Хиперактивност, слаба концентрација, импулсивност: ова се некои од типичните показатели за нарушувањето хиперактивност со недостаток на внимание, познато и по кратенката АДХД (Attention-deficit/hyperactivity disorder). АДХД денес се перцепира како негативна особина, а во многу околности лицата што ја поседуваат се во неповолна положба. Но, тоа не било секогаш така, се тврди во една студија објавена неодамна во Proceedings of The Royal Society B. Имено, студијата гледа на распространетоста на АДХД како на карактеристика што се развила еволутивно за да овозможи одредена адаптибилна предност. Поконкретно, се чини дека истите овие однесувања помагале во потрагата по храна кога нашите предци одејќи поминувале огромни пространства.