Рубрика: Медицина
Премногу докази, премногу индоленција и премногу непотребна смрт
Автор: Марјан Божиновски
Објавено на 15.11.2020 - 10:30

И така, додека СЗО и националните регулаторни тела на најразвиените држави, како FDA во САД, и огромното мнозинство лекари во светот ги игнорираат многубројните позитивни студии за ивермектин против ковид-19, додека во Македонија секојдневно, задушувајќи се, умираат по 25-30 луѓе, додека мнозинството македонски граѓани сѐ уште не можат да се соземат од екстатичната радост за епскиот национален успех на фудбалските херои кои гинеа на теренот за Македонија, вчера пристигна извештај за уште една голема рандомизирана студија за лекување и превентива од ковид-19. Резултатите се повеќе од позитивни.

Студијата сѐ уште не е рецензирана (peer-reviewed) и не е објавена во реномирано списание, но тоа не значи дека треба да ја отфрлиме и да ја игнорираме во време на масовно умирање од ковид-19. Да потсетиме дека уште од август објавуваме текстови со осврт на студии за лекување и профилакса, и анализи на потенцијалот на ивермектин да го сведе ковид-19 на ниво на грип и да ја намали смртноста за 4-11 пати.

Студијата е спроведена на 600 испитаници; 400 пациенти и 200 здравствени работници и домашни контакти кои биле поделени во 6 групи:

Група I: 100 пациенти со лесна / среднотешка клиничка слика со ковид-19 добиле 4-дневна терапија со ивермектин + стандардна терапија.

Стандардната терапија била иста за сите групи и опфаќала азитромицин, парацетамол, витамин Ц, цинк, лактоферин и ацетилцистеин. Плус, терапија за антикоагулација ако D-dimer > 1000.

Група II: 100 пациенти со лесна / среднотешка клиничка слика со ковид-19 добиле 5-дневна терапија со хидроксихлорокин плус стандардна терапија.

Група III: 100 пациенти со тешка клиничка слика со ковид-19 добиле 4-дневна терапија со ивермектин + стандардна терапија.

Група IV: 100 пациенти со тешка клиничка слика со ковид-19 добиле 9-дневна терапија со хидроксихлорокин плус стандардна терапија.

Група V: 100 здравствени работници и домашни контакти добиле профилактичка доза на ивермектин ‒ единечна доза првиот ден и уште една доза по 7 дена, како додаток на средствата за лична заштита (personal protective equipment - PPE).

Група VI: 100 здравствени работници и домашни контакти само со средства за лична заштита (personal protective equipment - PPE).

 

Резултатите се прикажани во табела 4 и табела 5 од извештајот.

Табела 4 покажува дека има значително статистички значајно подобрување и намалување на смртноста во групите третирани со ивермектин, во споредба со групите третирани со хидроксихлорокин (р-вредност <0,001).

Кај лесно до среднотешко болните, во ивермектинската група нема починати и состојбата се влошила само кај 1%, додека во групата со хидроксихлорокин процентот на починати е 4% и влошување на состојбата имало кај 22% од пациентите.

Кај тешко болните, во ивермектинската група починале 2% и состојбата се влошила кај 4%, додека во групата со хидроксихлорокин процентот на починати е 20% и влошување на состојбата имало кај 30% од пациентите.

Табела 5 покажува дека ивермектинот значително ја намалил стапката на инфекција кај здравствените работници и кај домашните контакти во споредба со групата што не примала ивермектин (2% vs. 10%; р-вредност <0,05).

Со оваа студија, ридот од докази за ефективноста на ивермектинската терапија, како за лекување така и за превентива, полека станува планина која, за жал, сѐ уште се игнорира од мејнстрим медицинската заедница, регулаторните тела и од СЗО.

Клучни зборови: