или кога човекот прв пат одеше по Месечината
На денешен ден, пред точно 51 годинa, во 20 часот и 17 минути (UTC), вселенската мисија Аполо 11 беше крунисана со огромен успех. Двајцата патници сместени во месечевиот модул успешно стасаа на целта – Месечината. По серија маневри за слетување, во командниот центар на НАСА одекнаа зборовите што Нил Армстронг ги изговори од површината на друго небесно тело: „Орелот слета“.
По успешното слетување на месечевиот модул наречен „Орел“, двајцата астронаути го изедоа и првиот „месечев“ оброк, a нетрпеливата светска публика која го следеше директниот пренос од слетувањето на Месечината мораше да почека уште неколку часа за првиот чекор на човекот на Месечината.
Баз Олдрин го поздравува американското знаме поставено на површината на Месечината.
На 21 јули, точно во 2 часот и 56 минути според координираното универзално време (UTC), или во речиси 4 часот изутрината по македонско време, Нил Армстронг ја изговори познатата реченица: „Ова е мал чекор за човекот, но огромен скок за човештвото“, по што стапна на правливата површина на Mесечината. По него, својот прв чекор го направи и вториот астронаут, Едвин Баз Олдрин. Двајцата чекорeа по површината на Месечината цели 2 часа и 30 минути, при што собираа примероци, поставуваа научна опрема, правеа низа експерименти. По ова, следуваше не помалку опасниот пат назад кон Земјата – полетување, спојување со бродот во орбитата околу Месечината и успешно враќање дома.
Почетокот на програмата „Аполо“ беше најавен во говорот на тогашниот претседател Џон Кенеди пред американскиот Конгрес, на 25 мај 1961 година. Намерата беше испраќање луѓе на Месечината и нивно безбедно враќање на Земјата до крајот на деценијата. Говорот беше одржан само неколку недели по првиот американски суборбитален лет во вселената, а неговата цел беше остварена по само осум години.
Од 1969 до 1972 година, на Месечината слетаa вкупно шест мисии Аполо: 11, 12, 14, 15, 16 и 17, со вкупно дванаесет астронаути. Аполо 7 и 9 беа летови во Земјината орбита, Аполо 8 беше лет до Месечевата орбита, Аполо 10 беше проба за спуштање на Месечината, без слетување, а спуштањето на Аполо 13 беше откажано поради експлозија на резервоарот со кислород, но астронаутите преживеаја и затоа оваа мисија е наречена „успешен неуспех“.
Екипажот од мисијата Аполо 11 во карантинска изолација по успешното завршување на мисијата.
Многу кратко по слетувањето, се јавија и низа теории на заговор кои тврдеа дека се работи за филмска сцена снимена во студио, којашто ја режирал легендарниот Стенли Кјубрик ;-). Скептицизмот е убава работа, всушност тој се наоѓа и во основата на науката. Но, како што вели латинската поговорка: „Пред фактите и боговите молчат“. Некои од фактите се следните: направени се снимки од местото на првото слетување, за што пишувавме тука и тука. На нив јасно се гледаат стојниот трап на лунарниот модул и делови од опремата што астронаутите ја оставиле за научни експерименти, како и трагата од издувните гасови направена и останата при полетувањето назад кон Земјата. Овие артефакти можат да се видат и на снимката од Месечината во 4К резолуција која можете да ја погледнете тука. За сите останати тези и факти, може да се информирате во написот „Луѓе на месечината - лага или подвиг?“ објавен во ЕМИТЕР 9/2004, како и во „Аполо 11 и теориите на заговор“, објавен во ЕМИТЕР 4-6/2019.
По повод јубилејот од половина век, минатата година НАСА ТВ ги емитуваше оригиналните снимки од слетувањето на Месечината, во реално време како што се одвивал настанот во далечната 1969 година, кога Нил Армстронг во живо ѝ се обрати на целата Земјина топка, означувајќи го успехот како достигнување не само на една нација, туку како триумф на целото човештво. Овие реставрирани снимки можете да ги погледнете тука.
Екипажот од Аполо 11 на одбележувањето на 45 годишнината од слетувањето на Месечината.
По повод 50-годишниот јубилеј од првите луѓе на Месечината, ЕМИТЕР во бројот 4-6/2019 објави серија написи посветени на мисијата Аполо – Радан Митровиќ ги изложува деталите за Мисијата Аполо 11 и патот што требаше да се изоди за да се постигне овој успех, Благој Ќупев ги презентира компјутерските системи на Аполо коишто помогнаа за прецизно извршување на поставената патека и пристигнување на целта, Марјан Трајков пишува за макетите произлезени од мисиите Аполо, а Владимир Филевски ги анализира и ги разобличува многуте теории што го негираат човековото освојување на Месечината. За патот до Месечината како инспирација во научната фантастика може да прочитате во следниот број ЕМИТЕР 7-12/2019, каде што Јанко Илкоски ја раскажува приказната за првиот СФ-филм „Le Voyage Dans La Lune – Патување на Месечината“.
Во НАСА веќе подолго време постојат планови за враќање на човекот на Месечината и за остварување трајно човечко присуство на овој наш природен сателит. Мисијата на НАСА за обновено присуство на човекот на Месечината го носи името Артемида (Arthemis), сестра на Аполон во античката митологија. Со мисијата се планира слетување на Јужниот пол на Месечината, каде што во 2009 година беа откриени поголеми количини мраз, односно смрзната вода, којашто има потенцијал да се искористи за одржување на животот, но и како суровина за ракетно гориво.
Новата генерација астронаути на НАСА, презентирани оваа година во јануари, на чиишто плеќи ќе прадне товарот за повторно освојување на Месечината а можеби и на Марс.
Ова е од неизмерна важност бидејќи, за НАСА, враќањето на Месечината значи користење на овој природен сателит како отскочна штица кон следната мисија – стапнување на човекот на површината на Марс, потфат за којшто е предвидена временска рамка до 2030 година.