Рубрика: Астрономија и астронаутика
Транзитот на МВС уловен со телескопите на Скопското Астрономско Друштво
Објавено на 27.07.2025 - 21:45

Минатата сабота имавме навистина интересен настан, премин на Меѓународната вселенска станица (ISS) преку дискот на Сонцето.Членови на Скопското Астрономско Друштво се позиционираа со четири телескопи кај старата бензинска пумпа спроти некогашната фабрика Стаклара во Скопје и успеаја да го овековечат овој настан со одлични астрофотографии.

Tранзитот на Меѓународната вселенска станица пред дискот на Сонцето што беше видлив од Скопје на 19 јули, не беше специфичен поради големината на транзитот, туку затоа што се случи во доцните попладневни часови. ISS се наоѓаше на оддалеченост од 1322 километри од нас кога помина пред Сонцето.

За настанот знаевме со денови однапред и внимателно се подготвувавме да го фотографираме. Конечно, неколку часа пред транзитот се одлучивме каде точно ќе ги поставиме телескопите. Четворица ентузијасти, Мартин Стојановски, Боби Кузмановски, Христијан Петрески и јас, се сретнавме таму, направивме краток договор околу позициите и веднаш започнавме со поставување на опремата”, вели Радан Митровиќ.

На два од телескопите Celestron-C8 и Celestron-C11 се фотографираше со намонтиран соларен филтер (Bader-филтер), еден телескоп беше Lunt – специјализиран телескоп наменет за набљудување и фотографирање на короната на Сонцето, додека еден стар телескоп се користеше за проекција на Сонцето на екран.

При фотографирањето на МВС тајмингот е мoшне битен со оглед на тоа што самиот прелет не трае повеќе од 1 до 2 секунди, па грешката од една секунда значи дека нема да се види а воедно и фотографира ништо.

За да не направиме пропуст и да го промашиме транзитот, денес имавме и професионален одбројувач – Радан, кој требаше да започне со одбројување на секундите нешто пред да се случи преминот. Радан убеден дека транзитот е во 18:44:25 почна со одбројувањето во 18:44:08. А кога дојде времето за сликање направивме слики од Сонцето без МВС”, – Боби Кузмановски ги споделува детаљите на фејсбук. “Малку збунети од тоа што се случи, помисливме дека МВС има направено мала корекција на орбитата и дека не помина каде што беше планирано. Тогаш ми текна и викнав да пробаме во 45:25. Jас во 18:45:22 започнав нова серија фотографии. Три секунди подоцна во окуларот на камерата ја видов МВС како се движи пред Сонцето.

Транзитот на МВС снимен од Боби Кузмановски

Транзитот траеше околу 2,5 секунди, а на видеото во прилог тој се забележува како бледа темна точка што минува низ целиот дијаметар на Сонцето.

За разлика од Мартин и Боби, кои Сонцето го фотографираа во видливиот дел од спектарот со Baader филтер, каде што јасно се гледаат дамките на Сонцето, Христијан фотографирал со специјализиран телескоп (Lunt) за набљудување и фотографирање на Сонцето кој пропушта само бранова должина на водород. Со овој тип телескоп на можат да се забележат и структури на Сонцето, како што се протуберанциите и зовриената површина.

Фотографии направени од Христијан Петрески при два различни транзита на МВС

На овие две фотографии може да се видат два различни случаи на транзит на МВС преку Сонцето. На првата фотографија транзитот е снимен минатата сабота, кога МВС беше оддалечена околу 1300 километри од нас, па нејзиниот аголен пречник е мал, околу 21 аголна секунда. На втората фотографија, направена пред еден месец, МВС е на оддалеченост од околу 400 километри, па нејзиниот аголен пречник е трипати поголем, околу 64 аголни секунди. Тој транзит е фотографиран околу пладне, кога Сонцето е највисоко на небото во текот на годината, односно во време блиску до летната краткоденица.

Сѐ на сѐ, извонредна акција во која со три телескопа се направени одлични астрофотографии од транзитот на МВС преку дискот на Сонцето.

Клучни зборови: