Рубрика: Астрономија и астронаутика
Кинеската месечева мисија Чанг’е 5 на полпат кон успех
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 04.12.2020 - 15:30

Уметничка визија за лансирањето на капсулата со примероци назад кон Земјата

Како што јави Кинеската вселенска агенција, во четврток вечер вселенската сонда Чанг 5 (Chang’e 5) тргна назад кон Земјата со скапоцениот товар од примероци од месечеви камења безбедно сместен во нејзината внатрешност.

Чанг 5 е трето вселенско летало на Кина кое слета на Месечината и успешно се лансираше од нејзината површина . Сондата во вторникот слета во Oceanus Procellarum (Океан на бурите), на поблиската страна од Месечината. Мисијата на сондата беше да се соберат околу 2 килограми материјал од површината на Месечината и да се вратат на Земјата. Тоа ќе биде прво враќање на примероци од месечевата површина по 1976 година, од последната успешна мисија на Советската сонда Луна 24 која врати на Земјата 170 грама месечев материјал. Местото на коешто слета сондата е блиску до вулканската формација Mons Rumker, каде се претпоставува дека е можно да има карпи кои се неколку милијарди години помлади од примероците што беа донесени на Земјата при претходните мисии.

Капсулата полета од површината на Месечината некаде по 11 часот навечер по Пекиншко време, односно околу 16 часот по наше македонско време, по што треба да се сретне со другиот дел од сондата којшто остана во лунарната орбита. Капсулата ќе го префрли запечатениот “пакет“ со собраниот материјал во делот од сондата што треба да се врати назад на Земјата. По префрлувањето на скапоцениот товар модулот со материјалот, месечевата капсула ќе биде исфрлена, а сондата со материјалот ќе остане уште една недела во орбита околу Месечината, чекајќи го најпогодниот момент за оптимален лет кон Земјата.

Според Кинеската вселенска агенција, сондата со примероците треба да се приземји некаде во рамнините на Внатрешна Монголија кон средината на овој месец. Месечевиот лендер Чанг 5 којшто остана на  површината од месечината, имаше можност да пробие до 2 метри под површината и да собере примероци од неа. Лендерот беше опремен и со соодветна видео опрема што овозможи интензивно фотографирање на месноста од каде се земени примероците, мапирање на условите под површината со помош на радар и анализа на составот на почвата во поглед на присуство на одредени минерали и вода.

Чанг 5 ги заживеа шпекулациите за иднината на кинеските мисии на Месечината – можеби испраќање на космонаути, или како што тие ги нарекоа “таjконаути“, на површината на Месечината, па дури и можна градба на научна база, но засега од Кинеската агенција нема некој конкретен датум до којшто тие очекуваат дека би можеле да се остварат овие амбиции.

Во 2011 година кинезите ја лансираа својата прва привремена орбитална лабораторија, а во 2016 година ја поставија и втората. Според нивните планови, по 2022 година тие би требале да остварат постојана орбитална всленска станица која би била опслужувана од вселенско летало за повеќекратна употреба.

Интересно е и што иако Кинеската вселенска агенција работи на продлабочување на спработката со Европската но и другите вселенски агенции, засега соработката со НАСА е мошне ограничена што се должи на американските сомнежи во искреноста на соработката, кои се подгреани од малата транспарентност на проектите и блиските врски на кинеската вселенска програма со војската.

Клучни зборови:
Уметничка визија за лансирањето на капсулата со примероци назад кон Земјата

Уметничка визија за лансирањето на капсулата со примероци назад кон Земјата (фото; Кинеска вселенска агенција)

Фотографијата направена од камерите на лендерот Чанге јасно го покажува успешното лансирање на капсулата во месечевата орбита

Фотографијата направена од камерите на лендерот Чанге јасно го покажува успешното лансирање на капсулата во месечевата орбита (фото; Кинеска вселенска агенција)

Собирањето примероци од површината на Месечината низ окото на камерите на Чанге 5

Собирањето примероци од површината на Месечината низ окото на камерите на Чанге 5 (фото; Кинеска вселенска агенција)