Рубрика: Омнибус
Што може да очекуваме на научен план во Новата 2024 година
Објавено на 03.01.2024 - 14:15

Иако многу аспекти од 2024 година засега се сè уште непознати, она на што можеме да се радуваме е многуте научни проекти и истражувања што треба да се случат или финишираат оваа година, имајќи предвид дека веќе подолго време се крчкаат. Како што нѐ потсети написот објавен кон крајот на декември во Nature, следниве 12-те месеци треба да донесат важен развој за науката, особено во доменот на вселенските истражувања, вештачката интелигенција, физиката и здравјето.

Најочекувани вселенски мисии за 2024-та

Најочекуваниот настан е закажан за месец ноември – лансирање на мисијата Артемида II. Вселенската капсула Орион треба  да однесе четворица астронаути, тројца мажи и една жена, на десетдневно патување околу Месечината. Ова треба да биде прво лансирање на мисија со човечки екипаж до Месечината по повеќе од 40 години. Настанот ќе претставува генерална проба пред следната мисија, Артемида III, со која во 2025 година за првпат на површината на Месечината ќе зачекорат и една жена и маж со црна боја на кожата.

Оваа година се очекува и лансирање на кинеската лунарна мисија без човечки екипаж Chang'e-6, која треба да биде прва што сонда што ќе собере примероци од карпи од далечната страна на Месечината (за кинеската месечева програма повеќе тука, тука, тука, тука и тука). Во октомври се очекува и лансирањето на сондата Клипер на НАСА, која ќе замине на пат кон една друга месечина – Европа, сателитот на Јупитер. Оваа година се очекува и јапонската мисија за истражување на месечините на Марс (MMX) да ги посети месечините на Фобос и Деимос, по што и ќе слета на првата.

 

Развој на вештачката интелигенција

Во 2024 година нè очекува објавувањето на GPT-5, новата генерација на чет-ботови од семејството ChatGPT на OpenAI и неговиот конкиурент Gemini на Google. Ови чет-ботови се замислени како мултимодални, односно работат со различни видови информации, вклучувајќи текст, код, аудио, видео и слики. Ќе има и нова верзија на AlphaFold, вештачката интелигенција на Google DeepMind специјализирана за предвидување на тридимензионалната форма на протеините и која би можела да отвори нови можности на полето на откривање лекови. Новите меѓународни правила за вештачката интелигенција издадени од Соединетите држави, исто така, треба да бидат финализирани кон средината на годината, откако минатата година ЕУ веќе постигна договор за одреден вид регулација на ова поле со Законот за вештачка интелигенција

 

Со биоинженеринг против заразни болести

Комарци од видот Aedes aegypti заразени со специфичен вид на бактерија Wolbachia, која го спречува преносот на вируси и ги загрозува репродуктивните способности на инсектот, масовно ќе бидат ослободени во Бразил за да се сузбие ширењето на болестите што ги пренесуваат комарците како денга и зика, сè со цел да заштитат 70 милиони луѓе. Иницијативата Светска програма за комарци ќе биде збогатена во 2024 година со отворање на “фабрика” за биоинженеринг на комарци, а крајна цел е пуштање “во оптек” на пет милијарди заразени комарци секоја година во наредната деценија.

 

Интраназални вакцини

Следната генерација на вакцини против КОВИД веројатно ќе биде интраназална, со оглед на предностите што се чини дека ги носи борбата против коронавирусот SARS-CoV-2 директно во горниот респираторен тракт. Две од овие вакцини ќе го поминат најголемиот дел од процесот на тестирање во Соединетите држави во 2024 година. Во најоптимистичкото сценарио тие би можеле да бидат подготвени до крајот на 2024 година. Во мај 2024 година, СЗО треба да објави и нацрт на Договорот за пандемијата, меѓународен договор што би требало да овозможи светот да биде подобро подготвен за следната пандемија и да обезбеди поправедно управување со ресурсите, почнувајќи од вакцините.

 

Очи полни ѕвезди

Кон крајот на 2024 година, со работа треба да започне опсерваторијата Вера Рубин во Чиле. Се работи за телескоп со огледало од 8,4 метри и камера од 3200 мегапиксели, кој во наредните десет години треба да го истражува целиот небесен свод над јужната хемисфера. Дизајниран е да го набљудува „динамичниот“ универзум. Ќе прави филмови за децениската еволуција на ѕвездите, галаксиите, јата и астероидите, додека тие се менуваат од ноќ во ноќ. Исто така во Чиле, во пустината Атакама, кон средината на 2024-та ќе биде завршена и опсерваторијата Симонс – ловец на исконските гравитациски бранови во заднинското космичко зрачење.

 

“Расветлување” на темната материја

Оваа година се очекуваат и резултатите од еден важен експеримент за аксионите, кои се меѓу главните кандидати за улогата на компоненти во темната материја. Се работи за честички што се создадени во екстремни средини, какви што се јадрата на ѕвездите, вклучувајќи го тука и нашето Сонце. Експериментот BabyIAXO на германскиот електронски синхротрон во Хамбург има за цел да го долови моментот кога аксионите се претвораат во фотони во Сонцето. 2024 година може да биде и годината во која конечно ќе ја одредиме масата на неутриното, најмистериозната честичка во Стандардниот модел на физиката.

 

Во одбрана на планетата

Во втората половина на 2024 година, Судот на правдата во Хаг треба да донесе одлука за законските обврски на државите во борбата против климатските промени и за последиците за оние кои не ја почитуваат оваа должност. Оваа година се очекува да завршат и преговорите во Обединетите нации за глобален договор околу борбата против загадувањето со пластика.

 

Како настанува свеста

Кон крајот на оваа година треба да бидат објавени и резултатите од големиот експеримент кој тестира две спротивставени хипотези за природата на свеста. Дебата за “Тајните на свеста” своевремено на страниците на ЕМИТЕР водеа Симјаноски и Филевски, а во одделен напис пишуваше и Петар Лагудин (види тука)

 

Година на суперкомпјутери

2024 година светлоста на денот ќе ја видат три суперкомпјутера –  Јупитер (Jupiter), европскиот суперкомпјутер способен да врши милијарда милијарди пресметки во секунда, а ќе се користи за создавање „дигитални близнаци“ на човечкото срце и мозок, како и за симулации на климата на Земјата; Аурора (Aurora) и Ел Капитан (El Capitan), кои треба да бидат поставени и активирани (соодветно) во Националната лабораторија Аргон (Илиноис) и во Националната лабораторија Лоренс Ливермор во Калифорнија. Овие два суперкомјутера ќе се користат за рекреирање на мапи на човечки нервни кола и за симулирање на ефектите од нуклеарни експлозии.

Клучни зборови: