Рубрика: Физика
Мојата физика и видео експериментите
Автор: Оливер Зајков
Објавено на 20.03.2020 - 17:45

И покрај контрадикторните мислења и резултати за примената на ИКТ во наставата, сепак таа треба да се прифати како реалност. Идејата за ресурсен центар за наставата по физика почна да се реализира на блогот mojatafizika.blogspot.com. Во моментов тој содржи само видео експерименти со кои може да се набљудуваат некои физички појави, но и да се мери и да се добиваат експериментални резултати. Овие експерименти можат да се применуваат за приод во наставата познат под името превртена училница.

ИКТ и видеоекспериментите во наставата по физика

Секое лошо за некое добро. Ситуацијата со пандемијата поттикна некои работи кои одамна требаше да се направат. Но да почнеме од почеток.

Примената на ИКТ (Информациско-комуникациска технологија) во наставата предизвикува многу дебати и многу контрадикторни мислења, но и многу различни резултати од научните истражувања. Едни велат дека ИКТ ги затупува децата, не ги поттикнува да читаат и учат, дека тоа е виртуелен свет итн. Од друга страна други автори тврдат дека ИКТ ги учи учениците на посебен начин на размислување, дека го скратува времето на учење, растоварува дел од работната меморија на учениците и така им овозможува повеќе да се фокусираат на суштината на појавата. Како и да е, ИКТ не може да се игнорира. Тоа е реалност која е дел од секојдневниот живот, а образованието е дел од тој живот.

Како некоја врска помеѓу ИКТ и реалните експерименти се појави идејата да направиме една серија од видео клипови, на кои ќе бидат снимени реални експерименти и лабораториски демонстрации од физика. Причини за вакво нешто има повеќе, но една од најглавните причини беше тоа што нашите училишта не се опремени со лабораториска опрема. На тој начин учениците се ставени во ситуација да изучуваат теоретски наука која во основа е експериментална. Тоа е слично на учење пливање без вода.

Кога ќе се каже видео клипови, првата асоцијација, а можеби и единствена, е дека тоа е видео на кое може да се гледа некоја физичка појава. Тоа е само еден аспект на оваа идеја. С’ржта на оваа идеја е да се направат видео експерименти, а тоа значи видео клипови кои ќе може да се користат за мерење. Тие не се симулации и не се интерактивни видеа, но еден добар дел од експериментите се снимени така да од нив може да се читаат и собираат експериментални резултати, кои подоцна учениците ќе можат да ги обработуваат и анализираат, па оттука да откриваат нови знаења, релации и закони. Видео клиповите од кои не може да се собираат експериментални нумерички резултати се направени така да ги водат учениците низ една постапка на анализа и размислување за појавата и за концептите кои се појавуваат во неа.

Видео експериментите се некаде на средина помеѓу виртуелни експерименти-симулации и видео клипови. Секој вид експериментирање – реални експерименти со реални апарати и уреди, виртуелни експерименти со компјутери и смарт уреди и видео експерименти со обични видео клипови – имаат свои предности и недостатоци. Најголемата предност на видео експериментите е тоа што тие воопшто не ги оптоваруваат учениците со технички проблеми, не им одземаат време за подготовка, не постои опасност од неуспех на експериментот, нема ризик од дефект, експериментот може да се изведе неброено пати и најголемата предност е што учениците можат да експериментираат дома.

Во методиката постои пристап кој се вика превртена училница или превртено учење (flipped learning). Овие видео експерименти, заедно со вритуелните експерименти – симулациите – овозможуваат реализација на превртено учење физика во нејзината најосновна и најкарактеристична смисла, а тоа е низ експериментално истражување и низ откривање на законите. Учениците можат да добијат задача да истражат некоја појава низ видео експерименти или симулации, да извршат мерења и подоцна резултатите да ги дискутираат со соучениците и наставникот.

 

Блогот Мојата физика

Во моментов блогот mojatafizika.blogspot.com содржи 38 експерименти, кои се организирани во групи според областите и тоа: 17 од механика, 7 од хидромеханика, 1 од топлина, 2 од електростатика, 3 од електрична струја, 6 од електромагнетизам и 2 од бранови. Сите се снимени во Лабораторијата за методика на школско експериментирање на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Еден дел од нив се снимени од тимот на Лабораторијата, проф. д-р Оливер Зајков и лаборантот Јордан Бужаров и постирани се на Youtube, а друг дел се снимени од тимот на Wikimedia (Wikipedia), каде што се постирани. Овие клипови се искористени од повеќе автори, кои постирале написи на Wikipedia како илустрација на појавата или законот кој го опишувале.

Дел од експериментите имаат коментари и насоки за обработка на податоците, како што е во примерот на рамномерно праволиниско движење:

Некои експерименти имаат дополнителен коментар со линкови кон други видео клипови за дополнителни активности, како што е примерот на експериментот за испитување на силата на триење:

И покрај тоа што дел од експериментите се само за набљудување на појавата, наставникот може да поттикне дискусија помеѓу учениците, како што е примерот на Валтенхофеново нишало или на Ленцовото правило:

На блогот е објавена работната верзија. Идејата на авторите е овој блог да биде ресурсен центар за наставата по физика, како за учениците, така и за наставниците. Планирано е во првата фаза да се постават сите видео експерименти кои се потребни за да се реализира наставата по физика за основно и средно образование. Во втората фаза, видео експериментите ќе бидат надградени со дополнителни објаснувања на појавите и законите кои ги опишуваат. Во третата фаза ќе бидат поставени дополнителни материјали за учење, кои ќе им помогнат на наставниците да ја организираат наставата, а на учениците полесно и подобро да ја разберат физиката, како што се power point презентации, оперативни планови, идеи за активности и слично. Исто така постои идеја и за објавување на видеа со цели предавања.

Авторите се надеваат дека овој блог никогаш нема да престане со надградување и дека тој ќе се развие во ресурсен центар кој ќе расте согласно потребите на учениците и наставниците и ќе се менува согласно новините во методиката и во физиката.

д-р Оливер Зајков

Клучни зборови: