Ме интересира дали некогаш сте објавиле нешто во врска со конструкција на засилувачи и антени за аматерски радио телескоп(и)? Дали некој ваш читател или соработник се има обидено да направи радио телескоп?
Интересен пример за „откачена” употреба: https://www.qsl.net/yu1aw/ANT_VHF/ANT.htm
Александар Шулевски
Досега не сме објавиле таков проект. Темата е многу интересна, но бара големи познавања од електрониката и радиоастрономијата, како и добра местоположба за антената (радиотелескопот). Пред речиси 40 години, кога поактивно се занимавав со астрономија, купив една американска книга „Радиоастрономија” наменета за ентузијасти-самоградители, со детални конструкции на радиоастрономски антени и приемници. Сепак, денес напредокот на техниката ја има прегазено таа книга. После толку време има голем напредок во електрониката, со подобри транзистори и конструкции на приемници, со помал шум и поголема селективност. Но, градската околина загадена со електромагнетни шумови не влијае поволно на таквите проекти, а и димензијата на антената треба да е голема, така што не гледам некој потенцијал за успех на еден таков евентуален проект. За некои посилни астрономски радиоизвори може да се пројде со некој помал array од хеликоидални антени, но и тоа не може да се постави на балкон од стан – за таков проект мора да се има куќа со двор.
На дадениот линк е опишана средно голема (за радиоаматерски услови – огромна!) параболична радиоантена, која инаку може да се користи како радиотелескоп, но таму е опишана нејзината употреба исклучиво како Earth-Moon-Earth радиоаматерска радиокомуникација - што нема врска со радиоастрономијата, иако таму попатно се спомнати некои мерења на сигналот од неколку галактички радиоизвори, заедно со Сонцето).
Владимир Филевски
Здраво,
Сакам да прашам дали има грешка во шемата за автоматски прекинувач за скалично светло од Емитер 4/2014, поточно дали колото LM311 треба да биде поврзано на 230V како што е на шемата или на друго напојување од 12V?
Давор
Тоа што го прашувате е јасно напишано во статијата. Дали ја имате прочитано? ИК LM311 се напојува од приклучокот за 230V, но тој напон се смалува со компонентите R7, C4, D1, D2, C5 на вредност од 5,5V со кој се напојува ИК. Ова подетално е објаснето во наведениот напис “Автоматски прекинувач за осветлување” од Емитер 4/2014, на стр. 59.
Слободан Таневски
Почитувани,
Добив на подарок унимер ISKRA US6A, кој не е исправен. На омското подрачје х1 има отпорник со видливи оштетувања од горење, со ознака 36е5. Претпоставувам дека треба да е 36 оми, но на мерење покажува 300 k. Исто така има оштетен кондензатор со ознака ISKRA 50000 j 630 V - KFMU 40/+85. Не ја разбирам оваа ознака - колкав треба да биде капацитетот? Го испробав подрачјето за мерење напони и тоа е исправно.
Во унимерот нема батерија, а на Гугл најдов дека ознаката на батеријата е 2R10 од 3 V. Во продавниците најдов батерија 3,7 V – дали таа батерија е соодветна за него и дали може да се стави појака батерија?
Од десната страна на унимерот има два конектора за наизменична струја – не знам за што служат? Дали се тие за полнење на батеријата и дали може да има батерија која може да се дополнува?
Дали може од вас да ги добијам соодветните отпорник, кондензатор, батерија и електрична шема? Имам основни познавања од електроника, но без ваша помош не би можел да го поправам.
Владо Арсов
Оштетениот кондензатор има капацитет од 50 nF, толеранција од 5% и максимален еднонасочен напон од 630 волти. Отпорникот има отпорност од 36,5 оми.
За да може унимерот US6A да мери отпорност, мора да се инсталира батерија од 3 волти. Не “појака”, туку точно 3 волти, инаку мерењата ќе бидат погрешни! Батеријата 2R10 тешко може да се најде, но наместо неа може да се користи ЕДНА литиумска CR123A или CR14505 (овие НЕ се полнат!) кои се со помали димензии од 2R10, па ќе може лесно да се сместат во постоечкото лежиште за батеријата, но ќе мора на некој начин да се поврзат плусот и минусот од батеријата со соодветните контакти од лежиштето. Или, може да се направи надворешно напојување со две сериски споени алкални батерии од по 1,5 волти.
Приклучоците од десната страна за наизменичен напон НЕ служат за полнење на батеријата (таа НЕ се полни!), туку служат како извор на наизменичен напон за мерење на кондензатори. Со оглед на очигледното неискуство, советувам да не се приклучува на наизменичен напон!
Списанието ЕМИТЕР не продава отпорници, кондензатори и батерии! Тие може да се купат во секоја продавница за електронски делови. Шемата на унимерот е во прилог на веб-страницата за оваа статија.
Владимир Филевски