Рубрика: Астрономија и астронаутика
4K видеопрошетка по Месечината (ВИДЕО)
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 23.07.2018 - 13:30

Неодамна НАСА објави 4K видеоснимка од површината на Месечината. Иако и со денешните аматерски телескопи можат да се забележат неверојатно многу детали на Месечината, видеото ќе ви го одземе здивот. Направено е со помош на снимки добиени од сондата LRO (Lunar Reconnaissance Orbiter) во период од 9 години.

Гледајќи го видеото секој може да “прошета” над површината на Месечината и да ги набљудува нејзините најситни релјефни карактеристики.Снимката со право е наречена "виртуелна прошетка на Месечината". За виртуелната прошетка на Месечинта се избрани неколку локации кои даваат добар преглед на различните карактеристики на месечевото тло. Некои од локациите се на блиската страна и веќе им се познати на астрономите аматери, но има и снимки од делови од Месечината кои се видливи единствено од вселената. Снимката, всушност, е ажурирана верзија на видеото коешто НАСА го објави уште пред 7 години, во 2011 година. Старата снимка е дополнета со повеќе нови податоци коишто давааат уште поневеројатна и подетална слика на Месечината.

Во видеоснимката се вметнати и бои со коишто се нагласуваат важните податоци за релјефот, па така набљудувачот освен уживањето во глетката, добива и можност да научи нешто ново. Така на снимките од Месечината може да се види неверојатното 100 метарско издигнување во кратерот Тихо, а исто така и да се разгледа локацијата каде астронаутите од мисијата Аполо 17 во 1972 година поминаа цели 3 дена. На вторава локација јасно можат да се забележат основата од месечевиот модул и месечевиот ровер, кои на ова место стојат недопрени цели 46 години.

 

* За тие што не го владеат англискиот јазик, каналот нуди опција за автоматски, машински превод на видеото. Процедурата за вклучување е следна – кликнете врз иконата Settings, запченикот во долниот десен агол, и изберете ја опцијата Subtitles/CC. По ова изберете Auto-translate и од листата со понудени јазици изберете Macedonian.

Клучни зборови: