Првиот воопшто кинески месечев ровер од викендов се тркала по површината на Месечината. По успешното одвојување од лендерот роверот започна да ја истражува локацијата на којашто слета во Заливот на виножитата. Лунарниот лендер Чанг'е 3 пристигна на Месечината во сабота (14 декември), во 9 часот и 12 минути по пекиншко време, со што Кина стана третата земја во светот која успеала да постигне ваков успех по поранешниот Советски Сојуз и Соединетите Американски Држави. Лендерот го испорача и неговиот драгоцен товар, роботскиот ровер Јуту (Килибарен зајак) којшто ја започна неговата неколкумесечна планирана мисија.
Слетувањето беше потврдено и од страна на кинеската Национална астрономска опсерваторија чијшто претставник и член на Кинеската академија на науките, Жен Јонг-Чун го објави успехот: "Чанг'е 3 денес успешно слета на површината на Месечината". Местото на слетување во Sinus Iridum (латински за Заливот на Виножитата), е регион долж северниот дел на Mare Imbrium (Море на дождовите) на северната хемисфера на Месечината.
Лендерот Чанг'е 3, тежок 1 тон, се спушти на Месечината со помош на автоматска контрола и стана првото вселенско летало, по советската Луна во далечната 1976 годнина, кое успешно изведе меко спуштање на Месечината на овој начин. Процедурата беше следна: Лендерот лебдел на висина од околу 100 метри над лунарната површина додека го скенирал тлото за место кое е безбедно за слетување. Откатко го открил, лендерот го исклучил моторот. по што со слободен пад стигнал до површината, дочекувајќи се "на нозе".
Неколку часа по слетувањето беа отклучени тркалата на Јуту со активирање на контолирани мини-експлозивни уреди, по што роверот ги рашири неговите соларни крила и го исправи "јарболот" преплавен со инструменти. Потоа беше повлечен и кабелот кој ги поврзуваше роверот и лендерот. По сево ова конечно беше поставена и рампата по која Јуту се спушти на површината од Месечината.
Лендерот со себе носи научна опрема за набљудување на Земјата, но и на другите небесни тела и е замислено да може да работи во наредните 12 месеци. И роверот и лендерот од мисијата Чанг'е 3 допрва ќе се справуваат со лунарната ноќ и ниските температури кои таа ги носи. Роверот Јуту тежи околу 140 килограми и е опремен со повеќе научни инструменти меѓу кои навигациска и панорамска камера, како и камери за детектирање на пречките кои може да се најдат на неговиот пат. Роверот се движи со помош на сончева енергија и е направен така да хибернира за време на лунарната ноќ и може да преживее три екстремно студени месечеви ноќи.
Повеќе за мисијата Чанг'е 3 и кинескиот месечев ровер можете да дознаето во најновиот, декемвриски, број на ЕМИТЕР.