Во почетокот на декември 2018, Кина успешно го лансираше орбиталното летало Chang'e-4, со роверот Yutu-2, кое на 3 јануари се спушти на подалечната Месечева половина, невидлива од Земјата. Да објасниме, Месечината секогаш е свртена кон Земјата со истата нејзина половина, додека другата половина е постојано свртена спротивно од Земјата, па поради тоа е “невидлива”. Мисиите Аполо сите беа планирани и реализирани на видливата половина на Месечината, но Кина е првата земја којашто реализирала мисија на спротивната, т.е. невидливата Месечева половина, и со тоа таа стана првата земја што “стапна” на невидливата Месечева половина.
Кинескиот лендер Чанг-е 4
Зацртаниот план на мисијата беше да се тестира однесувањето на растенијата во услови на слаба гравитација и долго времетраење на денот и ноќта на Месечината. За таа намена, роверот е опремен со контејнер во кој, покрај “атмосфера” со кислород, во земја донесена од нашата планета се посадени семки од памук, компир, квасец и јајца од винска мушичка. Камерата во контејнерот покажа дека само памукот пуштил никулци, додека останатите семиња се исушиле. Оваа вест сите светски медиуми ја објавиja како сензација, имено, како прво одгледување на органска супстанција на Месечината. Проблемот настанал веднаш по спуштањето на Месечината бидејќи контејнерот, поради непознати причини, не успеал да одржува константна температура, па се случувало температурата во него да се искачува до 30 степени, што е превисока температура за никнење и развој на растенијата. Така, по девет дена експериментот предвремено го прекинале. Инаку, експериментот требало да трае 100 дена. Сепак, експериментот со семињата покажа значајни нови сознанија за евентуално одгледување растенија надвор од Земјата.
Развојот на памуковото стебленце во денови
Мисијата Chang'e-4 е прва во серијата од вкупно 5 такви мисии, а објаснувањето на планот ни го дава Ву Јанхуе (Wu Yanhue), помошник шеф за реализација на серијата: “До крајот на годинава, Кина планира реализација на следната мисија Chang'e-5, која ќе се придружи на претходната мисија, потоа следуваат две нови мисии, Chang'e-6 и Chang'e-7, наменета за собирање примероци и детални истражувања на месечевиот Јужен пол и на крајот е планирана мисијата Chang'e-8, наменета за прелиминарни истражувања за изработка на меѓународен проект за градење база на Месечината и за тестирање на технологијата за нејзината градба”.
Обемна програма, па ќе чекаме на нејзината реализација!