Како што веќе пишувавме, значителни количини микропластика беа детектирани во воздухот на врвот од Пиринеите, во навидум чиста околина. Сега научниците го свртеа погледот во длабочините на светските мориња и океани.
Претпоставувам дека досега сте виделе слика од непрегледните купишта ѓубре што пливаат по океанските пространства. Но, се чини дека тие се само видливиот дел од проблемот со пластичниот отпад во светските океани. Пластични ќесиња се забележани и буквално на дното од океанот, дури и во најдлабоката точка на Земјата Маријанскиот Ров.
Неодамна спроведените истражувањата за присуството на микропластика во океанските води во крајбрежјето на Калифорнија, откриваат дека таа е најприсутна неколку стотина метри под површината. Вака барем се вели во извештајот од истражувањето објавен минатата недела во Scientific Reports.
Научниот тим земал примероци од водата во заливот Монтереј, почнувајќи од 5 метри длабочина, па сè до 1 000 метри. Тимот ги измерил и загадувачките материи присутни во цревата на 24 пелагични црвени ракови и во осум мукусни филтри на гигантските ларвеани. Обата организма се хранат со органски честички со приближно иста големина како и микропластиката.
Концентрацијата на честичките на длабочина од 1000 метри била приближно иста како и на длабочина од пет метри, или во просек околу три честички на кубен метар. Но, некаде на длабочина од 200 до 600 метри била забележана поголема концентрација на пластика во водата, од 10 до 15 честички на кубен метар.
Хемиските анализи на овие честички покажале дека пластиката потекнува од најчесто користените потрошувачки производи, како што е пет-амбалажата, односно шишиња, амбалажа и текстил за еднократна употреба. Присуството на пластика што се користи во риболовната опрема, којашто често се среќава во поголемите купови пластика во океаните, било мошне ретко.
Како што забележуваат истражувачите секој од мукусните филтри на гигантските ларвеани и сите испитани пелагични црвени ракчиња содржеле микропластика. Сосема е можно овие мали суштества коишто со храната ги внесуваат честичките микропластика, понатаму да ги шират загадувачите и во други поголеми предаторски животни, како што се туната и желките. А оттука на крајот од синџирот на исхрана може да заврши и во нашиот стомак, за што пишувавме тука.
Како што предлага Анела Чој, коавтор на трудот и океанограф при Институтот за океанографија Скрипс во Ла Џола, Калифорнија, од особена важност е спроведувањето на вакви истражувања на повеќе длабочини и во други региони на светот. На тој начин ќе може да се добие појасна слика за распределбата на микропластиката во океаните што понатаму ќе помогне да во создавањето на соодветна стратегија во чистењето на океаните од пластиката, стратегија којашто нема да го собира ѓубрето само од површината на океаните.