Рубрика: Енергетика
Sustainable Energy Day на ФЕИТ
Објавено на 01.07.2024 - 10:45

На 20 јуни во Центарот на трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) се одржа настанот „Ден на одржлива енергија“. Еднодневниот настан се реализираше како дел од глобалната иницијатива на Европската комисија – Денови на одржлива енергија (Sustainable Energy Days), а нивна цел е промоција на користење на чиста енергија и енергетска ефикасност.

На овој настан беа презентирани проектите поврзани со енергија и одржливост на кои работи кадарот на ФЕИТ, а кои се финансирани од различни програми на ЕУ. Имаше одлични презентации на проектите TRANSIT, INITATE, evolvEV, R2D2 и SEETheSkills , а се разменуваат и искуства и идеи за понатамошна соработка.


 

Во рамки на настанот, беа доделени и награди, кои се дел од проектните активности на проектот TRANSIT, и тоа за најдобар детски цртеж, за најдобра магистерска работа од областа на транзиција кон одржлив развој и/или обновливи извори на енергија и за компанија која дала најголем придонес за кон одржливоста и искористувањето на обновливи извори на енергија.

Настанот беше искористен и за да се прикажат и активностите на студентите на ФЕИТ. Презентиран беше студентскиот проект со наслов „Integration of Green Hydrogen and PV Technologies for Sustainability in Healthcare“ од студентите Емилија Зумрова, Емилија Чешмеџиевска, Ана Ѓорѓиева, Павел Тасевски и Никола Тасевски. Целта на проектот е развивање на концептуално решение за хибриден систем составен од фотоволтаични панели и горивни ќелии. Овој концепт овозможува производство на „зелен водород“ и кислород кој би се користел во Институтот за белодробни заболувања кај децата – КОЗЛЕ. Овој студентски проект е пример за интердисциплинарен пристап за зачувување на животната средина и технолошки напредок во здравствениот сектор.

Како дел од настанот, поканети беа и студентите да придонесат со своите иновативни идеи и решенија за воведување на нови одржливи практики на факултетот. Притоа беа презентирани две идеи: „Енергетски одржлива теретана на ФЕИТ“, од студентите Марко Доневски, Елена Тодорова, Викторија Пројкова и Матеј Дабески; и „Интеграција на фотобиореактори во фасадата на зградата на ФЕИТ“, од студентите Стефанија Лазаровска, Бојана Илиева и Методија Михајловски. Обете идеи наидоа на одличен прием од присутните на настанот, дополнително и поради фактот што студентите кои ги презентираа своите идеи се од втора студиска година.

Настанот имаше за цел да придонесе кон зголемување на видливоста за одржливи и зелени практики во нашето живеење и работење, како и да се соберат и имплементираат креативни, остварливи и интердисциплинарни решенија кои ќе придонесат ФЕИТ да стане модел за енергетска ефикасност и одржливост во нашата заедница.

Настанот беше поддржан од ФЕИТ и Македонската секција на ИЕЕЕ.

 

Преземено од ФЕИТ

Клучни зборови: