Во денешниот времеплов ги славиме родендените на познатиот марокански научник и патеписец Ибн Батута, на астрономот Брајан Шмит, и на иноваторот од областа на информатиката Стив Џобс. Покрај ова го одбелеуваме и денот кога е донесет декретот со кој се менува корекција во календарот и тој ја добива формата што ја користиме денес. На денешен ден Јукихиро Мац Мацумото започна да работи на програмскиот јазик Руби ...
24.2.1304 – Роден е Ибн Батута
Познатиот муслимански берберски марокански научник, патеписец и истражувач Ибн Батута (Ibn Battuta) е роден на денешен ден во 1304 година. Го пропатувал речиси целиот средновековен свет. Во текот на три децении, Ибн Батута ги посетил повеќето исламски земји, како и многу немуслимански земји, вклучувајќи ја и средна Азија, југоисточна Азија, Индија и Кина – значи целиот познат свет во тоа време. Пред крајот на својот живот ги диктирал своите сеќавања од патувањата, и така настанала прочуената книга “Подарок за оние кои размислуваат за необичните градови и необичните патувања“. (Т. С.)
24.2.1967 – Роден е Брајан Шмит
Брајан Шмит (Brian Schmidt) е американско-австралиски астроном, познат како еден од научниците што откри дека ширењето универзумот се одвива акцелерациски. Претходните теории сметаа дека ширењето на универзумот се забавува, па тимот на Шмит се нафатил да ја мери стапката на забавување со мерење на црвеното поместување на Тип 1а супернова експлозиите. Мерењата ќе покажат дека ширењето на универзумот не забавува, напротив. Па така во следните неколку недели тимот ќе се обиде да пронајде грешка во нивните мерења и пресметки. Кога сите работи ќе бидат неколкукратно проверени и ќе се уверат дека во постапката нема никаква грешка, тие ќе го објават трудот со резултатите од истражувањата заедно со Адам Рајс.
Истовремено уште еден тим, независно од нив, под водство на Сол Перлмутер ќе ја открие истата работа при набљудувањето на супернова. Откритието за забрзаното ширење на универзумот, на сите тројца научници ќе им ја донесе Нобеловата награда за физика во 2011 година.
Повеќе на оваа тема може да прочитате во “Ширењето на универзумот навистина се забрзува” (Емитер 9/2011), “Стапката на акцелерациската експанзија на универзумот” (Емитер 10/2011), “Нобеловата награда за физика 2011” (Емитер 1/2012), ”Ја измеривме стапката на експлозиите на супернова во раниот универзум преку гравитациски телескоп” (Емитер 9-10/2016), “Нов метод за утврдување на стапката на експанзија на универзумот” (Емитер 1-3/2019). (Н. С.)
24.2.1582 – Донесен декрет за примена на грегоријанскиот календар
Папата Гргур (Gregorius) XII ги коригираше грешките од јулијанскиот календар преку носење одлука за прескокнување на 10 дена во октомври. Имено со декретот Inter Gravissimas, меѓу другото, се уредува дека истата 1582 година, по 4 октомври ќе следува датумот 15 октомври. Со втор декрет било уредено и додавањето на 1 ден во престапните години.
Во тоа време кога религијата и дрежавата имаа тесна соработка, новиот грегоријански календар беше прифатен од земјите коишто имаа доминантна католичка вериосповед, а постепено неговата примена се прошири и помеѓу другите нации и земји. Поопширно за грегоријанскиот календар ЕМИТЕР пишуваше во Емитер 7-8/2008 – “Календарите низ историјата на човештвото (3): Грегоријански календар”. (Н. С.)
24.2.1955 – Роден е Стив Џобс
За Стив Џобс, ко-оснувачот на Apple веќе нема што не е напишано. Покрај тоа што бил соосновач и директор на Епл, во периодот од 1986 до 2006 година, Џобс бил директор на студиото за анимирани филмови Пиксар, а откако во 2006 година Дизни го купи Пиксар година, бил и еден од членовите на акционерскиот одбор на Дизни.
Ликот и однесувањето на Џобс допринеле кон создавањето на митот за невообичаени ексцентрици и бизнисмени од Силициумската долина. Тој се залагал за промовирање на значењето на дизајнот и естетиката кога станува збор за креирање на продукти. Неговиот елан за развивање на продукти кои се функционални, но истворемено и елегантни, допринесе за создавањето на култни следбеници на неговиот лик и дело.
Кон крајот на 70-тите години од минатиот век, Стив Џобс и Стив Возниак помогнаа во популаризирањето на персоналниот компјутер. Во раните ‘80, Џобс меѓу првите го сфаќа потенцијалот на графичките оперативни системи контролирани со помош на компјутерскo глувче. Откако Џобс бил протеран од акционерскиот одбор на Епл во 1985 година, тој ја основа компанијата Некст која се бави со развој на компјутерски системи наменети за образовните и деловните пазари. Во 1997 година, Епл го купува Некст и Стив Џобс повторно е назначен за директор на Епл, функција која ја држеше сè до август 2011 кога поради здравствени причини поднесе оставка. Џобс почина на 5 октомври 2011 година од рак на панкреасот.
Останува да го одбележиме денешиот ден, неговиот роденден, иако за жал веќе не е со нас. (З. И./ Н.С.)
24.2.1993 – Јапонскиот програмер Јукихиро Мац Матсумото започна да работи на програмскиот јазик Руби
Програмскиот јазик Руби беше претставен во јавноста во 1995 година. Руби е интерпретиран јазик, насочен кон објектно-ориентирано програмирање, кој комбинира синтакса инспирирана од Перл со карактеристики објектно-ориентирани кон Smalltalk. Руби е специјално дизајниран да биде поедноставен од Перл и повеќе ориентиран кон објекти од Python. Неговата главна имплементација е во бесплатниот софтвер дистрибуиран под лиценца со отворен код. Од своето постоење во 1995 година, Руби привлече посветени програмери низ целиот свет. Во 2006 година, Руби постигна масовно прифаќање. Со активни групи на корисници формирани во најголемите градови во светот и многу конференции посветени на Руби исполнети со голем капацитет.
Ruby-Talk, примарен мејлинг-список за дискусија на јазикот на Ruby, се искачи на просек од 200 пораки дневно во 2006 година. Во последните години се намалил, бидејќи големината на заедницата ја турка дискусијата од една централна листа во многу помали групи. Руби е рангиран меѓу првите 10 на повеќето индекси што го мерат растот и популарноста на програмските јазици ширум светот (како што е индексот ТИОБЕ). Голем дел од растот се припишува на популарноста на софтверот напишан во Руби, особено веб-рамката Ruby on Rails.
Руби бил исто така целосно бесплатен – за употреба, копирање, модификација и за дистрибуција. (И. З.)