30 години – звучи грандиозно, големо и неверојатно... А ете – тука сме, стасавме и до оваа “округла” бројка. Многумина не веруваа дека ЕМИТЕР ќе опстане толку долго. Да бидеме искрени, не верувавме ни ние, меѓутоа се надевавме и работевме. Низ овие три полни декади испишавме преку 16 000 страници исполнети со околу 5000 статии со проекти, практични совети, информации за нови и стари технологии, достигнувања – содржини од сите области на науката и техниката. Во овие 5000 статии има околу 900 електронски конструкции за самоградба, околу 200 статии со самоградби и практични совети од други области, околу 400 тестови на уреди, алати и опрема и околу 1200 стручни теоретски написи. Низ годините истражувавме и демаскиравме заблуди и измами, дискутиравме и дебатиравме за мистерии, митови и хипотези, тестиравме теории и уреди, информиравме и едуциравме, паѓавме, станувавме, растевме и созревавме, опстојувавме. На овој или оној начин, наспроти сите тешкотии (од финансиска и организациска природа) успеавме ЕМИТЕР да не биде едно од многуте македонски списанија со кус век.