Според веќе востановената практика, со речиси секоја нова вселенска мисија НАСА им дава можност на сите во светот да испратат дел од себе во вселената. Овојпат се работи за мисијата на леталото Клипер што следната година треба да се упати во правец на јупитеровата месечина Европа. Со кампањата именувана “Порака во шише” секој што сака може да го испрати своето име на пат низ Сончевиот систем, сѐ до овој воден свет прекриен со ледена покривка.
Главната научна цел на мисијата Европа Клипер е да утврди дали океанот под ледената покривка на Европа може да поддржи живот. Трите главни научни цели на мисијата се: утврдување на дебелината на ледената обвивка на месечината и нејзините површински интеракции со океанот под неа, испитување на неговиот состав и одредување на неговата геологија. Од ова детално истражување научниците очекуваат да добијат подобар увид и разбирање на астробиолошкиот потенцијал на другите световите со можност за поддршка на живот.
„Порака во шише“ е продолжување на долгата традиција на НАСА за испраќање на инспиративни пораки со вселенските летала што го истражуваат нашиот Сончев систем и вселената, воопшто. Програмата има за цел да ја поттикне имагинацијата на луѓето ширум светот, слично како што тоа беше направено со мисиите Војаџер во 1977 година и испраќањето на своевидна временска капсула – златна плоча на која беа впишани звуци и слики што ја рефлектираат различноста на животот на Земјата.
За “пат” до месечината Европа досега се пријавиле преку 700 000 луѓе од секаде низ светот. Откако ќе се соберат сите имиња, техничарите во Лабораторијата за микроуреди при Лабораторијата за млазен погон (JPL) на НАСА во Јужна Калифорнија, ќе ги впишат со електронски зрак во силиконски микрочип што ќе биде прикачен за метална плоча врежана со оригиналната песна „Во чест на мистеријата“ (In Praise of Mystery), напишана од американската поетеса Ада Лимон токму за одбележување на оваа мисија. За време на блиската средба на Клипер со Европа и планираните 50 ниски прелети над нејзиниот океан, поемата и имињата на сите пријавени ќе бидат прикачени за надворешноста од вселенското летало, како своевидна порака во шише. Секоја линија од текст впишан на микрочипот ќе биде е помала од 75 нанометри, што е илјадити дел од ширината на влакно од човечка коса.
Мисијата ќе помине околу 800 милиони километри за време на овие орбити, додека корисниот товар од научни инструменти собира податоци за подземниот океан на Европа, за нејзината ледена кора и за атмосферата, со цел да се утврди дали месечината може да поддржи живот.
Европа Клипер е сѐ уште во просториите на JPL. Штом заврши неговото склопување, орбитарот ќе биде испратен во вселенскиот центар Кенеди на НАСА во Флорида за да се подготви за лансирањето закажано во октомври 2024 година. Краен рок за приклучување на кампањата „Порака во шише“ (и испраќање на вашето име до Јупитер и неговата месечина Европа) е 31 декември оваа година, до 5 часот и 59 минути по македонско време.
За да го испратите и вашето име одете на go.nasa.gov/messageinabottle
Веб-страницата им овозможува на учесниците да создадат и преземат и дигитален сувенир – илустрација со вашето име врз порака во шише. Од НАСА ги охрабруваат учесниците да го споделат своето искуство и ентузијазам на социјалните медиуми користејќи го хаштагот #Sendyourname.