Емитер 1/2012.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Оваа година Нобеловата награда за физика му припадна на важно откритие од областа на космологијата: забрзаното ширење на Универзумот. Ќе се обидам да го опишам ова откритие преку личното искуство, со тоа што присуствував на различните активности на Нобеловата недела, а и со тоа што мојата работа околу докторскиот труд е тесно поврзана со истата тема.
Нобеловата награда е основана од пронаоѓачот на динамитот, шведскиот физичар Алфред Нобел (1833 - 1896) за најголеми достигања во областа на физиката, хемијата, медицината, книжевноста, мирот и економијата. Со исклучок на наградата за мир, Нобеловите награди се врачуваат во Стокхолм на годишната церемонија која се одржува на 10 декември, годишнина од смртта на Алфред Нобел. Оваа година го имав задоволството да присуствувам на церемонијата за доделување на Нобеловите награди. Да се присуствува на оваа церемонија е голема чест бидејќи сите гости се поканети лично од страна на Нобеловата фондација и нема билети на продажба за пошироката јавност. На 8-ми декември секоја година, на Универзитетот во Стокхолм, Нобеловците ги држат познатите Нобелови предавања кои се достапни за сите.
Оваа година, половина од Нобеловата награда за физика ја доби Сол Перлмутер – основач на Supernova Cosmology project, додека пак другата половина од наградата им припадна на Брајан Шмит и Адам Рис од тимот на High-z Supernova Search.
На 12 декември, добитниците на Нобеловата награда за физика и хемија го посетија Универзитетот на Стокхолм каде што имав прилика да ги сретнам.
Мојот професор Ариел Губар од Стокхолм е дел од тимот којшто го издаде едниот од двата труда за кои беше доделена Нобеловата награда. Во почетокот на 1990-тите тој работел како пост-докторанд во лабораторија на "Беркли", САД, каде што се запознал со Сол Перлмутер. Заедно тие скицираат како да го спроведат истражувањето за суперновите. Соработката продолжува, и Сол Перлмутер во текот на следните години е чест посетител на Стокхолм.
Тоа што јас го работам моментално во склоп на докторатот на некој начин претставува продолжение на откритието дека Универзумот се шири забрзано. Следниот чекор е да се истражува Вселената на сè поголеми растојанија, но иако суперновите се многу светли, сепак сме ограничени во тоа колку далечни супернови можеме да откриеме со сегашната генерација на телескопи. Но, оваа граница може да биде проширена со мала помош од гравитацијата.
Тимот, од кој и јас сум дел, сега е составен од Ариел Губар и Раман Аманулах од универзитетот во Стокхолм, и моментално спроведуваме испитување со користење на податоците од Nordic Optic Telescope на Канарските острови, со други зборови, бараме далечни супернови со користење на различни масивни галактички јата како леќа.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 1/2012. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.