Рубрика: Автомобилска техника
20 клучни иновации кај автомобилот: 6. Автоматски менувач
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 03.07.2018 - 11:45

Автоматскиот менувач (преносник) кај автомобилите е исклучително вреден пронајдок за оние што сакаат да уживаат во возењето на својот автомобил, а во текот на возењето да не се заморуваат со менувањето брзини (степени на пренос) и тоа да трае сè додека трае возењето (за нив “вечно”). И за инвалидите, ова е многу корисен пронајдок оти со него се овозможува возењето на автомобилот и за оваа категорија наши сограѓани. Значи, седнува човек во автомобилот, го стартува моторот, го става изборникот од менувачот во “D” (вози) и толку! Потоа само се притиска педалот за забрзување (гас) или за одземање на гасот и кочење, сè додека трае возењето. Автоматиката на преносникот сè си прави сама потоа. Нема ништо полесно во смисла на возењето.

Во големите градски сообраќајни метежи автоматскиот менувач кој оди во пакет со хидродинамичката спојка (види на слика 1) е вистински спас за возачот од напорното возење во бесконечниот и излудувачки режим од типот “тргни-лази-застани”. Тука, едноставно, без автомобил со автоматски менувач не сe може. Автомобилот со класичен рачен (мануелен) менувач брзо ќе се упропасти во делот на трансмисијата (обичната фрикциска спојка и обичниот менувач).

Основата на еден автомобилски автоматски преносник е планетарен запчест слог (ако е еден, имаме три брзини) или неколку поврзани во серија (и до единаесет брзини, па и повеќе може да се постигнат) кај кои со помош на фрикциски спојки и/или кочници се анулира или се изедначува со друг ротациски елемент (запченик) вртењето на одреден запченик, при што автоматски тоа кочење или изедначување повлекува промена на преносниот однос. Овие спојки и кочници се погонувани од хидраулика при што хидрауличната запчеста пумпа е основниот извор на сила (притисок) на хидрауличното масло. Која спојка ќе реагира и кога, се донесува врз основа на електронски и механички параметри предизвикани од режимот на возење (момент на спојничкото вратило, број на вртежи, големина на центрифугална сила и притисок на хидрауличното масло), испорачани од бројните сензори и “обработени” од автоматиката (или во поново време од микроконтролерот).

Автоматскиот автомобилски менувач прв го конструирал канадскиот инженер за парни машини Алфред Хорнер Манро (Alfred Horner Munro), во далечната 1921 година. Дизајнот го патентирал во 1923 година, а во 1924 и 1927 година стекнал патент во Велика Британија и во САД за својот пронајдок. Како погон за автоматиката користел компримиран воздух. Потоа двајца бразилски инженери во 1932 година развија автоматика на менувачот погонувана од хидраулично масло и тој патент го продале на Генерал моторс во 1940 година. Од овој момент, па сè до денес веќе е историја за која имам пишувано и во други пригоди во ЕМИТЕР. (“Менувач - склоп кој му дава сјај на моторот” – Емитер 1/2003, “Автоматски менувач” – Емитер 6/2003, “Класичен современ автоматски менувач” – Емитер 10/2010, “Роботизиран механички менувач” – Емитер 11/2010, “DSG менувачи” – Емитер 12/2010, “Современ автоматски варијабилен менувач” – Емитер 1/2011)

Но автоматскиот менувач има и една мана, а тоа е што предизвикува нешто поголема потрошувачка на гориво. Исто така, не е погоден за тркачките автомобили, затоа што не го нуди максимумот во цедењето на снагата (силината) на моторот – финеса која е најзначајна во одлучувањето на победникот. Со еден збор: автоматскиот менувач е погоден за оние кои сакаат да уживаат во лежерното возење, да возат со минимум напор, а е крајно непогоден за возачите со спортски и немирен дух.

Клучни зборови:
Рендгенска снимка на еден современ автомобилски автоматски преносник

Слика 1: Рендгенска снимка на еден единаесетстепен современ автомобилски автоматски преносник, опремен со главна хидродинамичка спојка.

Надворешен изглед на стандарден автоматски менувач

Слика 2: Надворешен изглед на стандарден автоматски менувач.