Во големото синило микропластиката стана сеприсутна, од длабочините на Маријанскиот Ров па сè до замрзнатите води на Антарктикот – ја има секаде и во најдалечните мориња и океани. Сега, истражувачите откриваат дека микропластиката ги освојува и височините – микронски парчиња микропластика се откриени на Пиринејските Планини.
Во повеќе истражувања веќе се докажа дека микропластиката, толку ситна што човекот може да ја внесе преку храната и да ја вдише со воздухот, може да се крене високо во атмосферата и да падне назад на тлото во градовите од каде што потекнува. Но, сè досега, научниците сметаа дека оваа пластика не може да отпатува предалеку од нејзиниот извор.
За да дознаат колку навистина може далеку да одлета пластиката, истражувачите во текот на 5 месеци ги собирале наталожените честички што паѓале од небото во вид на прав, или заедно со дождот и снегот. Талогот бил собиран во метеоролошката станица Бернадуз сместена на Пиринеите, југозападна Франција, којашто е оддалечена 100 километри од најблискиот град. Но, се покажало дека дури и за ваквата изолирана локација нема спас од пластиката.
Во талогот била пронајдена пластика којашто во најголем дел била од типот што се користи за еднократна употреба при пакувањето на стока во превозот. Врз основа на анализите на примерокот, авторите утврдиле дека секојдневно на површина од еден метар квадратен на уредот за собирање во просек паѓале околу 365 пластични честички. Ако оваа количина се спореди со количината на микропластика во воздухот измерена во остатокот од земјата, проценките на истражувачите се дека на годишно ниво Франција ја покриваат околу 2000 тони пластика. Резултатите од истражувањата се објавени во Nature Geoscience.
Компјутерските симулации одат во прилог на тезата дека наталожените парченца, филмови и влакна од пластика, веројатно потекнуваат од градовите, што укажува на тоа дека микропластиката прелетала најмалку 100 километри пред повторно да падне на Земјата. Но, истражувачите предупредуваат дека овие малечки честички од микропластика се во состојба да отпатуваат и многу подалеку. Слично како што на Пиринеите се пронајдени честички од песок од пустината Сахара, така, на пример, микропластиката, којашто е двојно помала и полесна од песокот, може да отпатува уште подалеку.
Ситните парчиња пластика, што можат да се движат во воздухот помогнати од атмосферските струења, се толку малечки што е практично невозможно да се исчистат, велат истражувачите. Единствено остварливо решение за надминување на овој проблем е производството на помалку пластика. Дотогаш истражувачите планираат да продолжат со нивната детективска работа, следејќи го движењето на микропластиката низ атмосферата и пронаоѓајќи го нејзиниот извор.