1. “Времето е илузија. Времето за пауза, уште поголема илузија” – вака се шегуваше Даглас Адамс во книгата “Автостоперски водич низ галаксијата”. Се чини дека научниците го сфатиле сериозно. Некои од поновите спекулативни теории во физиката предлагаат дека времето потекнува од една поголема и безвременска реалност. Обидете се да се оправдате на овој начин следниот пат кога ќе задоцните на работа.
2. Се прашувате зошто во март ги поместуваме стрелките на часовникот нанапред? Летното сметање на времето започнало како шега на Бенџамин Франклин кој предложил лете луѓето да стануваат порано за да можат повеќе да ја искористат дневната светлина и на тој начин да ги заштедат свеќите. Оваа шега ја сфатиле сериозно во Британија каде во 1917 година за првпат е воведено летното сметање на времето, коешто сметање подоцна се раширило низ цел свет.
3. Испитувањата на Министерството за енергија на САД покажале дека побарувачката на електрична енергија за време на летното сметање на времето паѓа за 0,5%, заштедувајќи приближно 3 милиони барели нафта. Значи, летното сметање на времето е, всушност, “зелено” сметање на времето :).
4. Порано 1 секунда се дефинираше како 1/86400 дел од денот. Но, Земјината ротација не е со совршено исто времетраење. Гравитациските влијанија на Сонцето и Месечината ја забавуваат ротацијата на нашата планета, зголемувајќи ја должината на деноноќието за приближно 3 милисекунди на еден век. Ова значи дека во времето на диносаурусите едно деноноќие траело 23h.
5. Современата технологија помага во пресметките на времето. Во 1972 година е создадена мрежа на атомски часовници во повеќе од 50 земји. Времето усогласено во оваа мрежа се смета за конечен авторитет при сметањето на времето и е толку точно што за 31,7 милиони години се греши само 1 секунда.
6. За времето да се синхронизира со траењето на Земјината ротација, на секои неколку години се додава “престапна” секунда. Последен пат ова беше направено при преминот на 2008 во 2009 годнина.
7. Најточниот часовник на светот се наоѓа во американскиот Национален институт за стандарди и технологија во Колорадо, САД. Тој ги мери вибрациите на еден единствен атом на жива. За време од милијарди години тој нема да доцни ниту една секунда.
8. Сè до 19. век секое гратче имало своја временска зона. Ова правело хаос во возниот ред на железницата, така што било воспоставено посебно т.н. железничко време. Оваа синхронизација на часовниците во различни места на Земјата можеби била токму она што го натерало Ајнштајн да размислува за релативноста на времето. Ајнштајн покажал дека гравитацијата го забавува течењето на времето. Како последица на ова, патниците во авион кои летаат подалеку од центарот на гравитациското поле, односно каде гравитациското дејство е за нијанса помало, стареат дополнителна наносекунда за време на секој лет.
9. Според квантната теорија, најкраткиот момент на време коешто може да постои се нарекува Планково време и изнесува точно 0,0000000000000000000000000000000000000000001 секунда (т.е. 10-43s).
10. Времето не постоело отсекогаш. Повеќето научници веруваат дека времето настанало во моментот на создавањето на универзумот при Големиот прасок пред 13,7 милијарди години. Можеби постои и крај на времето. Тројца шпански научници тврдат дека забрзаното ширење на космосот е, всушност, илузија којашто се должи на забавување на времето. Според нив, времето на крај ќе застане и сè ќе биде замрзнато во еден конечен момент на времето кое ќе престане да тече.