биде целосно "наполнета" и функционална. Ова особено се однесува на форумот кој ќе овозможи поблизок контакт и размена на знаења и искуства помеѓу сите читатели и љубители на науката и техниката.
Првиот број на ЕМИТЕР беше отпечатен на 40 страници. Денес ЕМИТЕР излегува на 84 страници и во план е зголемување на бројот на страниците, нешто што сигурно ќе предизвика задоволство и кај нас и кај вас драги читатели. Имаме уште многу нешта да кажеме, да поучиме и да презентираме и знаеме како да го направиме ЕМИТЕР уште поинтересен и збогатен со нови содржини кои ќе зрачат со својата инвентивност и квалитет. Во план се интересни новини кои се разработуваат и во поблиска или подалечна иднина, кога и приликите (во поширок контекст) тоа ќе го дозволат, сигурно ќе бидат реализирани. Иако економските состојби во нашава држава се извонредно тешки и иако функционирањето на вакво списание на пазарни основи е уште потешко, ЕМИТЕР безрезервно е посветен на својата благородна мисија и бескомпромисно истата ќе ја извршува.
До некоја следна пригода, со најдобри желби за сите.

Слободан Таневски,
Главен уредник

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-8/2010. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.