Рубрика: Физика
Дали времето има рок на траење?
Објавено на 22.06.2026 - 18:15

Претставете си некој ви каже дека времето – она што го мери секој часовник, што ги дели вчера, денес и утре – можеби и не претставува фундаментална особина на Универзумот. Уште почудно, дека можеби некогаш во навистина далечното минато, имало период кога времето не постоело, и дека е можно еден ден тоа повторно да исчезне...

На прв поглед ова звучи како филозофска загатка, но токму вакви прашања си поставуваат физичарите кои се обидуваат да ги помират двете најуспешни теории на модерната наука: квантната механика и општата теорија на релативноста. Проблемот е што тие зборуваат различни јазици, барем кога станува збор за времето.

Во квантната механика времето е нешто како сценографија на театарска претстава, фиксна позадина врз која честичките играат и се движат. Во релативноста на Ајнштајн, пак, времето е дел од самата сцена. Тоа може да се растегнува, забавува и искривува под влијание на гравитацијата. Часовник на површината на Земјата не отчукува сосема исто како часовникот поставен во орбитата на Земјата, а ако поставиме часовник во близина на црна дупка тука разликите стануваат навистина драматични.

Овој судир на две успешни теории со децении е познат како „проблемот на времето“. Особено интригантен е фактот што една од најпознатите равенки во квантната космологија, таканаречената Вилер-ДеВитова равенка, воопшто не содржи време. Според неа, Универзумот на најдлабоко ниво изгледа како да е замрзнат во вечна сегашност.

И токму тука се надоврзува новото истражување на бразилскиот физичар Андерсон Гама Фернандес де Фреитас, објавено во списанието Classical and Quantum Gravity. Неговата идеја е следна: времето можеби не е основна состојка на реалноста, туку појава што произлегува од геометријата на самиот простор. Наместо да го смета времето за нешто однапред зададено, тој предлага таканаречен „геометриски часовник“, чијшто ритам е поврзан со закривеноста на просторот.

Според оваа хипотеза, времето е најдобро дефинирано таму каде што просторот е силно искривен. Таков бил младиот Универзум непосредно по Големата експлозија, кога материјата и енергијата биле згуснати во екстремни услови. Но, како што космосот се шири и неговата геометрија станува сè порамна, концептот на време постепено би можел да ја изгуби својата фундаментална улога. Со други зборови, времето не би било вечна позадина на постоењето, туку привремена појава поврзана со еволуцијата на Универзумот.

Секако, ова не значи дека утре ќе престанат да работат часовниците или дека иднината ќе исчезне. Станува збор за теоретска рамка која засега е тестирана само на поедноставени математички модели. Но, нејзината вредност е во тоа што нуди нов начин за размислување во врска со еден од најголемите проблеми во физиката.

Историјата на науката повеќепати покажала дека поимите што ги сметаме за очигледни не се секогаш такви. Земјата не е центарот на Универзумот, просторот не е апсолутен, а можеби ни времето не е она што мислиме дека е. Ако оваа насока на истражување се покаже плодна, идните генерации физичари можеби ќе го гледаат времето не како темел на реалноста, туку како сенка што ја создава самата геометрија на космосот. 

 

Повеќе за времето и мерењето на времето можете да прочитате во

• 10 факти за... времето | Емитер
• Како изгледа крајот на времето? | Емитер
• Кога времето станува двонасочна река | Емитер
• Енигмите на времето: Што е тоа време? | Емитер
• Енигмите на времето (1. дел): Што е тоа време? | Емитер
• Енигмите на времето (2. дел): Дали времето имало почеток и дали ќе има крај? | Емитер 
• Енигмите на времето (3. дел): Патување во иднината | Емитер
• Енигмите на времето (4): Патување во минатото | Емитер
• Патување низ времето е реално можно? | Емитер
• Први научни докази за патување низ времето? | Емитер
• Патување во времето со квантен компјутер | Емитер
• Времето пред создавањето на светот | Емитер
• Нема докази за течење на времето пред Биг Бенгот | Емитер
• Решение на временскиот парадокс за патниците низ времето | Емитер
• Временски симетричен универзум | Емитер
• Мерење на времето | Емитер

Клучни зборови: