Употребата на јоден раствор (повидон-јод) и неговата делотворност во сузбивањето на постарите членови на семејството коронавируси, вирусите SARS и MERS е докажана во поранешни инвитро студии. Јодниот раствор кај нас се продава како Бетадин и го има во две варијанти – 1% антисептик за орална употреба (плакнење на устата и гаргара) и 10% раствор за надворешна употреба (за чистење рани).
Но, дали јодниот раствор е ефикасен и против новиот коронавирус SARS-CoV-2?
Инвитро студии за повидон-јод против COVID-19
Истражувачи од Универзитетот во Контектикат го потврдија “убиственото” дејство на јодниот раствор врз вирусот на ковид-19 во трудот објавен минатата недела во JAMA Otoralingology-Head&Neck Surgery. Според истражувањето презентирано во трудот, 0,5% јоден раствор го уништил вирусот SARS-Cov-2 во инвитро примероците за помалку од 15 секунди. За споредба, етанолот (70% алкохол) не успеал целосно да го деактивира вирусот за 15 секунди.
Во друга студија објавена во списанието Infectious Diseases and Therapy, истражувачите дошле до слични резултати – вирусот бил целосно деактивиран инвитро за 30 секунди.
Инвиво студии?
За среќа, веќе пристигна и првото истражување за ефектите на повидон-јод применет на луѓе позитивни на SARS-CoV-2. Така трудот поставен на почетокот од овој месец на претпринт серверот за медицински истражувања medRxiv ги презентира резултатите од третирањето со јоден раствор на мала група пациенти со ковид-19 во рана фаза, формално наречена прва фаза од ковид-19. Според појаснувањето во трудот, текот на болеста ковид-19 е поделен во 3 фази. Првата фаза е асимптоматска состојба во првите два дена од инфекцијата. Во втората фаза се развиваат лесни симптоми како температура и кашлица, а во третата фаза вирусот навлегува во белите дробови и се манифестира со потешки симптоми.
Според презентираниот заклучок, пациентите што ги плакнеле устата и грлото со јоден раствор (Бетадине) или со раствор од есенцијални масла со антисептичко дејство (конкретно Листерин, популарен раствор за орална хигиена) покажале тенденција за побрзо “чистење” на вирусот SARS-Cov-2 од нивниот организам. Имено, со употреба на растворот Бетадине за гаргара трипати дневно, пациентите со ковид-19 веќе четвртиот ден имале негативен резултат. Кај оние што употребувале Листерин, процентот е нешто помал но сепак е значителен. Имено, 80% од нив по само 6 дена имале негативен резултат. Сепак, се работи за мал примерок. Во секоја група имало по 5 испитаници.
До кои концентрации е безбедно да се користи раствор на јод за плакнење на устата/грлото и како спреј за нос?
Истите истражувачи од Универзитетот во Конектикат, САД, во студија објавена во јуни, во Ear, Nose & Throat Journal, направиле опширна систематска рецензија на литературата во врска со безбедноста на употребата на јодниот раствор. Имено, многубројните истражувања се свеле на заклучокот дека рaстворот од повидон-јод може безбедно да се користи со вбризгување во носот во концентрации до 1,25%, а во устата во концентрации до 2,5%, и тоа при последователна употреба до 5 месеци.
За крај, интересна е и споредбата на дејството на 3% хидроген пероксид, којшто често се употребува како антисептичко средство, со дејството на растворот од повидон-јод во едно инвитро истражување објавено во септември. Употребата на 3% хидроген немало никаков ефект врз SARS-CoV-2.
Дали треба да започнете со плакнење на устата и на носот со јоден раствор за да избегнете ковид-19?
Иако авторите на студијата објавена во ЈАМА Otoralingology-Head&Neck Surgery имаат позитивни искуства за дејството на Бетадине, сепак некои работи треба да останат во доменот на лекарската препорака. Имено, и покрај препораките за користење раствори во форма на назални средства за дезинфекција за пациентите на кои им претстојат интраназални процедури, како и за другите кои имаат потреба од некаков вид итна медицинска интервенција, а сè со цел да се намали ризикот од ширење на вирусот преку капки и аеросоли, сепак не се препорачува нивна самоиницијативна употреба. Истражувачите потенцираат дека медицинските професионалци можат да им посочат на пациентите кога и како да го користат растворот пред да дојдат во болница. Покрај тоа, истражувачите предупредуваат дека вбризгувањето јоден раствор во носот е најдобро да се прави под надзор на лекар специјалист.
На крај уште една НАПОМЕНА: како што е наведено во упатството, Бетадине не смее да се пие бидејќи може да биде токсичен!