Длабоко сме навлезени во периодот на кога од сите страни не дочекува музика со божиќни теми. Познатата збирка од сентиментални мелодии го презеде етерот и се филтрира низ звучниците во кафулињата уште од почетокот на декември, а за нас тука, на Балканот, овој ‘саундтрак’ ќе продолжи да се врти речиси до половината на месец јануари. Но, што е тоа што ја прави божиќната музика толку посебна? Иако одговорот на некој начин се чини очигледен, празничните песни поседуваат неколку изненадувачки карактеристики што ни откриваат толку многу за нас, но и за нашите зимски традиции.