Меѓу луѓето често пати се спомнува зборот промаја во смисол дека таа им пречи, ги боли глава од неа, а некои велат и “ме уби промаја“. Притоа, бараат да се затвори некој прозорец или врата. Но, промајата има и позитивни страни бидејќи со неа се подобрува квалитетот на воздухот во просториите...
Меѓу луѓето често пати се спомнува зборот промаја во смисол дека таа им пречи, ги боли глава од неа, а некои велат и “ме уби промаја“. Притоа, бараат да се затвори некој прозорец или врата.
Промаја е струење на воздухот во просторијата при отворени прозорци (и врати) што се наоѓаат на спротивни страни, а се јавува заради разлики во притисоците и температурите надвор и внатре. При струењето на воздухот врз површината (кожата) на човечкото тело се предава топлина од тој дел на телото кон воздухот бидејќи човечкиот организам има температура од 37ºС, а воздухот има пониска температура и во зима и во лето. Оддавањето на топлина е поголемо ако брзината на воздухот е поголема и ако температурата на воздухот е пониска.
Потењето кај луѓето е нормална појава и притоа површината на кожата е влажна. При струење на воздухот врз влажна површина предавањето на топлина е поинтензивно бидејќи воздухот одзема добар дел од влагата во парна состојба која во себе има латентна (скриена) топлина. Може да се каже дека кога кожата е влажна, има поинтензивно ладење на истата, односно промајата делува поинтензивно.
При поголема физичка активност на човекот настанува поинтензивно потење така што кошулата или маицата стануваат влажни и тогаш има поинтензивно предавање на топлина од површината на телото и може да дојде до настинување на човечкиот организам. Затоа, во вакви случаи се препорачува прсоблекување, односно замена на влажната облека со сува.
Значи, промајата лади дел од површината (кожата) на телото. Но на тој начин крвните садови во тој дел се стеснуваат, а протокот на крв се намалува. Тоа предизвикува промени во мускулите и реакции на некои нерви. Кај човечкиот организам тоа предизвикува вкочанетост и болки во вратот и грбот, како и главоболки.
Струење на воздух во просторија (промаја) може да се создаде и на вештачки начин преку систем за вентилација, со користење на клима уреди и со собни вентилатори. Се препорачува брзината на струење на воздухот во просториите да биде максимум до 0,15 m/s за да нема штетно влијание врз човечкиот организам.
Влијанието на промајата е различно кај луѓето. Тоа треба да се гледа индивидуално, кај некои е поголемо, а кај други е помало. Оние што имаат слаба периферна циркулација на крв се почувствителни и кај нив се јавуваат болки почесто и со појак интензитет. Во тој поглед, кај постарите лица ова влијание е поголемо.
При изложеност на лицевиот мускул на промаја може да се појави и парализа на лицевиот нерв, односно пареза на лицето. На пример, ноќе при спиење, изложеност и на слаба промаја во траење од неколку часа. Парезата се манифестира со вкочанета една половина од лицето, искривена уста, спуштен очен капак и др.
Но, промајата има и позитивни страни бидејќи со неа се подобрува квалитетот на воздухот во просториите. Ако просторијата е затворена и топла, полна со јаглерод диоксид (од дишење на луѓе), тоа им одговара на микроорганизмите и тогаш тие се размножуваат, а тоа може да биде причина за некоја болест. Со создавање на промаја со отворање прозорци (и врати) се исфрлува загадениот воздух, а влегува (свеж) надворешен воздух со повеќе кислород со што се добива поздрава средина за човечкиот организам. Со други зборови, со промајата се врши вентилирање на просторијата.
Некои научници тврдат дека воздухот во затворен простор е далеку позагаден од надворешниот воздух. Ова може да биде проблематично за луѓето, бидејќи тие поминуваат околу 90 проценти од своето време во затворен простор, дома и/или на работа.
При вентилирање на просториите, се препорачува лицата да не бидат директно изложени на струење на воздухот (т.е. на промаја) или тоа да биде за многу кратко време. Вентилирањето може да се прави неколку пати во текот на денот.
Заради штедење на енергија, во лето се препорачува вентилирањето да се прави кога е надвор посвежо, а тоа е ноќе и наутро. Во зимскиот период тоа се прави преку ден кога надвор има повисока температура на воздухот.
Ноќе кога човекот спие, може да се остави отворен прозорец (или прозорци) само на една страна од собата, а не друг прозорец на спротивната страна. Кога е отворен само еден прозорец (или врата), струењето на воздухот е мало и тоа не предизвикува оддавање на топлина од површината на телото.
Промајата не се гледа, а ако е слаба, не се ни чувствува. Но по некое време може да се покаже некој проблем во вашето тело.
Може да се заклучи дека промајата може да биде штетна и корисна. Тоа зависи од нас како манипулираме со отворање на прозорци и врати, во кое време во текот на денот, директна изложеност на струењето на воздухот итн.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
ашински факултет - Скопје
7.8.2025