По 3300 години, големиот фараон Рамзес II „воскресна“ со помош на археологијата, физичката антропологија, литературните извори и современите техники за обработка на слики. Најпознатиот египетски фараон умрел на 90-годишна возраст, оставајќи зад себе мноштво жени и деца, храмови и освојувања, свесен дека го направил Египет поголем. Но, без да знае дека и тој ќе стане негативен лик во библискиот наратив. Имено Рамзес II бил идентификуван од грчкиот епископ Евсебиј од Цезареја (265-340 н.е.) како фараонот кој не сакал да го пушти еврејскиот народ на слобода во Книгата на егзодусот, и кој затоа бил казнет од познатите „чуми“.