Конечно, иницијативата што ја презеде ЕМИТЕР преку написите на нашиот соработник Марјан Божиновски изгледа ќе вроди со плод. Како што нашите редовни читатели знаат, почнувајќи од август па досега, објавивме десетина статии за благодaтите од користењето на еден стар и на многу други полиња веќе докажан лек – ивермектинот, во справувањето со ковид-19, а со цел за пошироко информирање на јавноста и на стручните лица од македонското здравство. По долго игнорирање, македонските здравствени институции ги преземаат првите чекори кон одобрување на лекот ивермектин и на протоколите за негова примена против ковид.
Како што најнапред јави Слободен печат, а потоа потврди и Радио Слободна Европа, ивермектинот конечно влезе во „протоколот за лекување на пациентите со ковид-19, којшто е усвоен од стручниот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија и Ковид-19 центрите во ‘интернистичкиот блок’“.*
Како што пишува Радио Слободна Европа, „од институцијата наведуваат дека стручната комисија формирана од министерот за здравство Венко Филипче го изготвила мислењето за лекот ивермектин и дека тоа ќе биде испратено до комисијата во Агенцијата за лекови и медицински средства Малмед.“
За потсетување, ЕМИТЕР уште од самиот почеток будно ги следеше состојбите во светот за мерките и третманите што се спроведуваат за справувањето со ковид-19. За можноста за користење на ивермектинот како третман за ковид-19, научниците се посомневаа уште во април оваа година, кога ин витро се тестираше дејството на голем број средства и лекови што веќе претходно покажале успех во справувањето со други видови корона вируси слични на SARS-CoV-2. Ова беше некој прв показател за неговата ефикасност, но сепак сè уште далеку од употребна препорака за третирање на заболените од ковид-19. Да потсетиме, успех во ин витро тестирањата покажаа и варикината, јодните раствори, растворите за плакнење уста, па сепак, нивната употреба се сведува на санитарна дезинфекција на надворешните површини (за варикината) или за превентивно плакнење на грлото (за јодот и листеринот).
Но потенцијалот беше согледан и набргу се тргна со понатамошни истражувања, а првите ветувачки резултати дојдоа веќе во август (Навистина ли постои безбеден, ефективен и евтин лек за COVID-19?) Истражувањата спроведени дотогаш веќе укажуваа на тоа дека ивермектинот го намалил ризикот од COVID-19 за 8 пати! Во средината на септември дојдоа резултатите и од други истражувања коишто укажаа на тоа дека употребата на ивермектинот го прави ковид-19 смртоносен колку сезонскиот грип. Овие резултати веќе не можеа да се игнорираат. На интернетот веќе почна да се зборува и за можна употреба на ивермектинот како профилакса, барем до појавата на валидна вакцина, па дури и по неа (Анализа на односот цена-ефективност: ивермектин vs. вакцина).
Но, кај нас сè уште се молчеше за примената на овој лек што ценовно би бил достапен речиси за сите на коишто ќе им биде потребен, а надежите се полагаа во „чудото“ наречено ремдесивир. Разочарувањата од неефикасноста на ремдесивирот пристигнаа на самиот почеток од октомври, речиси истовремено со потпишувањето на договорот за негова набавка од производителот, за потребите на ЕУ, а со неа и на Македонија. Имено, клиничките истражувања покажаа дека ремдесивирот нема речиси никаков ефект во развојот на текот на болеста и во нејзиниот исход. Многу бргу пристигнаа резултати од повеќе сеопфатните клинички истражувања за ефикасноста на неколку лекови што се применуваат во третирањето на ковид-19. Емитер пишуваше за ова во Кои лекови даваат резултати, а кои не ги бидува при третирање на Ковид-19 , каде што ги споделивме со вас досегашните сознанија и светски искуства за дејствата на хидроксихлорокинот, азитромицинот, лопинавирот/ритонавирот; на ремдесивирот; на конвалесцентната плазма; и на ивермектинот.
Доказите за предностите од примената на протоколите за примена на ивермектин, потврдени со научни истражувања, почнаа да се зголемуваат. Веќе беше јасно дека и Македонскиот црн биланс од ковид може да се намали за 4 до 11 пати со примена на протоколите за употреба на ивермектин, како што пренесовме уште на почетокот од ноември. Некаде во овој период, за ивермектинот погласно ќе почне да се зборува и кај нас. За употребата на ивермектинот, македонскиот реномиран лекар епидемиолог и универзитетски професор во пензија, д-р Драган Данаиловски, во своето интервју за порталот Стандард. ќе каже: „Во последно време се промовира антипаразитниот лек ивермектин, кој ги скратува и времето на хоспитализација и смртноста. На пример, Израел (но и други земји) се потпира на тој лек. Мислам дека и ние треба да му дадеме шанса, зашто, за разлика од ремдесивирот, кој мора да се дава во болнички услови, ивермектинот може да се зема и амбулантски.“ Истата препорака ќе ја повтори и неколку дена подоцна, во емисијата Јади Бурек на Јанко Илковски.
Kон крајот на месец ноември пристигнаа и анализи од студиите што го истражуваа ефектот од примената на конвалесцентна плазма како третман за ковид-19. Работите не изгледаа така блескаво и надежно; објективните резултати укажуваа на тоа дека примената на крвната плазма не е толку ефикасна како што дотогаш се чинеше и не спасува голем број човечки животи. Имено, укажуваа на тоа дека употребата на конвалесцентната плазма не е поврзана со намалување на прогресијата на ковид-19 кон потешка форма или стапката на смртност од сите причинители. Во меѓувреме, пак, излезе уште една студија којашто одеше во прилог на примената на протоколите со употреба на ивермектин во насока на спречување/намалување на страдањата и спасување животи.
Но, сите овие докази не беа доволни за отворено да се поддржи нашето агитирање и залагање за примена на протоколите со употреба на ивермектин во македонското здравство. При нашето агитирање честопати бевме исмевани, бележани како неедуцирани во соодветната област, недоволно информирани (?!), со еден збор игнорирани.
Ова полека почна да се менува на почетокот од овој месец, веднаш по јавниот истап на неколку видни доктори од САД кои апелираа за итна примена на ивермектин против ковид-19 во светот. Нивните барања изложени на прес-конференцијата беа поткрепени со 21 студија, клинички истражувања направени низ светот, болнички искуства од голем број земји во светот. Веста за ова барање во Македонија ја пренесовме први, а потоа срамежливо следеа и други, одвојувајќи по некој ред или споделување од изворот. По ова, работите почнаа да се помрднуваат. За употребата на ивермектинот зборуваше и микробиологот д-р Никола Пановски, кој во една своја изјава ќе каже: „Ова е навистина многу евтин лек, а тројца храбри американски научници веќе го вклучија во лекување од ковид-19. Клиничките студии покажуваат дека има ефект во сите фази. Оние што не се болни го пијат превентивно и не се разболуваат, оние што имале контакт исто така, болните со лесна клиничка слика, па дури е користен и кај пациенти што болнички се третираат. Значи во сите фази, студиите покажуваат дека има одличен ефект. Ивермектинот најмногу се користи на Истокот, во Индија, Бангладеш, и во Австралија. Јас веднаш би го вовел, па кај нас и онака народот сака да пие лекови, барем нека пие лек што има ефект, наместо антибиотиците кои се покажаа дека немаат ефект во борбата против вирусот.“
Се чини дека, конечно, нашите залагања, поткрепени и со зборовите на македонските видни лекари, допреа до вистинските уши, па Комисијата за заразни болести конечно даде мислење и барање за употреба на ивермектинот како лек за справување со ковид-19. Додека го читате овој текст, се очекува Агенцијата за лекови Малмед да го одобри ивермектинот за употреба во Македонија. Во таа насока се надеваме дека наскоро ќе бидат усвоени и ќе се применуваат протоколите за негова употреба не само во болнички услови, туку и за ран третман во домашни и амбулантски услови преку матичните лекари, како и за профилакса која според некои истражувања дава резултати во заштитата од ковид еднакви со оние на вакцините.