На 9 август 2025 година, на празникот „Св. Климент Летен“, во Куќата на Уранија на МАНУ во Охрид, ќе биде свечено врачена Светската награда за хуманизам на проф. д-р Светлана Мојсов — истакната научничка од областа на биохемијата и ендокринологијата, родена во Скопје, а денес професор на Универзитетот „Рокфелер“ во Њујорк. Ова признание, кое го доделува Охридската академија на хуманизмот, го слави името на Св. Климент на сите светски меридијани и ја вбројува Мојсов меѓу добитниците како Александaр Солжењицин, Херта Милер, Даисаку Икеда, Рави Шанкар и Романо Проди.
Светлана Мојсов е родена во 1947 година во Скопје, каде ги направила првите чекори во науката. Нејзината академска патека ја води преку Универзитетот „Рокфелер“ во САД, каде што се афирмира како водечки истражувач во областа на структурната биохемија. Нејзините откритија во молекуларната архитектура на хормоните и рецепторите доведоа до развој на нова генерација лекови за дијабетес и дебелина, со што не само што го прошири научното знаење, туку и директно придонесе за подобрување на здравјето на милиони луѓе ширум светот.
Во писмото до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш, Мојсов изрази длабока благодарност, нагласувајќи дека наградата има и емотивен контекст, бидејќи доаѓа од нејзината матична земја. „Особена чест е да се приклучам кон меѓународната плејада добитници кои ѝ дадоа глобален респект на оваа награда,“ напиша таа.
Свеченоста ќе биде проследена со посета на локацијата каде треба да биде поставено спомен-обележје на светскиот хуманизам, дело на бугарскиот уметник Светлин Русев и македонскиот скулптор Жарко Башески. На монументот ќе бидат врежани имињата на сите досегашни лауреати, а со неговото откривање, Охрид ќе биде прогласен за „Центар на светскиот хуманизам“. На настанот ќе присуствуваат претставници и градоначалници од збратимените градови на Охрид од Европа и градовите по покровителство на УНЕСКО, како и академици, културни дејци и добитници од претходни години, меѓу кои и Романо Проди, Жан-Патрик Конрад, Фабрис Далмеида, Ахмад Алџарван и Владимир Поповски. Наградата ќе ја врачи градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, а свечени обраќања ќе имаат академик Живко Попов, амбасадорот Плевнеш и самата лауреатка, која ќе ја изговори својата беседа на благодарност.
Овој настан, поддржан од Министерството за култура и туризам и Општина Охрид, не само што ја слави научната извонредност, туку и ја потврдува духовната мисија на Охрид како град на светскиот хуманизам, во чие наследство се вградени темелите на европската цивилизација.